КОМОРАТА ГО ИНСТИТУЦИОНАЛИЗИРА ГЛАСОТ НА БИЗНИСОТ Сашо Наумоски гостуваше во поткастот „Бизнис-клуб“
Според Наумоски, обединувањето на компаниите е една од најголемите вредности на Комората, а, како што вели, оттаму произлегува и другата нејзина вредност – моќта да влијае и да носи промени, затоа што, како што вели, Комората не е само застапник на интересите на бизнис-секторот, туку и го институционализира гласот на бизнисот.
Oдржливоста и развојот на компаниите, новите инвестиции, присуството на нови пазари на нашите компании се дел од темите за кои разговараа претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески и Сашо Наумоски, генерален извршен директор на „Витаминка“ од Прилеп и почесен конзул на Украина во Македонија, во следната епизода на подкастот „Бизнис-клуб”.
Според Наумоски, едно од правилата да се биде успешен на пазарот и да се развива бизнисот е да се биде во чекор со промените и да се биде дел од нив. Во спротивно, ако не се прифатат промените, ќе има застој и полека ќе се исчезне од пазарот.
– Сигурноста и претпазливоста се најголемиот фактор за бизнисот. Во моментов воопшто не ни е тема за размислување безбедноста на капиталот. Едноставно размислуваме да се развиваме, да ја прошируваме компанијата, да инвестираме во нови погони и во нови производи и да се пробиваме на нови пазари – истакна Наумоски, директор на една од најголемите извозно ориентирани и производствено позиционирани компании во Македонија.
Тој потсетува дека „Витаминка“ е присутна на пазарите во 60 земји во светот, а нејзиниот производ „Стоби флипс” е бренд со 60 % пробиеност на надворешните пазари.
– Кај нас се работи на стабилен извоз и на стабилно планирање. Ние немаме скокови ниту во извозот, ниту во домашниот пазар. Филозофијата на нашата компанија е полека да растеме, полека да ги освојуваме пазарите и да бидеме стабилни на тие пазари.
Сашо Наумоски дипломирал на Економскиот факултет во Прилеп, а подоцна и магистрирал на истиот факултет. Својата професионална кариера ја започнал многу млад како трговски патник во приватниот сектор, а подоцна ја основал сопствената приватна фирма „Салида”. Во прехранбената индустрија влегол со вработувањето во „Витаминка”, каде што работел на различни позиции, а подоцна станал и нејзин генерален извршен директор, позиција на која работи и денес.
Во разговорот со претседателот Азески, Наумоски ја истакнува важноста на Стопанската комора, која како институција многу значи за компанијата „Витаминка” бидејќи претставува потпора за сите движења на стопанството и мост за балансирање на потребите на бизнисите со реалните економски случувања, а дава и решенија за надминување на проблемите.
Според него, обединувањето на компаниите е една од најголемите вредности на Комората, а, како што вели, оттаму произлегува и другата нејзина вредност – моќта да влијае и да носи промени, затоа што, како што вели, Комората не е само застапник на интересите на бизнис-секторот, туку и го институционализира гласот на бизнисот и го става во концепт доволно силен и моќен да ги издејствува потребните промени и да се спротивстави на сите пречки.
– Комората значи премногу за бизнисот во Македонија. Сè што сакаме да артикулираме и да кажеме во однос на недостатоци во работењето во Македонија и за одредени промени ние го кажуваме преку Комората; сè што ни требало за странските пазари информациите сме ги добивале од Комората; сè што ни требало од едукации го имала Комората и сме го користеле максимално. Ние гледаме дека нашиот успех е многу поврзан со Комората. Голем дел од нашите резултати се должат на блиската соработка со Комората – потенцираше Наумоски.
Од 2015 година тој е потпретседател на Стопанската комора на Македонија и според него стопанството треба да го добие своето место во целосниот напредок на земјата, а Комората, како што вели, е таа што го води бизнис-секторот низ потребните промени.
Во 2023 година Наумоски станал почесен конзул на Украина во Македонија.