ЧЛЕНОВИТЕ НА СУДСКИОТ СОВЕТ СО 2 ОТСТО ДОВЕРБА ПОВЕЌЕ НЕ ЈА ЗАСЛУЖУВААТ ПЛАТАТА Разрешувањето на дел од членовите не е спротивно на Уставот

Кој било процес што е спротивен на законите и на Уставот немаме намера да го водиме, но, не би се согласил врз основа на оние мислења од уставни експерти кои јас ги имам, дека разрешувањето на членови на Судскиот совет е противзаконски и противуставно, рече премиерот Христијан Мицкоски.

769

Членовите на Судскиот совет, со доверба кај граѓаните од само 2 проценти, повеќе не ја заслужуваат платата што ја земаат, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Тој одговараше на новинарско прашање дали во јануари ќе следува распуштање на членовите на Судскиот совет кои ги избира Собранието, со оглед дека одредени правници и уставни експерти истакнуваат дека тоа би било противуставно и противзаконски.






– Како Влада сигурно дека нема да работиме нешто што е спротивно на законот и спротивно на Уставот. Се разбира, кој било процес што е спротивен на законите и на Уставот немаме намера да го водиме, па така ниту овој. Но, не би се согласил врз основа на оние мислења од уставни експерти кои јас ги имам, исто така, дека ова е противзаконски и противуставно – рече Мицкоски.

Граѓаните ги оценуваат со најниска доверба, додаде тој.

– Ако ние мислиме да им угодиме на овие луѓе да останат подолго таму и уште подлабоко да тонеме во политичкото мочуриште, заглавени во сето она што го направија во изминатиот период, затоа што имаме неколкумина кои не постоеја досега и сега наеднаш се вознемирени и се појавуваат на површина, таква намера немаме. Ние работиме во интерес на граѓаните, согласно со законите и со Уставот. Да, ќе се појавуваат таков тип на т.н. експерти кои ќе толкуваат вака или ќе толкуваат така. Но, едно е јасно, а тоа го кажуваат и граѓаните недвосмислено, дека овие луѓе со доверба од 2 проценти, повеќе не ја заслужуваат платата што ја земаат – рече Мицкоски.

Премиерот минатата недела изјави дека се размислува за неколку потези после празниците во врска со Судскиот совет.

– Ние размислуваме за неколку потези, некои мерки кои ќе ги преземеме после празниците, затоа што и покрај најавите дека се надминати оние појави на анксиозност, дијареа, грчеви и покачена температура, сè уште тие процеси траат кај одредени обвинители и судии. Граѓаните мора да ја добијат правдата. Планираме вакви активности во следниот период – рече тогаш премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали се планира разрешување на оние членови на Судскиот совет кои се избрани од Собранието.

И претседателот на Собранието потврди дека ќе  се спроведе процедурата за разрешување, но прво ќе се консултираат со Уставниот суд.

Поврзани содржини