ДАЛИ ЅВЕРОВИТЕ ГО МИРИСААТ СТРАВОТ ИЛИ СТРАВОТ СОЗДАВА ЅВЕРОВИ ВО УМОТ НА ИСПЛАШЕНИОТ? Европа оди по лизгав терен за да го избегне гневот на Трамп
САД решија да водат неверојатно доминантна политика преку доларот, индустриската политика, како и преку нивната способност да привлечат глобални инвестиции и истражувања. Ако не преземеме никакви чекори, нашата судбина ќе биде многу едноставна: ќе бидеме доминирани. Ќе бидеме прегазени. Ќе бидеме маргинализирани, изјави францускиот премиер, Франсоа Бајру, пред новинарите во градот Пау, каде што им се обрати на претставниците на локалните власти.
Доналд Трамп дојде на власт, а многу од неговите ветувања ги исполни уште на самиот ден на инаугурацијата, постапка што им влева страв на многу европски лидери кои се свесни дека Европа може да влезе во политичка и во економска криза, со оглед на фрагилната состојба на светската политичка сцена која е разнишана од војната во Украина и од конфликтите на Блискиот Исток.
Пратениците на Европската Унија денеска ќе дебатираат за да најдат начин како да се справат со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа и со бурните напади на неговиот сојузник милијардер, Илон Маск, поради можната закана за влошување на односите со ЕУ и за намалување на воената помош за Украина и за земјите во Европа.
Пратениците на ЕУ ќе дискутираат за тие прашања, додека блокот од 27 нации оди по тенка линија помеѓу чувањето на своите интереси и избегнувањето на гневот на американскиот лидер. Пратениците ќе дебатираат дали ЕУ може да се соедини во спротивставувањето на жестокоста на Вашингтон.
Нивната дебата во Европскиот парламент во Стразбур, еден ден откако Трамп положи заклетва под куполата на американскиот Капитол, треба да ги истакне тешките дилеми со кои се соочува стариот континент.
– Споделуваме многу работи со Американците, но во исто време не смееме да бидеме наивни. Не смееме да дозволиме нашите постапки да бидат диктирани од Доналд Трамп или од Илон Маск – предупреди Мари-Пјер Ведрен од центристичката група „Ренју“, објави Франс 24.
Но, самиот Парламент е поделен по ова прашање и за разлика од многу национални собранија, има мала моќ, особено во однос на надворешната политика.
Стравот се мириса оддалеку
Мнозинството парламентарци веројатно ќе го осудат „мешањето“ на најбогатиот човек на светот во европската политика откако Маск јавно ја поддржа екстремно десничарската партија АфД на претстојните избори во Германија.
Тие, исто така, ќе го засилат притисокот врз Европската комисија – извршното тело на ЕУ – за да ги запре социјалните медиуми, вклучително и Икс на Маск, доколку се утврди дека ги прекршуваат дигиталните правила на ЕУ.
– Кога ѕверовите мирисаат страв, тие напаѓаат со двојна жестокост – изјави социјалистичката пратеничка Лаура Баларин Череза, изразувајќи загриженост за слабиот одговор на блокот на упадите на Маск и на Трамп во европската политика.
Но, моќниот дует има многу поддржувачи и во Стразбур, каде што предизвикува фасцинација и воодушевување од некои членови на десницата.
Трамп може да ги прегази ЕУ и Франција
Францускиот премиер, Франсоа Бајру, веќе предупреди за ризикот од тоа Франција и Европската унија (ЕУ) да бидат „прегазени“ од најавената политика на американскиот претседател, Доналд Трамп, објави Барон.
– САД решија да водат неверојатно доминантна политика преку доларот, индустриската политика, како и преку нивната способност да привлечат глобални инвестиции и истражувања. Ако не преземеме никакви чекори, нашата судбина ќе биде многу едноставна: ќе бидеме доминирани. Ќе бидеме прегазени. Ќе бидеме маргинализирани – изјави францускиот премиер пред новинарите во градот Пау, каде што им се обрати на претставниците на локалните власти.
Тој додаде дека останува на Французите и на Европејците да решат како ќе реагираат.
– Инаугурацијата на Доналд Трамп не ни поставува прашања, туку ни создава одговорност – додаде францускиот премиер.
