Пресметката кај „О.К. Скопје“
Еднаш се собраа во онаа „Шарена револуција“ и повторно ги изманипулираа. Меѓу манипулантите и онаа „нато приколка“ Шеќеринска, која уште тогаш ја покажа својата воинственост: нели со Заев фрлаа „бомби“ по објектите од „Скопје 2014“? Па после ги апсеа оние кои со нив го правеа истото! Можеби таа претстава ја видел и оној незрел Руте па сега ја бара за Брисел? Ќе фрлаат ли заедно „шарени бомби“ во Русија? После речете дека само во Македонија има лудаци во политиката!
Прочитајте ја барем еднаш објавата на онаа неспособнана градоначалничка која цели три години зема плата и не работи ништо! Прочитајте ја барем еднаш таа „покана“ за некаква отворена пресметка – „За таа цел, го повикуваме премиерот Мицкоски да го одреди датумот, местото, темите за разговор и форматот на состанокот“ – и многу нешта ќе ви/ни бидат појасни. Како Ајк Клентон и Вајат Ерп во Доџ Сити, јеботе! Првиот „како формат“ ќе ги земе синовите, а вториот Док Холидеј и уште некои. И ќе се сретнат кај О.К.Корал во 10.00 наутро!
Не дека таква ароганција не сме виделе досега. Сме виделе, кај многумина. Сме виделе и таква неспособност. Особено кај оној криминалецон од Будимпешта, или кај последнине двајца страотно неспособни ама безобразно арогантни „премиери“ од сектана на Бихаќка и нивните влади – на пример онаа вицепремиерка за лошо владеење Грковска, па бижутернана Бисера, или оној комичар Османи, па „Цаци“, Спасовски и др.! – па сѐ до актуелнава македонска воинствена „нато приколка“ Шеќеринска, која ја паметиме по сѐ друго освен по капацитетноста за што и да е во политиката и/или практикувањето на демократијата. И сега, погледнете ѝ ја најновата (очекувана) ролја: заменик секретар на НАТО. Па таква ароганција нема ни кај Данела!
Ама целата таа сурија неспособни политиканти имаат нешто заедничко, она што цели три години ни го поттура под нос трагичнана градоначалничка на Скопје – личната неспособност, енормната суета и безграничната ароганција коишто упорно се обидува да ни ги продаде како некаков квалитет! Можеби европски? И на која ѝ пречи сѐ друго и сите други зашто таа знае и умее најдобро. А покажува дека не знае ама баш – ништо!
Зашто да знаеше, веќе во старт ќе ѝ беше јасен распоредот на политичките сили во Советот на град Скопје, а уште појасни ќе ѝ беа состојбите особено по оној – повторно арогантен – распад на „дружбата“ со партијата што ѝ го одработи изборот за градоначалник. И како и секој нормален човек, ќе си поднесеше оставка за да не ги арчи залудно парите на граѓаните на Скопје. Ама, што нормално се случува во македонската политика?
Цели три децении македонскиот граѓанин е заробеник на таа и таква неспособност и ароганција на македонските политикантски елити (со чесни исклучоци), на нивните мали и големи меѓусебни пресметки и војни, на нивните скриени или само делумно откриени криминални дејанија за коишто никогаш не одговараат. За нив секогаш (ќе) има оправдани причини, релаксирани „истраги“ или, во краен случај, прифатлив спогодбен „дил“ како во случајот на оној екс-правобранител и пајташот му (екс)судија на Врховниот суд. Како што впрочем имаше и за цела банда криминалци од она неуништиво „Скопје 2014“, чии злосторства или застареа или беа трампани за глас во Собранието. Најмалку 800 милиони евра отидоа во ветар и во приватни џебови. Остана само кичерајон на бесмртното „Скопје 2014“, сега трансформирано во сцена за финалната пресметка кај „О.К. Скопје“!
