АНТИКОРУПЦИСКА БАРА КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ НА ЛУКАРЕВСКА Поранешната директорка на УЈП тврди дека работела според законот
Поранешната директорка Сања Лукаревска реагираше дека вработените во УЈП морале да добијат нови договори според измените на Законот за УЈП и дека целиот процес се водел со посебна работна група.
Антикорупциската комисија поднесе иницијатива до Обвинителството за кривично гонење на Сања Лукаревска екс директорка на УЈП за „несовесно работење во службата“.
Ова е поради одлуката на екс директорката Лукаревска за групно откажување на договорите за вработувања и склучувањето на нови договори во изборен период за повисоки плати.
„Постапувајќи по предмет оформен по пријава со наводи за прекршување на законските одредби во изборен процес во Управата за јавни приходи, со донесување на решенија за распоредување на вработени и склучени нови договори за вработување за 978 вработени во Управата за јавни приходи“, наведуваат во пријавата од ДКСК.
Државниот инспекторат за труд кој донесе одлука за поништување на договорите на 129 вработените во УЈП, кои биле потпишани врз основа на нерегуларни правилници за работа.
Со ова буџетот на УЈП бил оштетен за околу 292 илјади евра.
Поранешната директорка Сања Лукаревска реагираше дека вработените во УЈП морале да добијат нови договори според измените на Законот за УЈП и дека целиот процес се водел со посебна работна група.
Таа додава дека со тоа што вработените ги префрлиле во даночни службеници решиле „голем проблем“ во УЈП и доколку не го направеле тоа во законски рок, вработените можеле да тужат, а таа кривично да одговара ако не постапила според Законот за УЈП.
– Одлуката согласно Законот за УЈП, се донесе на 12 февруари кога ја потпиша тогашниот министер за информатичко општество и јавна администрација. Ние сме многу обемна институција и во самата одлука беше наведено дека во рок од еден месец ќе ги поделиме новите договори за вработување на сите службеници – вели Лукаревска.
Актуелната директорка на УЈП, Елена Петрова предупреди дека по одлуката на Трудовиот инспекторат овие вработени ќе треба да ги вратат парите, и додаде дека се бара „најбезболно решение“.
– ДИТ на записник констатира незаконитости на колективната одлука за прекинување на старите договори за вработување со кои претходната директорка ги откажала договорите за вработување на сите вработени во УЈП, а воедно им наредила да продолжат со работат до склучувањето на нови договори според новите интерни правилници, поради што ДИТ донесе Решение со кое наложи на УЈП да ја поништи незаконитата Одлука. Од друга страна, ДКСК констатира повреда на изборниот процес. Во моментов, јас сум соочена и треба да ја извршам наредбата на трудовиот инспекторат со која ми се наложува поништувањето на Одлуката, што практично значи поништување и на сите нејзини правни последици, односно тоа значи дека ќе се поништат договорите со вработените склучени по распишување на изборите, што има свое влијание и врз платите исплатени на определени вработени кои добиле повисоки плата со промена на нивниот статус – рече директорката на УЈП, Елена Петрова.