Историјата (ќе) има што да пишува

Етерот кај нас просто рее од омраза, од грди зборови, од подметнувања и манипулации, од воспалени навивачки грла кои урлаат „уа нивни, браво наши“ иако тие „нашите“ ја заглавија земјата во најголемиот криминал и корупција некогаш видени на овие простори. Но пак се подобри од овие зашто овие не се – нивни.   

919

Секое совремие веќе утре се претвора во историја – црна или „бела“, секоја наша денешна акција веќе утре ќе предизвика некаква реакција, а на подолг рок и историски одговор, позитивен или негативен. Како што впрочем и ни се случува. Но ние – или повеќето од нас – не се грижиме за тоа. Мислиме, или тие „мислат“, дека има само една вистина, една реалност – онаа нивната, и дека баш сѐ мора да биде подредено на истата. Без оглед што таа „вистина“ и таа „реалност“ остава неморални, грди, бесрамни… а некаде и крвави траги во времето. Палестина, на пример. Тие сепак, поради нејасни причини или ограничен капацитет на „сивите ќелии“, ќе ламентираат за височините на Западната „мисла“, за нееднаквоста (онаа на Русо) или себичноста (онаа на Хобс) на човекот, а со тоа и на цивилизацијата. И тие ќе бидат повиканите тоа да го контролираат, а нивните ступидарии да ги пресликуваат и на ова парче земја.

Затоа кај нас секогаш (ќе) има „мудреци“ кои (ќе) раскажуваат за „китови и сардини“, за некаква „гола држава”, агресивен македонски национализам… и др., па дури безобразно (ќе) пелтечат и за „т.н. претседателка со иредентистички бекграунд“! А на вистинскиот иредентизам му порачуваа(т) да останел надвор од власта барем една година. И – што ќе се случеше, ќе пропаднеше државата? Ма немој! Баш би сакал и тоа чудо над чудата да го видам. Како и сите оние други „чуда“ коишто секојдневно ги сеат во етерот разноразни, одамна соголени типови, за некаков „пораз на рациото“ (оние пак „прогресивцине“ беа саде рацио!) и филмови за „упропастување на државата“ (божем оние претходнине ја кренаа до небеса), ќе бараат „примитивен национализам“ кај другите ама нема да го видат кај своите, како ЕУ била „спремна стотици милиони евра да ни даде“, ама ние за фрустрации сме раскажувале… итн.






Типични локални паланечки испрдоци во форма на кафеански мудрарии, подло фарисејство par excellence. Не велам дека вакви „чуда“ односно чудовишни конструкции нема на друго место. Ги има, особено во соседството. Ама – толкави?! Етерот кај нас просто рее од омраза, од грди зборови, од подметнувања и манипулации, од воспалени навивачки грла кои урлаат „уа нивни, браво наши“ иако тие „нашите“ ја заглавија земјата во најголемиот криминал и корупција некогаш видени на овие простори. Но пак се подобри од овие зашто овие не се – нивни.

Стасаа дотаму што секоја ситуација, секое прашање добива искривена перспектива и толкување, па дури и фактот дека, демек, не видела Европа со што и со кого си има работа Македонија, туку дека – заради „наша глупавост“ – разбрала „Бугарите со кого имаат работа“. И тоа веќе нема ама баш никаква врска со некакво „рацио“, уште помалку со опозиционерство или застапување на некакви независни ставови. Тоа се чисти конструкции целени кон подривање на власта токму заради фактот што не е нивната, кон создавање конфузија во локалната јавност но и во регионални рамки, па и пошироко. А можеби соседите, или не дај боже стратешките партнери утре ќе им доделат некој орден или ќе ги сместат во некоја фотелја?

Се разбира, таквите ликови треба да се остават на тоа дно да се варат самите, но тоа и такво македонско секојдневие станува пренапорно, реалноста растеглива, во многу аспекти, подметнувањето на дефетизам злонамерно и обесхрабрувачко, што де факто е и конечната цел на овие клиентелистички еквилибристики.

А сепак, сето тоа веќе утре станува некаков, каков-таков дел од оваа современа историја којашто некој, во догледна иднина, ќе се обиде да ја систематизира и изучува, па и толкува. Но прашање е што всушност ние создаваме денес: историја или патологија? И како овие нешта, овие неморални траги во времето, ќе бидат видени во догледно време: како некаков конструктивен обид за корекција на совремието или како клинички примери на деструктивна хистерија во делови од општеството?

Зашто, повторно, ако некој сето ова сака да го види како слобода на мислење и говор, како критичка опсервација на случувањата во државата и нејзините политики – па нека се и „политики“ – а не како малоумно критизерство и политикантство, тогаш таквите „слободоумни стандарди“ би морале да бидат применети и на редица многу поважни или барем еднакво важни настани што дефинитивно остануваат – прикриени. А тие, барем за историјата, оваа современата и идната, претежнуваат на „вагата“ на критичкото промислување, иако сега остануваат без реакција!

Поточно, на пример, како поминува така незабележливо изјавата на г-динот Ахмети во контекстот на преиспитување на Законот за јазиците од страна на Уставниот суд, дека „Албанскиот јазик, барем за нас Албанците, е свет и истиот има врска со суштината на нашиот идентитет. Неговото кршење во која било форма, очигледно многу боли и го нарушува токму овој идентитет.“ Но како таа прозвучува кога станува збор за македонскиот јазик и идентитет – она што е во самата суштина на спорот со Бугарија – а кога од Македонците се бара помирливост, кооперативност, вклучување на Бугарите во Уставот итн.? Па дури „ноншалантно“ не се ни присуствува на гласањето за Резолуцијата за утврдување на македонските државни интерес во контекст на блокадите на европските интеграции! И сето тоа, нормално, се премолчува од „загрижениве“ фронтовци и прогресољубци. Дури, токму оние пропагандистички клиенти и групички глумат дека не го разбираат проблемот но умеат своите етнички фрустрации да ги ставаа(т) на прво место, или пак, други типови од „интелектуалната“ македонска клиентела умееа да фрлаат дрвја и камења по Резолуцијата само заради фактот што во неа учествувала – МАНУ (намерно „заборавајќи“ ги УКИМ и МПЦ-ОА)!

Како што впрочем се молчи и за безобразието на г-ѓата Спиропали од Албанија која званичната посета на македонското Собрание ја трансформира во етничка говорница на внатрешнополитички теми. Или, поинаку поставено: замислете пример Брнабиќ од Србија да дојде во званична посета на Македонија и да почне да коментира состојби со албанскиот јазик, со Коридорот 8 или 188? Можете ли да претпоставите каков „ел Нињо“ ќе се крене во етерот, што сѐ ќе се каже и какви конструкти ќе се направат?

Се разбира, ние вака можеме да тераме во недоглед, секој со својата „вистина“ и „реалност“, со своите морални или неморални траги во времето сегашно. Но токму тие и такви траги, „вистини“ и „реалности“ ја оформуваат сликата за државата/општеството коишто, полека но сигурно ја губат својата смисла. Уште помалку ваквите траги, „вистини“ и „реалности“ сведочат за некаква македонска демократија и мултиетничко општество, а повеќе за нашите лични и колективни фрустрации и патологии.

И тука одамна веќе не станува збор само за онаа познатата народна за секој со својата „тежина“ (или глупост, како сакате). Овие патологии стануваат белег на едно неморално време, нешто од што веќе се срамиме – барем дел од нас – да не говориме за срамот што го оставаме за иднината, и историјата. Или за сликата што ја проектираме во светот.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини