АЛБАНСКАТА АРМИЈА ПОМОГНА ВО ТРАНСПОРТОТ НА БОЛНО ДЕТЕ ОД ОСТЕНИ Патиштата биле затрупани од снегот
Според Министерството, детето првин било преземено со воено возило, по што од Требишки мост било прифатено од екипа на Брзата помош, по што било хоспитализирано во болница во Булќиза.
Поради непроодни патишта во областа Голо Брдо, главно населена со Македонци, во транспорт на болно дете од селото Острени денеска се вклучи албанската армија.
„Оперативците од Третиот пешадиски баталјон на северниот полк успешно ја завршија операцијата за транспорт на болно дете од селото Острени до болницата во Булќиза“, објави албанското Министерство за одбрана.
Според Министерството, детето првин било преземено со воено возило, по што од Требишки мост било прифатено од екипа на Брзата помош, по што било хоспитализирано во болница во Булќиза.
„Оваа операција е пример за посветеноста и за хуманоста на вооружените сили кои секогаш стојат покрај граѓаните во секоја вонредна ситуација“, наведува Министерството.
Локалната телевизија „Булќиза“ објави дека поради обилните снежни врнежи, кои на одделни места достигнуваат и до еден метар, областа Голо Брдо е целосно отсечена 2 дена.
Денеска и наредните денови е прекината наставата во сите основни и средни училишта во оваа област.
Во вакви неповолни временски услови, болни лица од областа, поради близината беа транспортирани во Општата болница со проширена дејност која од хуман аспект секогаш помага.
Имало случаи кога амбулантно возило го преземало болното лице од кај преминот Џепиште-Требиште, кое дотаму го пренесувале самите жители. Но, поради нерасчистен патен правец до преминот, тоа денеска не било можно.