Историјата како скиселена туршија

Македонската јавност е целосно неинформирана, не знае, ниту пак некој од Комисијата или од власта говореше за тоа, за што всушност се расправа(ше) во таа т.н. Историска комисија!? Или јавноста не заслужува да знае, зашто ионака е неука, глупава, необразована? Ама е солвентна да ја плаќа таа Комисија со стотици илјади евра досега? Зошто сето ова е толку голема тајна, како што се и хонорарите на досегашните членови на македонскиот дел од Комисијата?

704

Во овој миг е можеби нецелисходно човек да се занимава со онаа т.н. Историска комисија којашто доби нов состав. Но остануваат нејзините глупости, што повторно ја прави неодминлива. Како што се и некои историски потези на македонската држава по веќе фамозната смена на власта во 2017-та година и доаѓањето на „прогресивната“ политикантска секта на кормилото на државата. Што пак резултираше во историските Сцили и Харибди низ коишто ја фрлија Македонија, а низ кои поминуваме и денес.

Затоа прашањето од насловот не е произволно туку само ги следи случувањата во земјава од 1992-та година наваму, но особено по 2017-та, проектирани од некои светски и европски сили како несебичен подарок на владите на две соседни држави. Подарок – секако со одредени (не мали) компензации за возврат – што чекаше на реализација цели осум децении! Зашто, и едната и другата соседна држава во времето на Југославија не смееја ни да помислат а камоли да писнат за прашањата за коишто сега добија зелено светло. И не само тие. Тие „прашања“ беа затворени низ аргументиран дијалог, па често и монолог, но се сметаа за апсолвирани. Не само кај нас.






Затоа, кога (сега веќе бивш) член на македонскиот дел од Комисијата вели дека „Проблемите меѓу двете држави на тема историја, кои сега се обидува да ги надмине комисијата, ако се погледне барем говорот на Крсте Црвенковски од 1968 година, во тогашното собрание на Социјалистичка Федеративна Република Македонија, не изгледаат како свежи, туку напротив, како да се со одамна поминат рок“, тогаш за што расправа таа Комисија? За историјата како скиселена туршија? А зошто воопшто расправа? Задоволуваме ли некои налудничави фантазмагории на Вашингтон, Брисел и на Софија бидејќи сега, таму, се појавиле некакви нови историски полуписмени типови кои немаат поим што било вчера?

Ако пак веќе и членови на Комисијата говорат за „проблем со поминат рок“, зарем него сега ќе го решат онакви веќе скиселени политиканти како Бајден, Урсула и Радев?

Не сакам да кажам дека науката, особено историјата, колку и да е темелна, може еднаш за секогаш да ги постави границите на човечката љубопитност, истражување, размислување…, што пак често резултира дури и со пресвртни резултати во некои насоки. Но за кои и какви „нови“ резултати се расправа денес и овде? И кои се тие? Повторно, по којзнае кој пат, од плакарите се вадат старите костури на Кирил и Методиј, на Климент, Самоил… Делчев и другите? И повторно ќе им ги распретуваат коските?

И кои се, впрочем, и какви се, тие научници кои чекале половина живот да се формира ваква Комисија за да се – и нѐ – соочат со некаква нивна „историја“? Па што правеа досега? Некој им забрануваше да пишуваат? Или баш сега е времето за историјата викана „македонска салата“?

Зарем не им/ни е барем малку срам?

И повторно ќе ги спомнам идиотскине протоколи коишто од нас бараат формирање не само на ваква смешна комисија туку и бришење на одредницата „бугарски окупатор“ од спомениците и обележјата, отворање на некакви архиви и уште десетици слични „чуда“. Барања на коишто им се смеевме и му се чудевме на умот на оној Заев и тогашната влада. А ги критикуваше и оваа власт којашто тогаш беше опозиција. Сега – што? И таа работи по истиот диктат?

