Од „американски мир“ до светски хаос
Трамп и Маск се решени да ја срамнат секоја институција, било национална или меѓународна, која сѐ уште се обидува да ги одржи во живот соработката, мирот и солидарноста. Дали е ФАО, ООН, УНЕСКО, СЗО, Меѓународниот суд на правдата или УСАИД, невладините од секаков тип, левичарските или либералните влади, ЕУ како наднационална организација, секоја експресија на нешто солидарно, волонтеристичко или братско, за нив е деклариран непријател. Веројатно светот или во најмала рака Европа, ќе мора да смислат некаков заеднички отпор на сето тоа.
Со серија небулозни во формата, но битни во суштината изјави и досега невиден број извршни декрети Доналд Трамп ги демонтира и испревртува каноните на американската надворешна политика. Неговите намери околу најголемите светски кризи, како и околу американската внатрешна криза сѐ уште не се прејасни за конечно дешифрирање на неговата надворешна политика, но некои нешта полека стануваат појасни, пишува Ивор Мицковски во колумна за Дојче веле.
Како прво, стануваме свесни за систематската употреба на трансакциската и билатерална логика на односи, како кон непријателите, така и кон сојузниците. Потоа, тука е неговиот брутален пристап кон партнерите или противниците, со намера истите да се убедат дека правилата на игра се променети, па оттука Трамп да направи сосема нова селекција на свои партнери, сојузници и непријатели. Конечно, тука настапува и свеста дека САД со Трамп ќе ја употребуваат својата моќ на многу поинаков начин од тоа како дејствуваа од 1945-та досега, каде приоритетот ќе биде поставен пред сѐ врз економската моќ, а потоа најверојатно и врз воената.
Оттука, без разлика дали се работи за купување на Гренланд, преземање на Панама, припојување на Канада или трансформирање на Газа во „Блискоисточна Ривиера“, позади неговиот дивјачки пристап сепак постои некаков метод и логика, се разбира извртена и луда, но за која Трамп смета дека игра или ќе игра во полза на неговите политики и цели.
Истото важи и за „најглупавата трговска војна“, како што ќе ја нарече „Волстрит журнал“, околу неговите намери да воведе казнени царини за Кина, Канада и за Мексико, кои во меѓувреме, сепак, кон Мексико и Канада беа одложени за еден месец. Затоа што зад ваквите одлуки не постои речиси никаква економска мотивираност, камоли исплатливост, туку напротив, целите на Трамп се комплетно политички.
Америка на Трамп не сака сојузници
Целта на Трамп е да ги затвори границите на САД за нелегалната имиграција, комплетно да ги отсече картелите на дрогата, и некако да ја исконтролира кинеската пенетрација во дворот на Вашингтон. Оттука, или Канада и Мексико ќе соработуваат, како и Колумбија во минатото, или ќе добијат царини. Со други зборови Трамп во западната хемисфера претендира сопствена сфера на влијание и интерес, со што се повикува на политиките од крајот на 19-ти век на претседателите Мекинли и Теодор Рузвелт и на тој начин ја проширува и надградува Доктрината Монро. Поинаку кажано, Америка на Трамп во својот двор или соседство не сака сојузници, туку приврзаници, односно, држави-сателити. Тоа значи дека според надворешната политика на Трамп 2, Америка треба својата компаративна сила и предност да ја реализира, проектира или одржува пред сѐ на континентално ниво, а дури потоа и на светско ниво.
Во однос на остатокот на светот, логиката е нешто поинаква. Сеедно дали станува збор за ЕУ или пак за Кина, Трамп ги употребува царините како средство за урамнотежување на меѓународните трговски односи и за намалување на дефицитот на американскиот платен биланс. Дел од таа политика е за домашна употреба и треба да му послужи за да може да се нафати со даночни кратења или за да ја зајакне домашната индустрија и мануфактура преку заштита на „Made in USA“.
Ние први и напред, вие останатите позади или против нас!
Дел пак е за надворешна употреба, како последица на децениското убедување на Трамп и тие околу него, дека актуелниот светски поредок, изграден и гарантиран од САД после Втората светска војна, во суштина премногу ја чини и ја ослабнува Америка, за сметка на сојузниците и ривалите. Тука лежи можеби најголемиот превид на Tрамповата надворешна политика и оттука произлегува и причината зошто Трамп не гледа голема разлика помеѓу сојузниците и противниците. Во неговиот свет сите се непријатели затоа што сите наводно ја злоупотребуваат дарежливоста на Америка.