Тој потсети на „моќта на Кина“, која во декември го премина прагот од 1.000 милијарди долари трговски суфицит.
– Франција и Европа денеска се соочени со два главни предизвици, со американскиот и со кинескиот предизвик – рече Бајру.
Мелони ќе биде мостот меѓу Трамп и Европската Унија
Сепак, потребен е начин на кој ЕУ и администрацијата на Трамп ќе преговараат по дипломатски пат, а според наклонетоста на Трамп, може да се заклучи дека италијанската премиерка можеби е кандидат за посредник меѓу Европа и САД.
Десетина пратеници отпатуваа во Вашингтон за да учествуваат на свеченостите, поврзани со инаугурацијата на Трамп, меѓу кои и Џорџа Мелони. Мелони се позиционирала како мост меѓу идната администрација на Трамп и Европската Унија, од која ниту еден од нејзините лидери не бил поканет на церемонијата – ниту претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, ниту претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, а ниту, пак, министерката за надворешни работи, Каја Калас, објави Гардијан.
Од Велика Британија дојдоа претставници на поранешната конзервативна влада, која лабуристите тешко ја поразија на изборите минатата година: краткотрајната премиерка Лиз Трас, поранешната министерка за внатрешни работи, Суела Брејверман, и поранешниот министер за одбрана, Лијам Фокс.
Од територијата на Европската Унија, од Германија, покани добија германскиот амбасадор Андреас Михаелис, претставникот на германските опозициски демохристијани, Јирген Харт, како и најмалку четворица претставници на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).
Кандидатката на АфД за канцелар, Алис Вајдел, отсуствуваше поради обврските во кампањата за претстојните избори, но присуствуваа најмалку тројца партиски функционери, вклучувајќи го и другиот лидер на партијата, Тино Чрупала.
АфД стекна голема популарност на територијата на поранешна Источна Германија, додека во некои региони од западниот дел на земјата се смета за екстремистичка, а под истрага е за сомнение за поттикнување омраза. Меѓутоа, мултимилијардерот Илон Маск, кој му е близок соработник на Доналд Трамп, неодамна јавно ја поддржа оваа партија.
Меѓу гостите беа и аргентинскиот „анархо-капиталистички“ претседател Хавиер Мили, кој се смета за миленик на Трамп, и конзервативните претседатели на Ел Салвадор и на Еквадор, Најиб Букеле и Даниел Нобоа.
Поканет беше и поранешниот тврдодесничарски бразилски претседател, Жаир Болсонаро, но властите не му дозволија да ја напушти земјата бидејќи му беше одземен пасошот зашто е под истрага.
Како што пренесува Гардијан, на церемонијата присуствувале неговата сопруга Мишел и синот Едуардо, додека, пак, Болсонаро наводно ги испратил во солзи, бидејќи добил покана, но не можел да присуствува.
Иако Трамп има срдечни односи со рускиот претседател Владимир Путин, на церемонијата во Вашингтон беа двајца негови истакнати противници: рускиот опозиционер Михаил Ходорковски и поранешната грузиска претседателка, Саломе Зурабичвили.
Ова покажува дека сѐ повеќе расте пријателствто на Доналд Трамп и на Илон Маск со европските политичари кои се наклонети кон десницата.
Пример за тоа се одлуките на екстремно десничарските пратеници, чиешто влијание се зголеми по европските избори во јуни, а кои ги отфрлија повиците до Комисијата цврсто да го примени Законот за дигитални услуги – значајните правила на ЕУ за справување со нелегални и со штетни активности на интернет – што би можело да го стави Маск во ризик од големи казни.
– Ние сме навикнати да гледаме ваков тип на цензура во Кина или во Куба. Навистина е вознемирувачки да се види како ова се случува сега во Европа – рече портпаролот на групата „Патриоти за Европа“, Алонсо де Мендоза Асенси.
Инаку, според некои проценки, Маск веќе некое време се обидува да изгради база на политичка моќ во Европа, слично како во САД, уште претходно, со неговото активно учество во кампањата на Доналд Трамп.
Маск применува тактика за промоција на своите фаворити преку провокативни изјави, обидувајќи се да ја зголеми нивната популарност.