СТУДЕНТИТЕ ОРГАНИЗИРАА МАСОВЕН ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК Вучиќ ќе формира „народно движење за иднината на Србија“
Додека студентите одржаа масовен митинг и марш низ Белград, српскиот претседател, Александар Вучиќ на голем митинг во Јагодина рече дека Србија е „нападната и однадвор и одвнатре“, а протестите и студентски блокади ги осуди како обиди за доаѓање на власт преку „злоупотреба на децата“.
Во Србија денеска се одржа генерален штрајк или „општа граѓанска непослушност“, на повик на студентите, кои со недели протестираат и бараат одговорност за уривањето на настрешницата во Нови Сад, при што загинаа 15 лица. Илјадници луѓе се собраа во Белград.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, одржа митинг во Јагодина, каде исто така, имаше илјадници луѓе. Тој повика на формирање широко „народно движење за иднината на Србија“, истакнувајќи дека Србија е „нападната и однадвор и одвнатре“, а протестите и студентски блокади ги осуди како обиди за доаѓање на власт преку „злоупотреба на децата“.
Студентите во средата повикаа: „Не одиме на работа, не одиме на часови, не ги извршуваме секојдневните обврски. Ја земаме слободата во свои раце. Вашето учество прави разлика“.
Поддршка на акцијата дадоа бројни компании, здруженија и политички партии.
Трговските центри функционираа, но беа полупразни поради отежнатото движење, водечките театри ги откажаа претставите, а адвокатите ја прекинаа работата на три дена.
За време на протестот, една жена со својот автомобил влета во толпа граѓани во Нов Белград и повреди студентка. Полицијата ја уапси, а суд ѝ одреди притвор.
Студентите најавуваат дека граѓанската непослушност ќе продолжи. Тие најавуваат настан за во понеделник, 27 јануари.
На масовниот митинг на неговите поддржувачи во Јагодина, Вучиќ рече дека „речиси заплакал“ кога видел „дека во ваков тежок момент толку многу луѓе сакаат да ја бранат својата земја“.
Претседателот повика на дијалог со студентите кои протестираат, барајќи да ги истакнат конкретните проблеми, за да може да се најде решение.
– Кажете што не е исполнето – рече тој.
Шефот на српската држава изјави дека „сè додека е претседател на Србија, нема да воведува санкции против Русија или другите пријатели на Србија“.