МЛАДИТЕ СЕ ДОБРИ, АМА ЈАС И НОЛЕ СМЕ ИСКУСНИ Надал не им се дава на Алкараз и на Синер
Тенисерот Рафаел Надал верува дека ќе биде потребно повеќе време за да бидат испратени во пензија „луѓето од неговата класа и од класата на Новак“.
За време на Мастерс во Мадрид, на Рафаел Надал му беше поставено едно од најчестите прашања во последно време – дали нивото на тенисот се крева сѐ повисоко? И дали тој пораст беше забрзан со доаѓањето на Јаник Синер и на Карлос Алкараз? Одговорот веројатно изненади многумина, објави српски Мондо.
– Не знам. Се разбира, тие се одлични играчи, но истовремено, ако се погледне фактот дека Новак Ѓоковиќ лани освои 3 од 4 Гренд слемови и играше во финалето на четвртиот… Значи, тој е моја генерација и секако дека помладите момчиња прават одлични нешта, но треба да се земе предвид и дека играчот од моја генерација е на слично ниво. Тој е на нивото на кое игравме долго време и сѐ уште е многу успешен. Ова потврдува дека тенисот има извонредни нови шампиони, но во исто време, работите не се толку променети – изјави Рафаел Надал.
Посочувајќи го очигледното, дека старата гарда сѐ уште се држи и дека за тоа е одговорен Новак, Надал верува дека ќе биде потребно повеќе време за да бидат испратени во пензија „луѓето од неговата класа и од класата на Новак“.
Во претходните две децении, Ѓоковиќ и Надал го формираа едно од најголемите ривалства во историјата на спортот, а не само на тенисот. Тие заедно се на врвот на „Вечната листа“ на шампионите во тенис на Гренд слем, со Новак на врвот со 24 титули, а Надал на второто место со 22.