ГОВОР НА ОМРАЗА МОЖЕЛО ДА СЕ ПОТТИКНЕ И БЕЗ ДИРЕКТНИ ЗБОРОВИ?! Еве како ЗНМ ја објаснува својата осуда на статусот на Богдан Илиевски „добро, зошто?“

Во реакцијата на ЗНМ не се кажува како е дојдено до заклучокот дека Богдан Илиевски имал, како што се тврди, „јасна намера“ да поттикне говор на омраза и закани кон новинарката Лепа Џундева. Наместо тоа, ЗНМ бара Илиевски да ѝ се извини на новинарката на ТВ24, а сите што имаат став разкличен од новинарското здружение се опоменати дека „ ја зголемуваат тенденцијата на напади врз жени во општеството и одново поттикнуваат вербални деликти кон Џундева“.

3,453

„Поттикнувањето говор на омраза и закани кои може да доведат до насилство не мора да биде направено со директни зборови што се јасен говор на омраза. Богдан Илиевски е јавна личност, чии општествени и политички ставови се исто така познати поради неговото учество во јавниот живот. Токму поради тоа и одговорноста на јавните личности за јавно искажаниот збор е поголема. Врамувањето на колешката Лепа Џундева во конкретниот контекст, со коментар со пропратен линк од дел од интервјуто кое таа го направила со грчки пратеник, укажува на сосема јасна намера таа да се изложи во негативен контекст“.

Ова е клучниот дел од денешната реакција на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во која покрај осудата на „поттикнувањето говор на омраза и закани“ кон новинарката на ТВ24, новинарското здружение објави дека од странски амбасади и од МВР побарало да го осудат прашањето поставено од Богдан Илиевски на колешката Лепа Џундева од ТВ24, „во кое тој ја прашува зошто во интервју со грчки политичар често го користи името Северна иако според законот тоа не мора да го прави“. Инаку, коментарот на Илиевски се состоеше од два збора: „Добро, зошто?“ Иако ЗНМ сега признава дека коментарот на Илиевски се состоел само од тие два збора, во реакцијата на двете организации (ЗНМ и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија), се вели дека „во актуелниот контекст поттикнал коментари кои ја загрозија нејзината сигурност“. ЗНМ додава дека „посочувањето од Илиевски“ поттикнало „огромен број коментари од трети лица во кои има повици за насилство, говор на омраза врз политичка, национална и родова основа, како и експлицитни закани по животот на новинарката Џундева“.






„Земено беше предвид дека Илиевски како јавна личност која води емисија на телевизија со национална концесија, а притоа е и активен на социјалните мрежи на кои што има значителен број на следбеници, треба да биде свесен дека неговите зборови, врамувања, посочувања и контексти може да предизвикаат последици, како што впрочем и се случи“, се вели во реакцијата.

По објавата на првичната реакција на ЗНМ, Богдан Илиевски веднаш се огласи со реакција, во која побара јавно извинување од ЗНМ и од ССНМ. Во неа тој вели:

„Согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со овој допис барам посебно од ЗНМ и посебно од ССНМ јавно извинување и јавно повлекување на изјавата и содржината на објавата со која е извршена клевета против мене. Доколку во предвидениот рок не добијам јавно извинување и јавно повлекување на објавената содржина на начин предвиден согласно законот, како и непосредно реагирање од страна на ЗНМ односно ССНМ до останати веб локации кои ја имаат споделено ваквата информација со која се врши клевета против мене, ве информирам дека ќе ги искористам сите расположливи правни средства и механизми согласно закон со цел на заштита на моите права со цел да си ја одбранам честа и угледот, како и слободата на мислата, говорот и нивното јавно изразување. Крајно, согласно принципите и практики на транспарентност за кои се залагаат сите новинари, замолувам да ме известите мене и целокупната јавност за времето на одржување на седницата/состанокот од страна на ЗНМ односно ССНМ на кој се усвоил овој став кон мене, за форматот на таквиот состанок и за тоа кој од вашите ценети членови ги донеле таквите заклучоци кои ги пренесовте во вашето заедничко соопштение со кое се врши клевета против мене, како би знаел дали процесот да го водам против цел правен субјект, против неколку лица или можеби против еден човек кој ја искористил приликата од лични причини“.

Повеќе новинари, медиумски работници и интелектуалци ја осудија првичната осуда на ЗНМ на коментарот на Богдан Илиевски, изразувајќи зачуденост како е можно двата збора „добро, зошто?“ да се сметаат за говор на омраза и поттикнување на закани. Во реакциите во одбрана на слободата на говорот на новинарот на ТВ Алфа се нагласуваше дека секој има право на свое мислење за употребата на новото официјално име на државата, вклучувајќи го и ставот дека новинарите и медиумите немаат обврска да го користат името со придавката „северна“.

Во новата реакција на ЗНМ не е објаснето како е дојдено до заклучокот дека Богдан Илиевски имал, како што се тврди, „јасна намера“ да поттикне говор на омраза и закани кон новинарката Лепа Џундева. Обврска на тој што некого обвинува дека сторил кривично или друго со закон казниво дело, е да докажува. Во случајот, докажувањето на „јасната намера“ е клучно. Проблемот очигледно е во тоа што е буквално невозможно во двата збора во Богдановиот коментар да се детектира било каква, а најмалку „јасна намера“.

Затоа, наместо докажување на обвинувањата на сметка на Богдан Илиевски, ЗНМ се впушта во политички оценки за „сензитивноста“ на моментот кога е пласиран оспорениот коментар на Илиевски. Па така, во реакцијата на ЗНМ се вели:

„Значењето, пак, на јавно искажаниот збор во овој случај е особено засилено поради тоа што се наоѓаме во сензитивен период во кој емоциите во јавноста се на високо ниво поради сѐ уште актуелната тема за употреба или неупотреба на името Македонија и реакциите и жалбите од Грција“.

Останува нејасно кој го овластил ЗНМ да ја коментира наводната „политичката сензитивност“ на периодот, како и тоа во кое својство и со чие овластување новинарското здружение се впушта во такви оценки. Нејасно е и тоа дали во некоја друга ситуација, која ЗНМ би ја оценила како „несензитивна“, коментарот на Илиевски не би бил осуден и дека ЗНМ не би се обратило до МВР и до странските амбасади.

Во реакцијата на ЗНМ се вели: „Двете организации во овој случај потенцираат дека за нив е од исклучителна важност слободата на изразување да остане неприкосновена, без разлика дали во општеството постојат различни мислења околу некоја тема од јавен интерес“. Но, подолу во реакцијата се додава: „ЗНМ и ССНМ се дополнително загрижени што по јавната реакција, наместо поддршка за Џундева, се огласија поединци кои ги искривуваат изнесените факти за случајот, а со тоа ја зголемуваат тенденцијата на напади врз жени во општеството и одново поттикнуваат вербални деликти кон Џундева“.

Дали тоа значи дека несогласувањето на повеќе поединци со ставот на ЗНМ и на ССНМ за конкретниот сличлај се толкува како „зголемување на тенденцијата на напади врз жени во општеството“ и за ново „поттикнување вербални деликти кон Џундева“? Како е формирана каузалната врска меѓу едното и другото? И конечно, каде е тука слободата на изразување, за која ЗНМ декларативно се залага?

Поврзани содржини