И „БЕЛИТЕ“ И „ЦРНИТЕ“ ПАРИ ЈА ЈАКНАТ СИВАТА ЕКОНОМИЈА Ќе ги извлече ли некој облик на фискална амнестија парите од под перница?

Дел од граѓаните немаат доверба во банките ниту во државата и тоа е главната причина поради која чуваат пари во сеф или, народски кажано, под перница. Ако ги сака овие пари во банка, државата треба да понуди креативни решенија за штедење и за инвестиции. Друго отворено прашање е повлекување на парите од даночните раеви во домашните банки, а најдискутабилно меѓу експертите е прашањето за декриминализирање на парите стекнати на сомнителен начин и нивно внесување во системот со плаќање одреден процент данок.

3,365

Што ќе се случи со парите кои граѓаните ги чуваат, народски кажано, под перница, ако државата реши значително да го намали, па дури и да го истисне кешот од употреба?

Истиснувањето на готовината е една од мерките на државата во борбата против сивата економија, која според некои анализи во земјава зафаќа од 20 до 40%.






За жал, во 2020 година се направи едно големо уназадување во борбата против сивата економија, што ѝ даде нов залет, откако владата на Зоран Заев, без објаснување, го зголеми лимитот за плаќање во кеш од 500 евра на 3.000 евра. Иако стратегијата на државата беше тој постепено да се намалува до 2025 година.

Како да се протоклува ова ретерирање, освен дека во државата има огромни количини кеш кои треба да се завртат? Колку пари има во државата кои се надвор од системот е тешко да се процени. Според некои проценки, Македонците под перница чуваат околу 2 милијарди евра.

Заев во 2020 година предложи даночна амнестија

Во изминатите триесетина години во неколку наврати било актуелизирано прашањето за даночна амнестија. Под овој поим се подразбира ограничена временска можност за одредена група даночни обврзници да платат одредена сума, односно данок, во замена за прошка на даночен долг (вклучително камати и казни), поврзани со претходен даночен период и без страв од кривично гонење. Во некои случаи, законодавството наметнува построги казни за оние кои не ја искористиле можноста за даночна амнестија.

Последниот предлог за даночна амнестија беше во 2020 година, кога тогашниот премиер Зоран Заев предложи граѓаните кои располагаат со готовина која не e влезена во системот да може да ги стават парите на сметки со тоа што ќе платат данок од 10%.

– Пред да се донесе законот за потекло на имот, за кој разговараме со Европската унија, ќе дадеме отворена можност за сите домашни физички лица кои што имаат готовински пари, а се надвор од системот, да ги стават на свои сметки, со тоа што ќе платат 10 проценти данок и во рок од 2 години ќе треба да ги инвестираат парите: да си купат стан, куќа, возило, акции, или било што. Барем еднаш да ги инвестираат, а доколку не го сторат тоа ќе треба да платат уште 10 проценти – предлагаше Заев.

Од таа мерка во пракса не произлезе ништо, но прашањето и натаму е актуелно.

Другата опција, што ја предложи Заев, беше со кешот граѓаните да купат бескаматна државна обврзница за која дополнително би се утврдила рочноста на 10 или на 15 години.

Граѓанска обврзница – чекор кон легализација на парите под перница

Министерството за финансии во 2023 година промовираше граѓанска обврзница со каматна стапка од 5% годишно. Наместо да се задолжува во банки, дома и во странство, државата реши да се задолжува кај граѓаните, за што понуди да им плати повисока камата отколку што би добиле доколку би штеделе во банка.

Ова беше промовирано како мерка со двоен ефект. Од една страна, државата се задолжува со пониска камата, а од друга страна, им дава можност на граѓаните да ги извадат парите од под перница и да ги внесат во банка, односно да ги легализираат.

Еден човек најмалку може да купи една обврзница од 10.000 денари. Горен лимит нема.

– Станува збор за граѓаните кои имаат заштеди, кои поради традицијата или општо, сè уште штедат под перница и сметаат дека е подобро да ги имаат парите при себе. Посебно сега, во период на инфлација, тие чувствуваат дека парите губат вредност надвор од системот, ова е една можност да ги вложат во државни обврзници со прилично добри приноси – објасни лани министерот за финансии Фатмир Бесими, во интервју за ТВ Сител.