Се разбира дека ги имам предвид сите оние слични билатерални историски комисии низ Европа, на коишто и тогаш се повикуваа „прогресивнине“ малоумници, но и луѓе од оваа Комисија: германско-полската историска комисија, германско-француската, француско-италијанската, словенечко-италијанската и други. Но, со една суштествена разлика: ниту една од овие држави не го негирала комплетното историско постоење на другата, вклучувајќи ги тука и јазикот, културата и слично! Или тоа не е важно, важно е да се „копа“ по туршијата, еве веќе речиси пет години, да се прецедува историјата небаре расолница?

Сакам да кажам дека потегнувањето односно повикувањето на такви примери и некритичкото поистоветување со нив е прилично лажлив аргумент, недостоен за академски граѓани. Ако се навистина такви. Македонскиот пример е еден и единствен – како што се впрочем посебни и сите други истории – и не е ни идентичен ниту пак е сличен со останатите за да му се нудат слични односно идентични решенија. Луѓе од науката – ако се навистина такви – знаат дека едно решение не може да биде валидно за два различни проблеми! Или овде се во игра и други причини, па и „решенија“?!

Следствено, мора, неопходно е да се деконструира уште една лага – намерна или случајна – којашто сѐ почесто се пласира во јавноста. А таа е дека оваа Комисија е играчка за деца, таа не поставува никакви историографски вистини и норми, нејзините „препораки“ се невини до наивност и никој не мора да ги прифати, историчарите можат да си продолжат да си ги пишуваат книгите независно од нивните препораки итн., итн. Ако е сето тоа така, тогаш најдобро е таа Комисија веднаш да се удави во „туршијата“ во којашто чепка и да престане непотребно да троши време и огромни пари на граѓаните.

Зашто, ако сето тоа е така, кого тогаш обврзуваат нејзините „препораки“? Или тие десетина-дваесет луѓе немаа попаметна работа па безделничеа, ама на наша сметка? Не мала!? Бидејќи, да речеме дека некои од нивните „препораки“ ќе бидат прифатени, па и внесени во учебниците по историја за основно образование, па децата ќе учат по нив, ама кога ќе потпораснат и дојдат во гимназија ќе учат „историја без препораки“, а пак ако како возрасни дојдат до некоја историска книга, ќе прочитаат дијаметрално различни нешта од оние што ги учеле во училиште? Таква ли историска туршија подготви онаа (сега бивша) Комисија?

Или, какви тоа генерации и со какво историско образование ние подготвуваме? Едно ќе учат во основно училиште, друго во средно а трето на факултет? И замислете некој токмак да се сети ова да го примени и во математиката, на пример, па децата во основно да учат дека два и два се пет, во средно дека се седум, а дури на факултет – ако стасаат дотаму – некој да им каже дека два и два се всушност четири?!

Се разбира, „мудреците“ на тоа имаат одговор: ваквите „рецепти“ не се применуваат на егзактните науки! А зошто? Затоа што таму има поумни луѓе па не оставаат секакви билмези да претаат по науката?

А во целиот овој контекст, независно од Вашингтон, Брисел и Софија – па и Атина, ако баш сакате – ние мора да се договориме кој се плаши од македонската историја: ние или спомнатите? И од која историја се плашат/плашиме? Или, како што добронамерно препорача почитуваната Колбе, нам навистина ни треба соочување со историјата, па и „колективна терапија“? И за која, впрочем, историја расправаме, односно расправаат? За фактичката или за интерпретативната историја? И за кои и чии „факти“ и за кои и чии „интерпретации“?

Оттука, а врз основа на претходното, македонската јавност е целосно неинформирана, не знае, ниту пак некој од Комисијата или од власта говореше за тоа, за што всушност се расправа(ше) во таа т.н. Историска комисија!? Или јавноста не заслужува да знае, зашто ионака е неука, глупава, необразована? Ама е солвентна да ја плаќа таа Комисија со стотици илјади евра досега? Зошто сето ова е толку голема тајна, како што се и хонорарите на досегашните членови на македонскиот дел од Комисијата? И од кога таквите податоци се – класифицирани, како што вели и новиот министер за надворешни работи? Тие податоци можат да бидат класифицирани кога тој самиот би ја плаќал Комисијата, или тие средства би доаѓале од партиските буџети на коалицијата. Што овде не е случај, нели?!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини