Кој вистински новинар ќе ја скрие од јавноста сликата за невината Вања, клекната на колена, во кобниот момент кога свирепиот убиец ѝ пука во главата?

Драга Комисијо за жалби при СЕММ, ние, новинарите од „лошите“ медиуми, навистина сакаме јавноста да се вознемири кога ги опишуваме деталите за свирепото и подмолно убиство на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Каква е таа јавност што не би се вознемирила додека во судот се преде приказната за едно страшно злосторство? Ако таа приказна не ја вознемири јавноста, ако таа не допре до емоциите на нашите читатели и ако не придонесе за јакнење на свеста во општеството дека е нeопходно да се направи многу повеќе за заштита на малолетните жртви на насилство од толерирани криминални банди, е баш тоа ќе биде повреда на достоинството на малата Вања.

14,088

Како новинар и уредник со четиридецениско искуство во оваа професија, чувствувам обврска јавно да го отфрлам најновото соопштение на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), во кое се изразува „загриженост и осуда за начинот на кој повеќе медиуми известуваат за судската постапка поврзана со убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски“.

Тоа што во моментов сум член на Управниот одбор на СЕММ, како претставник на онлајн медиумите, не ме обврзува да го поддржам тоа соопштение, за кое, патем речено, членовите на Управниот одбор не се консултирани. Или барем јас не знам за такво нешто. Небитно.






Клучната теза во тоа соопштение се темели на недоволно познавање на суштината на феноменот јавен интерес и на односот меѓу новинарите и медиумите со нивната публика.

Во коминикето се вели: „Медиумите треба да бидат свесни дека секое претерано изнесување детали за чинот на насилство или злосторство, претставува повреда на достоинството на жртвите, а ги повредува и чувствата на нивните најблиски. Со навлегување во детални описи на грозоморниот чин, медиумите истовремено внесуваат и вознемиреност во јавната сфера и придонесуваат кон зголемување на чувството на несигурност и насилство“.

За жал, кога станува збор за конкретниот случај, речиси ништо од сето тоа што е кажано во соопштението на Комисијата за жалби на СЕММ не кореспондира со реалноста. Тоа соопштение е целосно изгубено во времето и во просторот и очигледно е само одраз на нечија желба да се експонира со евтино морализирање и со некакво накарадно „читање“ на новинарскиот кодекс.

Комисијата за жалби на СЕММ не може, или можеби и не сака, да сфати дека евентуалното воздржување на известувачите од судењето од детално опишување на убиствата за кои се суди, јавноста би го доживеала – со право! – како криење на многу важни информации, кои се од круцијално значење за кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите.

Сакам да верувам дека членовите на Комисијата го превиделе фактот дека убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски се оквалификувани како свирепи и подмолни. Таа квалификација битно ќе влијае и врз пресудата и врз висината на казните што ќе бидат изречени, ако пресудите бидат осудителни.

Новинарите кои известуваат од судењето и медиумите се должни да ги изнесат сите битни детали кои се поврзани и со квалификацијата на убиствата (меѓу другото и деталите за тоа дали жртвите биле изложени на насилства пред да бидат егзекутирани). Новинарите не смеат да прават компромиси и при известувањето за судската расправа за мотивите за убиствата. Известувачите имаат право, но и обврска да известуваат сеопфатно, детално и прецизно, обезбедувајќи им притоа рамноправен третман на страните во постапката.

Не сфаќам како Комисијата за жалби на СЕММ замислува новинарите да го опишат грозоморниот чин на убиството на малата Вања Ѓорчевска, без да го пренесат кажаното во судница, дека во моментот пред да биде застрелана во главата, таа клечела на колена?

Постои ли професионален и одговорен новинар, кој би го премолчал тој навистина вознемирувачки, но клучен детал, таа впечатлива слика на свирепоста на егзекуцијата на едно девојче, кое на ниту еден начин не можело да биде по своја вина поврзано со мотивите поради кои убиецот, или убијците, решиле на ваков начин да се пресметаат со некого од семејството Ѓорчевски?