Тој додаде дека граѓански обврзници ќе има постојано на пазарот. Првата аукција беше објавена за 10 милиони евра, или во противвредност 615 милиони денари, а Бесими рече дека таа сума не може да влијае врз пазарот.

Оваа мерка не им се допадна многу на приватните банки, кои стравуваа дека државата им станува конкурент на пазарот. Тие стравуваа дека наместо да го внесат кешот, постои ризик граѓаните да ги повлечат парите од банките и да ги инвестираат во граѓански обврзници, гарантирани од државата и со повисока камата.

Со ваква иста мерка во Хрватска граѓаните инвестирале 500 милиони евра.

„Црни“ пари, „бели“ пари…

Не сите пари што ги имаат граѓаните се „бели“ пари. Тоа што прави задршка кај властите во врска со една ваква радикална одлука е амнестијата на парите од даночните раеви или парите стекнати на нелегален односно криминален начин, чии сопственици би требало кривично да се гонат.

Професорот Ванчо Узунов, во врска со предлогот на Заев во 2020 година, за Фактор изјави дека за таква операција е потребна опсежна анализа.

– Има значителна сума пари која е стерилизирана и не носи позитивен ефект. Тоа не може да се случи брзо, но кога ме прашувате дали е економски исправно, велам да. Сепак, треба да се направи анализа, затоа што не сите овие пари се стекнати на еднаков начин. Некои можеби се легално ставени на страна заради отсуство на можност или храброст да се инвестираат во деловен пофат, волја да не се ставаат во банка и затоа се чувани. Но, ако се стекнати со нелегални активности, треба да се размисли зашто би се легализирале и како, no и дали тоа нема да мотивира во иднина и други лица да чекаат легализација на „црни“ пари. Значи, операцијата треба да е со претходна анализа, да се обмисли добро и да се разговара – рече тогаш Узунов.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, во поткаст на Плусинфо, на прашањето дали се размислува ли за некој облик на фискална амнестија на парите во Македонија, рече:

– Во однос на заштедите на луѓето, многу е подобро да ги остават во банка и многу им се посигурни отколку дома. Тука воопшто немам дилема. Но видете, тоа е одлука на луѓето. Каде јас го гледам проблемот кај нас? На пример, оние кои што си имаат, ајде да ги наречеме „бели“ пари или „чисти“, кои ги чуваат под перница. Тоа се луѓе кои што немаат доверба во системот. Нашиот систем е многу уништен, дел од луѓето ќе ги однесат во банка, а дел од луѓето ќе кажат: „А ми гарантирате ли дека нема да се случи некоја друга банка така да пропадне?“ Бидејќи пропаста на Еуростандард банка, на пример, остави многу големи прашалници и сметам дека тоа не треба да остане затворен случај и треба да се испита до крај. Во однос на „црните“ пари, лично мое мислење – никогаш нема да ги поистоветувам со граѓаните кои што чесно заработувале. Поради која причина треба да ги ставам сите во еден заеднички кош?

Таа потсети дека според Законот за данок на личен доход, црните пари треба да се оданочот со 70% за да влезат во системот.

Но, според некои економски експерти, ова е висок процент на данок и ги охрабрува незаконското работење и сивата економија, наместо да ги дестимулира.

„Кога лице поседува имот или располага со средства поголеми од одночените, кои потекнуваат од доход, на кој не е утврден данок или не е доволно утврден и чие потекло не може да се докаже, органот за јавни приходи донесува решение за утврдување на данокот на тој доход. Основа за пресметување на данокот претставува разликата меѓу вредноста на имотот и докажаната висина на средствата за негово стекнување. Данокот на непријавениот доход се пресметува по стапка од 70%“, се наведува во Законот за данок на личен доход (член 76, 77,78).

Ако сакате да внесете повеќе од 10.000 евра, мора да кажете од каде ви се

Согласно постоечката регулатива, за уплата на поголеми суми од 10.000 евра, банките се обврзани да побараат изјава и доказ за потеклото на парите и можат да одбијат уплата доколку клиентот не поседува соодветни документи. Законот не дефинира дневен, месечен или годишен лимит за уплата на готови пари од страна на физички лица, туку постојано следење на сите трансакции.

