ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОД УЈП ВО ПЕТОКОТ ГИ ДОБИЛО ДОКУМЕНТИТЕ ОД ФИРМИТЕ НА СТРУМИЧКИОТ БИЗНИСМЕН Јавниот обвинител не кажува дали кај Крмзов биле пронајдени дијаманти
Според државниот обвинител Љупчо Коцевски, првпат во предистрага се побарало одземање на пасош.
По првпат во предистрага обвинителството побара одземање на пасош, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Станува збор за предметот поврзан со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, за кој дел од медиумите пред неколку дена објавија дека има опструкции од страна на обвинителството, по претресите што се случија во септември. Според Коцевски, предметот сè уште е во предистрага, а документите од УЈП, како што тој тврди, ги добиле дури во петокот, односно четири месеци по големата акција.
– По наредба на Јавното обвинителство дури сега од УЈП извршени се контроли во речиси деведесет отсто од фирмите, и сега е доставена, точно, во 17 часот во петокот. Во однос на предистрагата само можам да кажам дека во моментот на претресите Јавното обвинителство побара од судот да му се одземе пасошот. Првпат можам да кажам е тоа досега, во предистрага да му се одземе пасош. Знаете, досега колку сме имале предистраги па ништо, не е одземен пасошот – вели јавниот обвинител.
Тој нагласи дека се работи за голем обем на докази.
На прашањето, дали при претресите навистина се пронајдени дијаманти, како што објавија некои медиуми, Коцевски одби да открие детали, а за тоа дали станува збор за кристали од лустер во познатиот ресторан „Вила парк“ во Струмица, јавниот обвинител додаде дека не може да тврди затоа што сè уште се е во сферата на предистрага.