МИТЕВА ВО ПОТКАСТОТ „ВМРО-ДПМНЕ ЗБОРУВА“ Евроинтеграциите треба да се во служба на националните интереси

Успеавме да ја пренесеме пораката кон сите засегнати страни и да ги презентираме реалните состојби во нашата држава, затоа што во минатото се ветувало нешто што не можело да се реализира, вели Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

336

Надворешната политика, економијата и евроинтеграциите треба да бидат во служба на националните интереси и на вистинските потреби на граѓаните, рече Марија Митева, портпаролка на Владата и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, во партискиот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува“.

Таа истакна дека пристапот на новата власт во надворешната политика е различен од оној на претходната , која во Брисел давала ветувања што не може да ги исполни, затоа што мнозинството граѓани не ги прифаќаат.






– Остануваме на ставот кој што го имавме и во предизборието и многу години наназад, дека едноставно можеби е дојдено времето кога треба да ги стопираме сите тие состојби со кои што се соочувавме, особено во делот на надворешната политика, а кои беа резултат на водење политика од страна на политичари кои несериозно ја сфатија улогата што ја имаа, а со цел да можат да го кријат нивниот криминал и корупција, додека постојано зборуваа за Европа и ЕУ – вели Митева.

Таа рече дека ваквата политика довела до сериозни проблеми, не само за политичките партии, туку и за самите граѓани.

– Имавме пристап во дипломатијата кој не соодвествуваше со очекувањата и она што граѓаните го бараа. Тоа време е зад нас. Треба да се фокусираме на тоа како ние да направиме чекор нанапред, и тоа всушност е целта на оваа Влада – рече Митева.

Митева истакна дека ВМРО-ДПМНЕ искрено ги презентира реалните состојби и проблеми во земјава.

– Успеавме да ги презентираме реалните состојби во нашата држава. Кон сите засегнати страни е пренесена пораката за тоа каква е состојбата. Затоа што во минатото се ветувало нешто што не можело да се реализира – изјави Митева.

Според неа, чесноста и отвореноста во комуникацијата со јавноста се клучни за успехот во дипломатијата и  во надворешната политика.

– Знаеме како течеле разговорите, знаеме што ветувале и ја кажуваме реалната состојба. Мислам дека со еден таков чесен пристап, особено во делот на надворешната политика и дипломатијата, луѓето кои што ја работат таа работа, а кои имаат огромно искуство, ќе успеат да нè презентираат нас, пред сè, како граѓани и да ги презентираат позициите кои што ги имаме – рече Митева.

Таа додаде дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема пристап на игнорирање на проблемите, туку пристап на наоѓање решенија за подобрување на состојбите, без разлика дали станува збор за економијата, политиката или полноправното членство во ЕУ.

Митева нагласи дека Македонија мора да продолжи на патот кон ЕУ и  дека Владата, и покрај сите предизвици, е посветена на реформи и отворена за вистинска дипломатија.

– Мора да продолжиме на патот кон ЕУ, тоа е наша стратешка цел и за тоа ќе продолжиме да се бориме – заклучи Митева.

Поврзани содржини