Така станува јасно дека детерминирана од внатрешната криза на САД и нејзината егзистенцијална борба, повторно, пред сѐ со самата себе, добиваме еден светски ексцес на хаос. Тој хаос, кој извира од хегемонската транзиција на Америка, неминовно ќе се прошири кон остатокот од светот, будејќи којзнае какви идни демони. Зборуваме за процес којшто ќе потрае, затоа што првата светска сила на светот не може одеднаш да се стопи како Снешко на пролетното сонце, особено не, кога таа сила го има капацитетот да го повлече остатокот од светот со себе. Оттука и гледаме дека Америка своите внатрешни болести се обидува да ги излечи преку своите односи со остатокот од светот, пред сѐ преку враќање и воспоставување на природниот тек на нештата. А за Америка тој природен тек гласи: Ние први и напред, вие останатите позади или против нас!
Во таа логика на нештата е убедена актуелната победоносна комбинација од постлиберални елити или технокапиталисти без инхибиции и скрупули, анархо-авторитарни хибриди поддржани од одмаздничкиот бес на средно ниските класи и категории исфрустирани од глобализацијата, од страниците кои не може да се асимилираат според „Wasp“ догмата, и од пропаста на нивниот стил на живеење. Овој чуден меланж и коалиција од луѓе и категории го пронајдоа во Трамп својот шампион и Месија. Проповедникот на новиот „комон-сенс“ и мајсторот на симплификацијата преточена во политика. Трамп е инкарнација на „страотниот поедноставувач“, архетипот на демагогот кој е непомирлив со воспоставените правила, принципи и вредности, евоциран со страв уште од 19-век од страна на историчарот Јакоб Буркхарт.
Европа е таа којашто најмногу ризикува
Доаѓаме до сржта. „Пакс Американа“, која преовладуваше над светските прашања од крајот на Втората светска војна, е мртва. Се збогуваме со „американскиот мир“ кој се однесуваше на меѓународниот поредок што САД го изградија по Втората светска војна и децениите на релативен мир и просперитет што следуваа под САД и нивното економско и воено раководство на слободниот свет, и покрај контекстот на Студената војна со заканата од Советскиот Сојуз.
Америка на Трамп повеќе не е расположена да го гарантира стариот либерален светски поредок, туку напротив, сака во најголем дел да се ослободи од тој „товар“, затоа што смета дека трошоците ги надминуваат бенефициите. Но, еднаш на тој пат, Америка и самата станува ревизионистичка сила, како што на свој начин и преку сосема поинакви форми и цели, веќе од поодамна се и Русија и Кина. Единствената сила, ако сѐ уште може да ја наречеме сила, која не припаѓа на оваа група е Европа и ЕУ. Единствената тревопасна сила меѓу глобалните карнивори. Од тие причини Европа е таа којашто најмногу ризикува, затоа што живее во минатото и сѐ уште се потпира на еден поредок кој веќе не постои, а притоа е неподготвена за светот кој веќе се наметнува – каде моќта вреди многу повеќе од правилата.
Неверојатно, но вистинито! Дојдовме до состојба каде од судбината на еден поединец и мала група олигарси околу него, ќе зависи и судбината на најголемата нација и на целиот свет. Тоа е доказ колку е длабока американската криза и колку е структурална нивната емотивна опустошеност. Бунтот и револуцијата на една банда безобразно богати и аздисани од пари, но возбудени од моќта и доминацијата, успеа да ја доведе и најмоќната држава на светот, на работ од самоубиство.
Трамп и Маск се решени да ја срамнат секоја институција, било национална или меѓународна, која сѐ уште се обидува да ги одржи во живот соработката, мирот и солидарноста. Дали е ФАО, ООН, УНЕСКО, СЗО, Меѓународниот суд на правдата или УСАИД, невладините од секаков тип, левичарските или либералните влади, ЕУ како наднационална организација, секоја експресија на нешто солидарно, волонтеристичко или братско, за нив е деклариран непријател. Веројатно светот или во најмала рака Европа, ќе мора да смислат некаков заеднички отпор на сето тоа.
Во спротивно, ќе бидат проголтани од американскиот хаос.