ПРИВЕДЕНИ ЧЕТВОРИЦА ОД ГРУПАТА ШТО ДИВЕЕШЕ ВО КОНТРОЛА НА ЛЕТАЊЕ Зградата на М-НАВ под полициско обезбедување
Од МВР информираат дека се бараат уште четири лица кои биле вмешани во инцидентот.
Во полиција се приведени четири лица од групата активисти на ДУИ што денеска дивјачки упаднаа во зградата на М-НАВ и физички нападнаа вработени во Контролата на летање, а се бараат уште четири лица вмешани во инцидентот.
Денеска околу 15:15 часот во ПО Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата). Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје се упатиле кон местото на настанот за расчистување на инцидентот.
Според првичните сознанија објавени во медиумите, упадот во М-НАВ го предводел Беким Незири, поранешен министер за економија од ДУИ.
Претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, претходно објави дека во објектот на Контрола на летање дошле неколку возила од кое излегле неколку лица кои влегле во објектот, предизвикале караница и нападнале вработени во Контролата на летање. Според него, возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето.
Нападот се случил по денешната прес-конференција на Тасевски во која тој информираше дека 20 до 30 контролори на летање и нивни помошници во М-НАВ се очекува од денеска да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, образложувајќи дека оставките се за поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.