НЕМА ДА ГО БОЈКОТИРАМЕ ВТОРИОТ КРУГ Борбата ќе продолжи од нула порача Пендаровски од Крушево

Крушево беше една од двете општини, заедно со Маврово и Ростуша, каде што Пендаровски водеше во првиот круг пред другите кандидати.

276

Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и актуелен шеф на државата Стево Пендаровски ги негира обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од претседателските избори.

Како што рече, доколку планирал на бојкотира, не би дошол во Крушево каде што попладнево ја продолжи својата кампања.






На средбата со крушевчани тој порача дека борбата ќе ја продолжи од нула, како да немало прв круг од изборите.

Крушево беше една од двете општини, заедно со Маврово и Ростушe, каде што Пендаровски водеше во првиот круг пред другите кандидати.

– Дали е логично да дојдам јас во Крушево, ако мислам да бојкотирам? Јас мислам со сите вас да победам! Кој сака нека бојкотира, ниту сум бојкотирал 2014-та, ни 2019-та, ни 2016-та, ни оваа 2024-та нема да бојкотирам“, рече Пендаровски.

На противниците од ВМРО-ДПМНЕ им порача дека тие треба да му ја мислат за крајниот резултат од изборите оти „ние сите го знаеме и наместо бојкот ние ќе прославуваме“.

– Нам не ни треба враќање назад во историјата, нам не ни треба некој да биде повисоко, некој пониско. Нам ни треба подобра економија, подобра социјала, повеќе инвестиции, повеќе работни места. Ако го направиме тоа, можеме да кажеме дека бил успешен мандатот. Сè друго е карање со комшиите и внатре со најблиските, и карање на регионално ниво, со соседите – и тоа е погубно – рече Пендаровски пред присутните.

Во оваа насока тој додаде дека и натаму ќе се залага за концептот на заедништво, бидејќи смета дека сите граѓани мора да бидат еднакви.

– Отсекогаш сме биле мултиетничка држава и единствениот рецепт за просперитет е да се почитуваме едни со други – рече Пендаровски.

Пендаровски ги повика крушевчани масовно да излезат на гласање и на 8 мај.

– Тогаш ќе ја видиме вистинската слика на тоа каква ја сакаме Македонија – внатре без две или три категории на граѓани, во која сме солидарни, во која си помагаме еден со друг, стари на млади, млади на стари, Македонци на Власи, Власи на Албанци, Албанци на Турци и.т.н. Една сложна фамилија. И убеден сум дека има мнозинство такви граѓани – додаде Пендаровски.

Пендаровски во Крушево, во споменикот Македониум, положи и свежо цвеќе на гробот на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев.

Поврзани содржини