🎥 НЕ СМЕЕМЕ ДА ВЛЕЗЕМЕ ВО ГРЧКО СЦЕНАРИО Година или две можеме само да ги дуваме платите во администрацијата, ама после ќе нема ни за плати ни за пензии
Ако секретарка во здравствена институција со години зема плата од 98.000 денари, ако актерите се платени од 60.000 до 120.000 денари и повеќе, ако кустос во музеј во Кавадарци има плата од 72.000 денари, ако правник во Министерството за одбрана земја двојно повисока плата од својот колега во Министерството за финансии, додека маса луѓе во јавната администрација се на очајни плати и се во депресија, тогаш тоа значи дека нешто сериозно не е во ред и затоа не можеме постојано да зборуваме само за зголемување на платите топтан, без да се воспостави фер систем, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во поткастот на Плусинфо.
Гордана Димитриеска Кочоска во моментот е најнеомилената министерка во владата на Христијан Мицкоски. Таа е чувар на државната каса и судејќи според изгласаниот ребаланс на Буџетот, наспроти фактот дека државната сметка е зголемена и на расходната и на приходната страна, таа се обидува сериозно да ги намали трошоците во прекубројната и лошо организирана јавна администрација.
Тоа е една од темите за кои министерката за финансии Димитриеска Кочоска отворено со конкретни примери говори во поткастот на Плусинфо.
Во интервјуто со новинарот Бранко Героски таа зборува најмногу за својот ресор, во кој, како што вели, работат 550 луѓе, а според исказите на самите вработени, може без проблеми да функционира со 300. Таа отворено сведочи и за манипулации со платите и со трошоците во проектната единица на Светска банка во ова нејзиното министерство.
Во буџетските проекции таа го скрати буџетот на Владата за околу 20 милиони евра.
– Kога добро се анализираа работите, навистина доаѓаме, а и во иднина ќе доаѓаме до многу големи заштеди. Да, ми ја отежнуваат сите работата. Веројатно не сум омилена и меѓу моите. Ама, мора еднаш засекогаш да воспоставиме правила. Напорно ми е, тешко ми е, се трудам да дадам се од себе. Најважно ми е дека ја имам поддршката од премиерот, бидејќи ние така функциониравме и во ВМРО-ДПМНЕ и кога бевме во ЕЛЕМ. Ние велиме, не треба никому да му ускратиме ништо, но секој треба да го добие она што му следува по законот. Не може некој од нас, народски кажано, да прави будали – вели таа.
Димитриеска Кочоска укажува и на превработеноста, но и на големите неправди во платите во разни институции. Во здравството, на пример, област во која ситуацијата е очајна, секретарката на една институција со години земала плата од 98.000 денари. Во Министерството за одбрана, на пример, имате правник којшто има дупло поголема плата од правникот во Министерството за финансии. Во Министерството за култура, пак, имате ненормално високи плати, а многу луѓе не идат на работа. Имаме, на пример, актери со плати над 120.000 денари. Во МНТ половина актери работат а половина не, а платите се од 60.000 денари па нагоре нагоре. Кустос на музејот во Кавадарци има плата од 72.000 денари, а библиотекарката повеќе од 65.000 денари.
Министерката се подготвува за сериозен и принципиелен разговор со синдикатите од јавниот сектор, кога ќе дојдат на дневен ред платите.
– Пред да разговараме за платите, ние со нив треба да се договориме една друга работа – што ќе правиме со оној дел од администрацијата којшто не работи. Тие луѓе мора да станат свесни дека мора да работат. Има еден дел од администрацијата којшто е многу оптоварен и којшто, за жал, има многу мали примања, но има и такви коишто ништо не работат. За мене е неприфатливо да разговарам топтан за сите заедно. Од друга страна, состојбата во економијата е алармантна од секој аспект. Компаниите се соочуваат со сериозни проблеми, а ние без нив не можеме да функционираме. Ако во администрацијата зголемуваме плати без да водиме сметка за овие нешта, прашањето е до кога ќе одиме така. Со ваквиот начин на однесување како до сега, ние можеме да тераме уште година до две и потоа ќе ни се случи грчко сценарио, а тоа значи принудна управа и намалување на платите и на пензиите – вели таа.
Гордана Димитриеска Кочоска отворено зборува и за тоа како се манипулира со парите за капиталните инвестиции. Таа го брани и својот личен став линеарното зголемување на пензиите да стане постојан метод. Со министерката за финансии разговараме и за идеите за ангажирање на т.н. мртов капитал на граѓаните, за сивата економија, идеите за фискална амнестија на парите кои сега се „под перница“ или во странски банки, за укинување на кешот и за дигитализација на финансиските услуги и за други важни прашања.