„Врз основа на горенаведените законски одредба, во пракса банките минимум при секоја уплата на готовина во износ од 15.000 евра или повеќе, во денарска противвредност, без разлика дали уплатата е направена наеднаш или се работи за очигледно поврзани трансакции, бараат изјава од своите клиенти за потеклото на средствата“, велат од Народната банка.

Од централната банка додаваат дека кон оваа изјава клиентот е должен да приложи и соодветна документација со којашто ќе го докаже потеклото на средствата.

– Доколку уплатата на готовина се врши од страна на клиенти кои се оценети со повисоко ниво на ризик (на пример, нерезиденти, носители на јавни функции и слично), доставувањето изјава и придружна документација согласност со Законот се применува и во случај на пониски износи на готовински уплати – укажуваат од НБМ.

Како да се донесат парите од даночните раеви?

Директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски во 2013 година предложи даночна амнестија на заштедите на Македонците во странските банки. Неговиот предлог дојде откако Кипар одлучи да воведе данок од 6,75% за сите кои имаат до 100.000 евра во тамошните банки, а 9,9% за оние со заштеда поголема од 100.000 евра.

– Факт е дека законот за оданочување на депозити, Кипар го прави неатрактивна дестинација. Она што го промовирав пред неколку години, односно можноста за даночна амнестија на нашите резиденти да го вратат капиталот во Република Македонија, станува атрактивна, затоа што Кипар нема да биде единствено решение. Ова ќе биде само почеток на она што ќе се случува во Европската унија како појава – предвиде тогаш Трајковски.

Интересен е примерот на Италија, која преку даночна амнестија во 2010 година собрала 95 милијарди евра, многу повеќе одошто се очекувало. Земјата ги повика граѓаните да ги префрлат парите од швајцарските банки во домашните банки, без да одговараат за затајување данок. Според тогашниот министер за финансии Џулио Тремонти, дури 98% од валканите пари, кои со години биле чувани во странство, биле вратени во Италија. Италијанските власти тогаш процениле дека во Швајцарија се чуваат 125 милијарди евра. Швајцарија и Сан Марино со причина стравуваа дека понудената амнестија ќе доведе до масовно повлекување на парите од нивните банки.

Последна иницијатива од ваков вид во земјите од нашата околина се случи во 2023 година, кога премиерот на Албанија Еди Рама предложи фискална амнестија за сите имигранти кои обезбедиле приходи до 2 милиони евра „заработени со пот“. Не беше сосема јасно како владата на Рама ќе ја мери „потта“ и на кој начин од оваа амнестија ќе бидат исклучени сите финансиски средства што доаѓаат од сомнителни или од криминални извори. За префрлање на износите во банка требаше да се плаќа данок од 4 до 10 проценти, а потоа да нема понатамошни истражни, даночни или административни постапки. Меѓународните претставници не штедеа критики и скептицизам за реализација на фискалната амнестија во Албанија. Владата на Рама во почетокот беше упорна, но потоа заборави на сопствената иницијатива.

Олесната можност за сметки во странски банки  

Нема ни приближен податок колку пари чуваат Македонците во даночните раеви и какво е нивното потекло. Законот за девизно работење забрануваше македонски државјани да имаат сметки во странство и во даночните раеви. Според податоците од Народната банка, во земјава во изминатите години се јавиле инвеститори од Девствените Острови, Кајманските Острови, Хонг Конг и од Панама.

Во 2019 година Народната банка донесе одлука според која резидентите слободно можат да отвораат и да имаат сметки кај странски банки резиденти, доколку продале недвижен имот во странство, ако издаваат недвижен имот во странство, ако имаат стекнато недвижен имот во странство и коишто треба да плаќаат трошоци за недвижниот имот во странство, ако имаат во сопственост хартии од вредност во странство и ако треба да наплатат побарувања врз основа на продажба на хартии од вредност во странство, дивиденди, камати или други приноси врз основа на хартиите од вредност.

