КРАЛЕВИТЕ ЗЕМААТ ЗАЛАЦИ ШТО НЕ МОЖАТ ДА ГИ СОЏВАКААТ Претставата „Глад” говори за презаситеноста со моќ
Претставата започнува со машина која поседува вештачка интелигенција и замолува неколкумина, меѓу кои и нејзиниот создавач, да си ги опишат омилените вкусови, но тие не смеат да спомнат именки на намирници, инаку ќе добијат казнени поени.
„Нема да преживееш вака”, ја предупредува протагонистот вештачката интелигенција.
„Вака луда?”, прашува таа.
„Вака гладна”, одговара тој.
Овој дијалог е извадок од претставата „Глад” која ги остава гледачите зинати и со непријатен вкус на железо во устата. „Глад” е постмодерно научнофантастично дело кое задира во горливи теми, во стил кој е својствен за режисерката Хана Миленковска, црна комедија, но повеќе црна одошто комедија. Режисерката, која остава свој единствен отпечаток уште во нејзините претходни претстави, како „Припаѓање”, „Одлука” и многу други, овој пат се надминува и покажува уште поголема зрелост во нејзиното творење. Вешто напишаните дијалози нималку немаше да го имаат својот шарм без хумористичниот и игрив пристап на драматургот Калија Киселички, ниту, пак, претставата ќе заживееше без целосната посветеност и присутност на актерите Лео Поповиќ, Дениз Ајдаревиќ, Марко Младеновиќ, Филип Миленкоски и Димитар Паскоски.
Претставата започнува со машина која поседува вештачка интелигенција и замолува неколкумина, меѓу кои и нејзиниот создавач, да си ги опишат омилените вкусови, но тие не смеат да спомнат именки на намирници, инаку ќе добијат казнени поени. Секој од нив си го замислува омилениот вкус, го опишува, а сензацијата им се пренесува на сите во колективот како да се поврзани телепатски, станувајќи една свест. На крај сите ги анализираат вкусовите што си ги замислуваат. Машината учи од нив, а тие повеќе наликуваат на експериментални заморчиња одошто на еднакви учесници во процесот.
Уште на почетокот вкусовите и мирисите, како сензации со кои уметнички можат да се занимаваат оние кои не гладуваат, се наметнуваат како доминантен мотив. Гладните, пак, не се занимаваат со уметничка критика на вкусовите, тие јадат за да преживеат, понекогаш и храна која е далеку од вкусна. Вкусовите и мирисите постојано се појавуваат во претставата во контраст; понекогаш пријатни, како мирисот на цреша, што доаѓа од лик кој ја имитира мајката на еден од протагонистите во неговиот кошмар; а честопати гадни, од вкусот на железо, односно крв, па до киселоста и вкусот на расипаното месо што го јадат војниците и изгладнетите цивили.
Визуелниот аспект на претставата го гуши гледачот, сѐ е магливо како насон, а актерите се облечени едноставно, во партали. Сценографијата е минималистичка, поточно сосем празна, но претставата е начичкана со детали во добро изработените дијалози бидејќи фокусот е на нивната содржина.
Постапокалиптичната музика, која е ремек дело на композиторот Ади Имери, ја надополнува тензијата која се разбива со навидум веселите детски песни, но контрастот ја засилува морничавата атмосфера, а песничките не се случајни, тие го опишуваат детскиот обид за справување со бизарната стварност. Хорор мјузикл е еуфемизам за „Глад” бидејќи претставата индуцира и гадење освен страв, пред сѐ морално гадење покрај физичкото. Низ храната, која ја симболизира моќта, но и суштинската потреба за преживување, за кого како, се прикажуваат многу нешта кои се дел од одвратната природа на човекот.
Низ текот на приказната, машината ги бомбардира протагонистите со чувства и учи од нивните реакции. Врз основа на тоа ги вовлекува во нивните потсвесни соништа, односно кошмари, кои всушност се регресија во нивното детство и во други периоди кога биле немоќни. Преку своите соништа ликовите во претставата имаат контакт со разни архетипи кои се отелотворуваат во личности, облечени како секојдневните полицаец, мајка, странец, учител и други ликови кои симболизирале моќ во нивното детство. Немоќта на протагонистите се манифестира низ разни болни сеќавања. Во еден од соништата на ликовите, тој е дете кое сака да има свој личен простор и не сака да го штипкаат. Но, никој не го прашува, детето служи како предмет за задоволување на поривите на возрасните.
Машината, низ својот процес на учење, во еден миг заклучува дека нема да јаде додека богатите гладуваат… секако, бидејќи сѐ уште ја учи логиката на човечките морали и постојано се буни. Имено, „Глад” изобилува со хумористични елементи кои го балансираат хоророт и ја разбиваат тензијата, а ликовите повремено излегуваат од својата улога и зборуваат реалистично, како на улица, со по некоја шега, но со усул, без да влезе сето тоа во доменот на кичот.
Војната, исто така, е тема на претставата. Војниците експлицитно ја опишуваат гадната храна што ја јадат, а во една сцена се појавува девојче што сака да јаде сардина со поминат рок, а еден од ликовите не ѝ дозволува. Во друга сцена, пак, еден човек сака да ја јаде кожата на каучот, па ја пржи, а таа „мириса на изгорен дом”.
Во последната приказна на претставата се запознаваме со кралот, кралицата, бардот и со сите архетипи, карактеристични за езотеријата. Претставата суптилно поставува екстремно спротивни естетики, научната фантастика наспроти класичната бајка, а сепак ништо не отскокнува.
Царот, кој сѐ уште цица од мајка си, има фрагилно, но напумпано его, а царицата страда поради неговата тиранија и го презира додека тој ја тера да јаде бидејќи е слаба.
– Раѓај, раѓај, лапај, лапај – ја опишува излудената царица нејзината улога во семејството, а таа не јаде бидејќи се гади од гладот за моќ на царот, додека не открие што навистина сака да јаде.
Царот не ја сфаќа жена си, а нејзините зборови минуваат низ неговиот извитоперен светоглед, па кога таа му вели дека народот сака љубов, тој решава да ги храни сиромавите поданици со љубов, а не со храна, приказна која завршува бизарно, но совршено, подобар крај не ни можев да замислам. Моќниците понекогаш земаат преголеми залаци.
Според мене, голем успех е кога раскажувачот успева да прикаже сложени нешта со лесен стил, а во оваа претстава тоа е умешно изведено. „Глад” лесно може да се соџвака, но тешко се голта.