„СРАМ ДА ВИ Е ШТО СЕ ЗАНИМАВАТЕ СО МЛАДИ ЛУЃЕ“ Бектеши ја објави пораката што му ја пратил на началникот
Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши против кого СВР Охрид покрена кривична пријава за „попречување на правдата“ реагираше на „Фејсбук“ и ја објави пораката што му ја испратил на полицискиот началник.
„Секоја чест. Јаки сте. Срамота треба да ви е да се занимавате со млади луѓе“, стои во пораката, според Бектеши.
Тој ја оценува кривичната пријава како политичко прогонство и заплашување.
„Политичко прогонство, целта на заплашувањето нема да ви помине! На 7 мај, како координатор на Европскиот фронт во Изборната единица 5, од Штабот на Европскиот фронт во Охрид добив информација дека на денот на изборниот молк, претседателот и членовите на Штабот биле контролирани од страна на СВР-Охрид, што е директна интервенција во изборниот процес од страна на СВР-Охрид“, наведува Бектеши во објавата.
Според него, целта за ваквиот потег, како што вели, е одмазда за поразот што граѓаните и го направиле на власта на 8 мај.
„Како Крешник Бектеши, секогаш ќе се грижам за граѓаните кои се во постојан обид за заплашување, како што се моите сонародници во Охрид, Ресен, Крушево, Долнен итн. И во тоа, ништо освен Бог не може да ме спречи“, вели Бектеши.
Претходно реагираше и Демократската унија за интеграција која ги оквалификува како неосновани обвинувања против Бектеши.
Во полицискиот билтен од 25 јули беше наведено дека СВР Охрид има поднесено кривична пријава против 39-годишен жител на Кичево за кривично дело „попречување на правдата“.