ПУТИН ГИ ЗАБРАНИ КНИГИТЕ НА СЛАВЕН РУСКИ ПИСАТЕЛ НА ШПИОНСКИ РОМАНИ Акунин прогласен за шпион и терорист
Со Русија владее ментално нестабилен диктатор чија параноја Русија ја поддржува - истакнува рускиот писател Борис Акунин кој од власта во Москва е прогласен за терорист, екстремист и странски агент.
Рускиот писател Борис Акунин од власта во Москва е прогласен за „терорист и екстремист“ и „странски шпион“ кој шири лажни информации за Русија и руската војска.
Руското Министерство за правда го додаде името на Акунин во регистарот на „терористи и екстремисти“ поради неговите коментари за руската инвазија на Украина. Неговото „злосторство“ е што „се спротивставил на специјалната воена операција во Украина“, а обвинет е и дека помагал во собирање помош за украинската армија.
67-годишниот писател е добро познат и по обемниот опус и по долгогодишната отворена критика на власта на Владимир Путин. Некогаш беше многу читан автор во Русија, Русите ги сакаа неговите детективски романи, сè додека руските власти не ги забранија.
Долго време не беше познато кој е Борис Акунин, дека зад тој псевдоним всушност стои Григор Чхартишвили, писател со грузиско потекло, јапонолог и есеист. Авторот, заситен од успехот што го постигна со своите книги, се откажа од работата како уредник во професионално списание и се фокусираше исклучиво на пишувањето.
Акунин на литературната сцена дебитираше во своите четириесетти години, во 1998 година со детективскиот роман „Азазел“ сместен во царска Русија од 19 век. Романот „Азазел“ беше продаден во неколку милиони примероци само во Русија, потоа стана баран глобално и оттогаш постојано пишува и објавува.
Во последните дваесет години напишал десетици книги, меѓу кои десет збирки шпионски приказни сместени во „Првата светска војна“, потоа „Историјата на руската држава“ во девет тома, романи за аматерската детективка сестра Пелагија.
„Терористите ме нарекоа терорист“ – коментира Акунин, кој живее во Лондон и долго време повторува дека „со Русија владее ментално нестабилен диктатор чија параноја Русија ја поддржува“.