Кандидатката за претседател на државата на Левица, Билјана Ванковска денеска од Штип порача дека првиот чекор што ќе го направи ако ја освои довербата на граѓаните ќе биде раскинување на Договорот за добрососедство со Република Бугарија. Таа, во овој контекст рече дека граѓаните освен сиромаштијата ги боли и националното.
На вториот ден од кампањата за претседателските избори, претседателската кандидатка на Левица имаше средби со граѓани на Штип на повеќе локации во овој град. Таа рече дека била топло пречекана од штипјани, како што и самата не очекувала.
Ванковска истакна дека граѓаните ги препознаваат искрените намери за зачувување на националното и бараат некој да го каже тоа што тие не смеат да го кажат.
– Јас ветив дека ќе ја зборувам вистината и јасно го кажувам тоа што граѓаните го чувствуваат, а не можат да го кажат – порача Ванковска на денешната средба со граѓани во Штип во рамките на нејзината кампања за претседател на државата.
Сама против шестмина, вели таа, дека ќе биде нејзиниот адут во трката за претседател, како и нејзината програма, која, според неа, се разликува од програмите на сите останати кандидати.
– Адутот на Билјана Ванковска е во тоа што ќе биде сама против шестмина. Она од што се состои мојата програма нема да го најдете кај ниту еден друг кандидат, така што одиме не само да бидеме интересни или оргинални, туку затоа што сметаме дека одење по една патека која не води никаде освен во бездна бара конечно радикално решение, прекин на досегашните политики и практики. Може да звучи премногу за граѓаните, но моето мислење е сега или никогаш – изјави Ванковска.