Гордана си кажа, кој сакаше, разбра
Има и ќе има прилики за критика на владините политики и репрезенти, со принципиелна аргументација и конструктивни предлози. Но сега е време за збивање на редовите и покажување државен консензуален став за македонската иднина, онака како што во клучни моменти направија Грција и Бугарија. Само така имаме шанси да се избориме во оваа нерамноправна битка.
Не можам да се изначудам на изјавите дека претседателката Сиљановска не била јасна во својот говор околу позицијата за условот за македонската евроинтеграција. Па таа јасно, гласно и научнички прецизно се изјасни дека го смета владиниот предлог за промена на Уставот со одложено дејство за разумен и правичен. Предлог, кој ќе биде добитно решение и за нас и за Бугарија, но уште повеќе за Европската Унија и за спасување на нејзиниот кредибилитет и вредности. Го кажа истото она што веќе седум месеци го кажува јавно на медиуми, домашни и странски собири, на средби со високи политичари од целиот свет.
Кој во Македонија досега не го слушнал и не го разбрал нејзиниот став? Но, еве, дури и да има некој што пропуштил да ја слушне, нејзиниот предновогодишен говор во Собранието беше одлична прилика конечно секому да му се разјасни. Затоа може слободно да се тврди дека сите изјави за „збунетост“ и „неразбирање“ за тоа ШТО порачала претседателката, од страна на писмени и паметни луѓе, се всушност една неискрена, тенденциозна и политички обоена играрија. Гордана си кажа, кој сакаше, разбра.
Но ова е само едниот аспект на божемното „неразбирање“ на ставот на избраните претставници на последните избори во врска со продолжувањето на нашата толку посакувана и потребна евроинтеграција. Другиот, многу посериозен аспект е отвореното подривање на позицијата на Македонија во оваа тешка и мачна битка од страна на опозициските политичари и некои нивни пријатели и поддржувачи.
Имено, крајно неискрено звучат повиците на опозицијата за заедничко градење став за македонската иднина и консензус околу клучните прашања, кога се бара ПРВО седнување на заедничка маса, па ПОСЛЕ да го искажат својот став. Не оди тоа така, по тој ред. Политиката е јавна работа. Владата и претседателката, со сиот легитимитет од неодамнешните двојни избори излегоа со реалистичен и политички издржан предлог за излез од ќорсокакот во кој беше втурната Македонија. Од опозицијата се очекува да го поддржи предлогот јавно, со што ќе може да се отвори патот за закажување средба со владините партнери и договарање на деталите околу заеднички настап дома и пред светот. ТАКА, по тој редослед, се гради консензус за стратешко прашање и се јакне позицијата на Македонија.
Само ваков редослед на настаните може да биде логичен и прифатлив за сите политички актери. На ваков начин ни владејачките партии нема да можат да избегнат заеднички договор и „фамилијарна слика“ од македонската политичка елита. Опозицијата треба да игра фер заради себе си и својот имиџ на сериозен субјект, но и заради обврската да помогне да се извлече земјата од врелата каша во која самата таа ја втурна. Сите знаеме дека оваа последна наша драма беше резултат на непринципиелната спрега на нашите соседи со моќни европски држави, но и на неукоста, наивноста можеби и евтиното калкулирање од страна на претходната гарнитура, која одби да нѐ слушне сите што јавно викавме НЕ на оваа лудорија. Затоа, ова е за опозицијата ем обврска кон граѓаните, ем шанса за нејзино јакнење во иднина.
Има и ќе има прилики за критика на владините политики и репрезенти, со принципиелна аргументација и конструктивни предлози. Но сега е време за збивање на редовите и покажување државен консензуален став за македонската иднина, онака како што во клучни моменти направија Грција и Бугарија. Само така имаме шанси да се избориме во оваа нерамноправна битка.
Уште една работа од собраниското обраќање на Сиљановска ми направи силен впечаток, искрената изјава за тоа колку нашата прва претседателка се чувствува навредено кога некој ја прашува „Кога ќе го смените Уставот?“ Ја разбирам, тоа е дрско и резолутно, не прашање, ами НАРЕДБА! Ова ме потсети на навредата и болката што ја чувствувавме на собраниски седници на Комисијата за надворешна политика, кога некој политичар од којзнае каде, кој првпат стапнува на наше тло, ќе го изустеше прашањето/наредба „Кога ќе го РЕШИТЕ спорот со името со Грција?“. Здушно му објаснувавме во што е проблемот и дека од грчка страна се бараат невозможни услови, итн., а тој ќе ислушаше и ќе заклучеше дека „треба да го РЕШИМЕ спорот“, како ништо да не чул, ни разбрал. И тоа беше разочарувачки, но долги години се крепевме сите еден со друг, независно кој беше власт, кој опозиција, кој беше Македонец, Албанец или друга националност, нашите аргументи беа исти.
По шокот со Букурешт и грчкото вето во 2008, во Македонија дојде Викторија Нуланд, висок претставник на САД во НАТО и по средбата со премиерот и со претседателот, одржа средба и во Парламентот со 30-на пратеници од комисиите за надворешни работи и за евроинтеграција. Таму доживеавме уште еден драматичен шок. Таа беше првиот политичар од надвор, кој директно, без заобиколување и без емоција ни кажа „Мора да го смените името на државата“. Само четворица зедовме збор и се спротиставивме, колку што се сеќавам, потпретседателот на Собранието Бесим Догани од ДПА, Илинка Митрева и Игор Ивановски од СДСМ и јас од ДОМ. На г-ѓата Нуланд веѓа не ѝ мрдна на нашите зборови. Го затвори состанокот како да сме кај неа на гости. Оттогаш, СИТЕ политичари што доаѓаа во Парламентот, ни ја повторуваа истата мантра за „решавањето на спорот“. Но, македонските одговори веќе не беа исти, се направи расцеп. По 2008-та, дел од политичарите ја сменија лентата и најавија „решавање на спорот со Грција за шест месеци“! Ваквата порака и поделеноста дополнително ја ослабеа државната позиција. Грција ги подигна своите црвени линии, па се давевме со нивните луди барања и меѓусебно, до бесвест…
Да учиме од грешките, подобро денес, отколку утре, или задутре. Верувам дека можеме.