КОЈ Е, ШТО Е, ОД КАДЕ Е?! Збор-два за личниот и за професионалниот живот на кандидатите за претседател на државата

Две професорки, еден професор, двајца градоначалници, тројца лекари и една граѓанска активистка се професиите на деветтемина кандидати за претседател на државата.

1,689

Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, Билјана Ванковска од Левица, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Мерсиха Смаиловиќ од Бошњачкиот демократски сојуз и како и независниот Вело Марковски се кандидатите за претседател на државата кои од денеска започнаа да ги собираат потребните потписи за кандидатура.

Според процедурата, кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, а кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.






Во продолжение, збор-два за кандидатите:

Стево Пендаровски – 61 година

Довербата од граѓаните повторно ќе ја бара актуелниот претседател Стево Пендаровски како претставник на неговата матична партија, СДСМ.

Тој е петти претседател на Република Македонија, роден на 3 април 1963 година. Дипломирал 1987 година на Факултетот за правни и политички наудки во Скопје, а магистрирал и докторирал на Иститутот за социолошки и политички правни истражувања.

Пред да стане претседател, Пендаровски 11 години предавал на „Американ колеџ“. Беше и началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи од 1998 до 2001 година, по што стана советник за национална безбедност на претседателот до 2004 година.

Потоа беше претседател на Државната изборна комисија, а од 2005 до 2009 година е советник за надворешна политика на претседателот.

Од 2016 до 2019 година пратеник, од ноември 2017 национален координатор за НАТО.

Исто така беше кандидат за претседател на државата на претседателските избори во 2014 година.

На последните претседателски избори во 2019 беше поддржан од СДСМ, а негови противкандидати беа Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река.

Гордана Силјановска-Давкова – 69 години

Втор обид да биде првата жена претседател. Родена е на 11 мај 1955 година во Охрид, дипломирала и магистрирала на Правниот факултет во Скопје, а докторирала на Правниот факултет во Љубљана.

На Правниот факултет во Скопје најпрво станува асистент, а потоа и професор од 2004 година.

Била член на уставната комисија на Собранието и министер без ресор во Владата од 1992 до 1994 година.

Исто така е експерт за избори на ООН, потпретседател на независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа, член на Венецијанската комисија…

Од август 2020 година е пратеник во Собранието.

Билјана Ванковска – 65 години

Билјана Ванковска е претставник на Левица, родена во Скопје 14 ноември 1959 година, а завршила Правен фаултет во Скопје 1982 година, каде и магистрирала 1987 година, додека докторските студии ги завршила 1992 година.

Од следната година е избрана за доцент, а пет години подоцна и за вонреден професор. Таа е активна и во невладинот сектор, а сакаше да се кандидира за претседател и на изборите во 2014 година, кога собираше потписи за кандидатурата.

Бујар Османи – 45 години

Роден 11 септември 1979 во Скопје. Дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година. Дел од својата специјализација ја завршува во Лондон, Обединетото Кралство во периодот 2006-2007 година, додека од 2012 година се стекнува со звање специјалист хирург.

Од 2014 е докторант на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде докторира во јули 2018 година.

Од 2004 година работи како доктор на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје.

Во 2008 година е назначен како министер за здравство на Република Македонија и таа функција ја извршува се до 2011 година. Од 2011 година е Специјалист хирург во Универзитетска Клиника за Дигестивна хирургија во Скопје.

Од јуни 2017 година е назначен како Заменик претседател на Влада задолжен за европски прашања. Од јули 2018 година е назначен за Шеф на државната делегација и Главен преговарач со Европската Унија.

На 30 август 2020 година, е избран за министер за надворешни работи.

Максим Димитриевски – 49 години

Меѓу последните кои ја објавија кандидатурата е градоначалникот на Куманово, Максим Димитериевски, кој ќе биде кандидат на движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Тој е роден на 29 ноември 1975 година во Куманово, а градоначалник е од 2017 година.

Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, каде и магистрирал.

Политичката кариера ја започнува во СДСМ, беше пратеник во Собранието.

Како претставник на СДСМ станува градоначалник на Куманово, но по разидувањата со останатите партиски членови тој е реизбран за градоналаник како независен кандидат.

Арбен Таравари – 51 година

Арбен Таравари, роден на 9 април 1973 година, како претставник на опозициските албански партии влегува како претседател на Алијанса на Албаците, но во партијата настана „голема мешаница“ по неговата изјава дека се приклучува на опозицијата, по што одлуката кој ќе ја води партијата во иднина треба да ја донесе судот.

Независно од случувањата во партијата, неговата професионална биографија е многу богата.

По средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје, образованиоето го продолжува на Медицинскиот Факултет при УКИМ.

Специјализира Неврологија, а неговата докторска дисертација е од областа на Паркинсоновата болест.

Во политичките води е одамна присутен. Македонската јавност го памети како министер за здравство, а потоа станува и градоначалник на Гостивар, неговиот роден град.

На ова место е и сега, во вториот мандат.

Стевчо Јакимовски – 64 години

Уште еден градоначалник ќе се обиде да стане претседател на Македонија. Стевчо Јакимовски е искусен политичар роден 27 август 1960 во Подржи Коњ, Кривопаланечко.

Тој е и претседател на ГРОМ, а дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 1987 година.

Влегол во политиката во 1988 година, како стручно-политички работник во Претседателството на младината на Југославија. Оттогаш, тој бил на повеќе раководни функции, меѓу кои: министер за економија и министер за труд и социјална политика.

Во текот на својата политичка кариера, Јакимовски променил неколку политички партии: најпрвин бил член на Либерално-демократската партија, потоа преминал во СДСМ, за подоцна да ја формира партијата ГРОМ.

Градоначалник на Карпош беше од 2000 до 2003 година, а потоа во 2009 година, повторно бил избран за градоначалник на општина Карпош.

Првиот мандат како градоначалник бил претставник на Либерално-демократската партија, втората градоначалничка функција ја освоил како кандидат на СДСМ, додека третиот пат настапил како независен кандидат.

Мерсиха Смаиловиќ – 40 години

Мерсиха Смаиловиќ е родена 1984 година во Скопје. Нејзиното семејство е од Санџак, Р. Србија, а се доселуваат во Скопје во 50-тите години. Дипломирала при универзитетот Св. Кирил и Методиј во 2008 година и е единствената студентка која носела марама на Правниот факултет.

Смаиловиќ ќе биде кандидат за претседател на државата од редовите на Бошњачки демократски сојуз.

Таа е правничка и граѓанска активистка, и активна е на полето на застапување за човековите права, дискриминацијата, родовата еднаквост, правата на етничките групи итн.

Вело Марковски – 66 години

Меѓу првите кој обзнани дека ќе се кандидира на претседателските избори е доктор Вело Макровски, специјалист инфектолог роден на 11 мај 1958 година во Папрадиште, Велес.

Медицински факултет во Скопје завршил во 1983 година, а следната почнал со работа во Македонска Каменица.

Од 1992 до 2010 година работи на Инфективната клиника во Скопје, а од 99 до 2002 бил директор на Клиниката.

Поврзани содржини