ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ПОЧИТУВААТ СЛОБОДИТЕ И ПРАВАТА Земјава стана членка на Советот за човекови права на ОН
Македонија е високо на листата држави кои ги почитуваат и гарантираат човековите права и оценета како квалификуван кандидат кој ги исполни неопходните услови за да биде дел од работата на ова меѓународно тело на ОН.
Со 168 гласа „за“ Македонија денеска стана нова членка на Советот за човекови права на Обединетите Нации за периодот 2025-2027, на изборот што се одржаа во Генералното собрание на ОН во Њујорк, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски на социјалните мрежи објави дека поддршката од земјите членки на ОН за овој избор е признание за придонесот на нашата држава како посветен промотор и заштитник на човековите права и слободи.
Муцунски нагласи дека една од главните цели по овој дипломатски успех ќе биде активното учество во Советот, со придонес за глобална промоција на човековите права и подобрување на ситуацијата ширум светот, што е основа и на нашата кандидатура за членство.
Во најновиот Национален извештај за универзалниот периодичен преглед презентиран пред Советот за човекови права во Женева, Македонија е високо на листата држави кои ги почитуваат и гарантираат човековите права и оценета како квалификуван кандидат кој ги исполни неопходните услови за да биде дел од работата на ова меѓународно тело.
Македонија по вторпат е избрана за членка на Советот за човекови права на ОН, откако претходно членуваше во периодот 2014-2016.