Јавноста ќе се вознемирела и ќе се зголемело „чувството на несигурност и насилство“, вели Комисијата за жалби.

Да, драга Комисијо, јавноста ќе се вознемири. Нека се возменири. Ние, новинарите од „лошите“ медиуми, жалиме што нашите извештаи на некои луѓе можеби ќе им го расипе расположението во ова време на предновогодишни џингарлака сеанси во градот.

И да, јас признавам дека ние навистина сакаме јавноста да се вознемири кога до неа допираат деталите од свирепото и подмолно убиство. Каква е таа јавност што не би се вознемирила додека во судот се преде приказната за едно страшно злосторство? Каква е таа смирена јавност, побогу? Или таа бесчувствителна јавност? Дали смирената и бесчувствителна аморфна маса е јавност, воопшто?

Ние, новинарите од „лошите“ медиуми, знаеме дека голем дел од нашите читатели се истовремено и родители, некои на помали, некои на поголеми деца. Всушност, сите ние сме нечии деца, а најголем дел од нас се нечии родители и тоа ќе си останеме до крајот на животот. Сакам да кажам, ние сме свесни дека се обраќаме до родители и до деца. Ние сме свесни дека приказната за Вања, со сите нејзини детали за подмолноста и за свирепоста, апсолутно важни за судската постапка и за нејзиниот исход, е повеќе од вознемирувачка. Но, свесни сме и за тоа дека ако таа приказна не ја вознемири јавноста, ако на некој начин не допре до емоциите на нашите читатели и не придонесе за јакнење на свеста во општеството дека е неопходно да се направи многу повеќе за заштита на малолетните жртви на насилство од вакви криминални банди, е баш тоа ќе биде повреда на достоинството на Вања.

Баш тоа!

Зашто, како и најблиските кои тагуваат по Вања, така и сите ние треба да се соочиме со тажната вистина дека зад оваа невина жртва, лишена од нејзиниот млад живот, сега останува само едно нешто што треба да се спаси и да се чува – нејзиното достоинство и тоа што ова девојче претставува во очите во јавноста.

Со молк, со криење и со „невознемирување“ на јавноста, тоа сигурно нема да се постигне. Напротив.

И затоа ние, новинарите во „лошите“ медиуми, не смееме да си дозволиме известувањето за судењето на една група насилници да го „обескрвиме“ и да го лишиме од деталите за грозоморието. Одбиваме и ние да бидеме како оние (не)луѓе во институциите, кои со години ја толерирале оваа група насилници. Ние, утре, по завршувањето на судењето, ќе бараме и директна одговорност од лицата коишто на обвинетите со години им пружале и политичка и безбедносна, а богами и медиумска заштита. Бидејќи да не било така, овие убиства можеби и немало да се случат.

Размислувале ли за ова членовите на Комисијата за жалби пред набрзина да го срочат своето бесмислено коминике?

Размислувале ли за сите аспекти на јавниот интерес поврзан со судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски?

Не верувам…

Во Комисијата за жалби на СЕММ има и добри новинари. Тоа да биде јасно. Јас ги познавам тие луѓе. Мислам дека во случајов тие потклекнале на „проектната задача“, а кој знае кој ѓавол ги терал да постапат така. Како и да е, јас јавно ги повикувам тие мои драги колеги да се соочат фактот дека покрај нивниот мирен, спокоен и прилично умртвен енџио свет, во кој животот е проект финансиран од едикојаси странска фондација, постои и еден друг свет – во тој свет луѓето и нивните животи не се проекти, нивните чувства не се нешто што треба неповикано да се штити со лажно морализирање, а нивната реалноста умее да биде мачна, а понекогаш дури и брутална.

Од тие причини, ние, новинарите од „лошите“ медиуми, кои не сме „на проект“, ете не можеме, баш и не сакаме, а реално и не смееме да ги криеме и да ги ретушираме сликите за таа реалност. Тоа би било спротивно на граѓанскиот морал и на нашето елементарно чувство за општествена одговорност. Без кое оваа наша професија би била лишена од нејзината суштина.

Поврзани содржини