А одредена беше и потесната локација на пресметката. Поточно, македонската верзија на легендарниот О.К.Корал беше сместена во самото срце на она шизоидно „Скопје 2014“: во преоблечената во „барок“ Влада на РС Македонија. Во 15.30 часот.
Се разбира, секој може ваквото („помирливо“) прифаќање на предизвикот од страна на власта – иако на „свој терен“ – да го толкува како сака. Многумина, па и јас, веројатно само би се насмеале на „предизвикот“ на „градоначалничка“ и на крај памет не би им било да седнат на иста маса со „ликот и делото“ на „најдобрата менаџерка“ во Европа со нула резултати. Особено не после онаква инфантилна ароганција. Но политиката размислува поинаку, има други приоритети, а во случајов тоа е Скопје и неговите жители, (па и нивните гласови, се разбира), што јасно беше потенцирано и во исказот на премиерот. Но, што е уште поинтересно, такви биле и очекувањата и на другата страна, онаа која до вчера не ја интересираше ништо освен сопствената фотелја, ама сега ќе работела „во корист на граѓаните на градот Скопје“. Па зошто досега не го правеше тоа?
Се разбира, кога ќе се определите за политиката, особено онаа од „повисоките инстанци“, должни сте да слушате сѐ и сешто, и секого, па и скопската „градоначалничка“, дојдена – како што вели соопштението од лице место – само со нејзините празни раце. Што ќе рече: на двобој, со ќор-фишеци! Без каков и да е план за надминување на трагичната состојба на Скопје, а со повторените по којзнае кој пат лаги, ароганција и лицемерие… Што е дури и разбирливо зашто ако умеела нешто самата да сработи зарем досега не ќе го сработела?
Но, очигледно, станува збор само за уште една нејзина локална провинциска претстава во низата, обид да се демонстрира лажна грижа и подготвеност за надминување на состојбите во градот и, што бргу ќе се покаже, обезбедеување на ново алиби пред граѓаните. Што пак е целосно депласирано бидејќи тие ионака одамна ништо не ѝ веруваат. Впрочем, барем тоа ѝ го покажаа, јасно и гласно, неа и на нејзината „партија“, на минатите парламентарни избори
Меѓутоа, да речеме дека таа и не е битна, иако е на важно место, дека таа е само уште едно погрешно и нефункционално шрафче во државниот механизам. Македонскиот граѓанин можеби може да го поднесе и овој удар – не ѝ остана на дотичната уште многу од мандатот! – како што поднесува слични персони цели три децении. Но неспособноста на односно во македонската политика, како и на вакви и слични ликови, веќе станува легендарна. И бескрајна, за жал. Но и необјаснива, барем низ призмата на некаква логика, ум и разум, свест за нештата. Не може македонскиот граѓанин да е толкав мазохист. И толку наивен. Или може?
Зарем навистина и понатаму ќе поднесуваме секакви хировити, неуки и неспособни ликови кои се обидуваат да глумат политичари, чија празнотија е чиста навреда за граѓаните? Или ние нешто не разбираме односно не сакаме да разбереме? Па имавме цели три децении да ги разбереме нештата нарекувани македонска политика!
Или едноставно не разбираме дека тие си се препознаваат „по мирис“, се собираат во групи и така оперираат. Потоа тие групи ги нарекуваат – политички партии! Другите, нормалните граѓани, ја немаат таа „вештина“. Еднаш се собраа во онаа „Шарена револуција“ и повторно ги изманипулираа. Меѓу манипулантите и онаа „нато приколка“ Шеќеринска, која уште тогаш ја покажа својата воинственост: нели со Заев фрлаа „бомби“ по објектите од „Скопје 2014“? Па после ги апсеа оние кои со нив го правеа истото! Можеби таа претстава ја видел и оној незрел Руте па сега ја бара за Брисел? Ќе фрлаат ли заедно „шарени бомби“ во Русија? После речете дека само во Македонија има лудаци во политиката!