Стопати повторената лага…
Сето ова е жално и говори за страотна неодговорност и опасно пореметени чувства и вредности. Наместо да се смогнат сили да се признае одговорноста, па и неукоста и неспособноста во дадени ресори и ситуации, да се демонстрира повисока свест за некаков јавен интерес и да се понуди дури и извинување на граѓаните за катастрофалните политики и криминалното минато, оваа некогаш партија се занимава со измислување лажливи трилер скаски во коишто, повторно, а поради нечија глупост, паѓа во сопствените стапици.
Стопати повторената лага – останува лага, и никогаш и никаде не станала вистина. Не само за историјата, инаку полна со лаги и лажговци многу поумни од овие од сектана викана сдсм (малите букви се одраз на нивниот повеќегодишен придонес за демократијата во земјава!), туку и за совремието. Или – особено за совремието. Впрочем, зарем нивните континуирани седумгодишни монструозни лаги и манипулации не ќе имаа поинаков ефект односно резултат од оној на последниве избори кога беа збришани од политичката сцена?
Но, интересно како таквите, во основа неспособни и неодговорни политиканти, никогаш не учат од сопствените грешки туку тврдоглаво продолжуваат со истите, секогаш барајќи оправдувања за поразите на некое тајновито место и во постапките на другите. И токму сега, очигледно, е во тек нова „програма“ на лаги викана „вистината за Македонија“, при што „реформираната“ и „консолидираната“ врхушка на сектата, после сите глупости, се впушта во нова скаламерија на спектакуларни измислици и теории. Безмалку секојдневното театрално појавување на нивните бивши одамна соголени министри на прес-конференции коментирајќи ги актуелните случувања во земјата или пак громогласните наслови во медиумите и порталите на нивните некогаш притаени квазиинтелектуални „кртови“ закитени со секакви титули, се само дел од таа акција. Останува непознато дали тие всушност се обидуваат да се самоамнестираат за сите криминали и штети што ги направија? Ама ни самоамнестијата, како и стопати повторената лага, не функционира на тој начин.
Како што се залудни и сите нивни обиди сега да се претстават поинаку, во стилот на онаа екс-министерка за животна средина која очигледно сега ја разбудиле и ѝ дале задача да нѐ убедува дека „Борбата против загадувањето мора да стане приоритет на власта која целосно го игнорира и не презема никакви мерки“, и дека не можело сега „граѓаните да се гушат, нивното здравје да биде под ризик а ДПМНЕ да спие како власт, централна и локална.“ Но сето тоа можеше, нели, да се случува цели седум години додека тие и нивните криминални пајташи ја држеа власта бидејќи тие, по ѓаволите, се државотворна партија! Тогаш не беше важно дали граѓаните се гушат а нивното здравје е „под ризик“, ама сега тоа е – недозволиво.
Но, велам, тоа е само дел од континуитетот на примитивизмот и политикантството на оваа секта и нивната нова „програма“, којашто ни ја дообјаснуваат нивните „интелектуални“ гаулајтери. А таа, како што реков, се вообличува како некаква нова „вистина за Македонија“ што, барем малце, ќе им го обели образот и поткрене оптимизмот. Поточно, тие сакаат да речат дека вака „реформирани“ и консолидирани“, за само седум месеци успеаа да ги откријат сите вистини за државата односно сето она што никако не успеваа да го направат цели последователни седум години. Или беа зафатени? Со што? Со криминал и корупција? Така барем вели и меѓународната јавност, не само домашната!
Но не само што ги откриваат сите „вистини“ туку, разбира се, го откриваат и виновникот. За нив сијаличките за Македонија се запалија во мигот кога, онака катастрофално, беа од гласачите избркани од македонската политичка сцена, со тенденција да не се вратат во наредните десетина години. И токму кога новата власт ги активираше казнените механизми со кривичните пријави и апсењата на криминалците во нивните редови, „реформираната“ и „консолидирана“ секта одеднаш започна да открива некакви минати заговори контра македонската демократија токму во времето на нивното владеење.
И тоа не инцидентни случаи туку „факт“ дека инсталации на новата власт за сето време на владеењето на криминално-коруптивниот двоец „ја поткопувала всушност демократијата преку јасно дефинирана парауправа“. Тоа ќе рече дека додека криминално-коруптивниот двоец викан сдсм-дуи владеел – поточно лажел, мамел и крадел – некој друг, во заднина, владеел? И тој „некој“ е фактички виновен за денешните состојби во државава? Згора, тоа не било само некакво „роварење“ туку „суштествено, експоненцијално и примарно“ поткопување на уставниот поредок, а „против основните демократски постулати т.е. против конституционализмот. Конечно, против Македонија.“ Тоа пак, таа „нова вистина“ за изминатите седум години, очигледно треба целосно да ја амнестира сектата и нивниот криминален партнер од секаква одговорност за состојбите во државата во тоа време и да ја подметне новата власт како главна причина за целосниот распад на системот во периодот 2017-2024 година.
И сега, ако почнете да го враќате филмот назад, испаѓа дека оваа нова власт, но во форма на некаква „парауправа“, е причина за сите оние негативни извештаи, дека таа го потпишала т.н. Преспански договор и Договорот за добрососедство (сосе протоколите), дека нивни членови маскирани како Османи, Заев и Анѓушев го киднапирале владиниот авион и се сликале со кренати палци во знак на лагата за почеток на пристапните преговори, дека таа „парауправа“ во нивно име ги потпишувала сите оние криминални тендери за коишто денес ги апсат припадниците на сектата, дека – по ѓаволите – некој друг, очигледно маскиран, играл фудбал во кабинетите, па дури и ги нарачувал и ги јадел оние ќебапи за 20 илјади евра!?!
Каква фантастична приказна, каква извонредна „вистина“ за Македонија! Една коалиција ја држи власта, има Влада, мнозинско Собрание, цел државен апарат под контрола на свои луѓе…, ама некоја „парауправа“ им се инфилтрира во власта и раководи наместо нив, буквално со сите сектори и служби, со зла намера ги минира сите нивни активности и ја поткопува државата, склучува катастрофални меѓудржавни договори, краде во нивно име… итн. Феномално, неповторливо, невидено на оваа планета од кога постои светот и векот! Ни Спилберг не би можел да режира таков научно-фантастичен филм.
Се разбира, сето ова не е само безобразно, срамно и трагикомично. Сето ова е жално и говори за страотна неодговорност и опасно пореметени чувства и вредности. Наместо да се смогнат сили да се признае одговорноста, па и неукоста и неспособноста во дадени ресори и ситуации, да се демонстрира повисока свест за некаков јавен интерес и да се понуди дури и извинување на граѓаните за катастрофалните политики и криминалното минато, оваа некогаш партија се занимава со измислување лажливи трилер скаски во коишто, повторно, а поради нечија глупост, паѓа во сопствените стапици. Зашто, сѐ и да е така како што измислуваат односно отворено лажат, што ли правеле тие за тоа време додека некој друг, некои „парауправи“ и уфрлени формации целосно им ја презеле власта и командувале како што сакале? Каде биле нивните безбедносни служби, полицијата, обвинителството, владата и парламентот (малите букви се… знаете веќе што)… и што работеле нивните луѓе? Или тие сите се занимавале со општа кражба, со празнење на буџетот и разнебитување на системот па немале време да видат што им се случува со државата?
Па може ли, навистина, да се тоооолку глупави?!
Извор: Теодосиевски уметност