Според законот, жител на Македонија може да прими пари од странство од друго физичко лице, жител на странска земја, неограничен износ на пари. А Македонците може да префрлат најмногу 2.500 евра. За поголема сума, се бараат документи за потекло на парите и целта за уплатата.

КОЛКУ ПАРИ ЧУВААТ МАКЕДОНЦИТЕ ВО БАНКИТЕ?

На крајот на ноември 2023 година, во македонските банки се чувале дури 8,35 милијарди евра. Помалиот дел од нив биле на компаниите и тоа 2,46 милијарди евра, а поголемиот дел на граѓаните. Заштедите на граѓаните на крајот на 2023 година тежеле 5,671 милијарди евра и се колку годишниот буџет на државата. кој изнесува 5,5 милијарди евра за 2024 година.

Во текот на 2023 одина, граѓаните ставиле во банките нови штедни влогови во износ од дури 418 милиони евра. Домаќинствата лани зеле вкупно нови кредити од 235 милиони евра, што е многу помалку од вложените средства во текот на истиот период во 2022 година.

Што е со дознаките од странство, кои се еден од двигателите на македонската економија?

Во 2015 било проценето дека секоја година македонските иселеници кои работат во странство праќаат во Македонија помеѓу 400 милиони и 2 милијарди долари. Најголем дел од овие пари се трошат за тековна потрошувачка, со што се помага да се намали сиромаштијата во земјава.

Според податоците, само 1% од овие пари се трошеле за продуктивни цели. Дури 5% од дознаките се трошеле на свадби, 4% на автомобили, а 6% се чувале под перница.

Доколку парите што се трошат на овие три работи се потрошат на инвестиции, на пример, тоа би значело од 60 милиони до 300 милиони долари нови инвестиции секоја година. Речиси исто колку што изнесуваат странските директни инвестиции во земјава.

 

СТАВ

Легализација на пари без доказ за потекло?!

ТРАЈКО СЛАВЕСКИ, професор на Економскиот факултет при УКИМ

Одвреме-навреме во Македонија се актуелизира прашањето за легализација на парични средства без доказ за нивното потекло. Како по правило, иницијативите се интензивираат во периоди на промена на владејачката гарнитура, каков што е сегашниов.

До сега носителите на најодговорни функции во македонските влади одолевале на притисоците, плашејќи се од ризиците сврзани со таквиот потег.

Застапниците на тезата за предностите од вклучување на овој вид капитал во легалните финансиски канали ја истакнуваат можноста за зголемена понуда на финансиски средства, што би довело до пониски каматни стапки и недвосмислена корист за бизнисот.

Едно тврдење што сум го слушнал е дека сѐ уште на различни места внатре и надвор од земјава се тезаурирани пари стекнати од трансакции во сивата економија уште од периодот на матната транзиција, во услови на непостоечки или недоизградени институции на пазарната економија.

Дополнително, се укажува дека и покрај забраната и постоечките контроли, дел од овие средства континуирано се вбризгуваат во легалната економија, првенствено преку градежниот сектор. Која е тогаш смислата на забраните за внес на пари без доказ за нивното потекло во легалната економија?

Дилемите и одбојноста кон легализација се поврзани со неколку фактори:

Прво, процесот може да е во спротивност со строгите меѓународни регулативи против перење пари и финансирање тероризам;

Второ, влезот на овие пари, особено доколку се стекнати од нелегални активности, може да го наруши реномето на земјата во очите на меѓународните финансиски институции;

Трето, политичарите стравуваат од јакнење на моќта на одредени групи за интерес во земјата, кои би можеле да прераснат во силна конкуренција на политички план, што би предизвикало нарушување на безбедносната и политичката стабилност;

Четврто, а не помалку важно, наглиот прилив на финансиски средства предизвикува реална апрецијација на девизниот курс на националната валута, што влијае на намалување на конкурентноста на нејзините извозни сектори.

Би било фраза доколку заклучам дека за конечен квалификуван став за ова прашање е нужна подлабока анализа, но се чини дека преовладуваат аргументите против легализација на парите без доказ за потекло.

 

Со овој текст, Плусинфо се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Поврзани содржини