Кич луѓе

688

Можеби не знаеме како се забавуваат во кафеана Шолц, Макрон или Мелони, дали првиот нарачува да му ја свират Бетовеновата „Eroica“, вториот некое ноктурно од Дебиси итн., или сепак слушаат нешто посовремено, но тоа сигурно не е онаков лумперај како на тројцана балкански „јунаци“ – да не речам простаци – среде Белград. И, да речеме, не е проблем што кај „нашиве“ ечи Харис Џиновиќ а они се трескаат од земја, можеби и кај спомнатине Европејци некогаш ќе запее некоја Цеца или Лепа Брена, ама тие нема јавно да паднат во алкохолен севдах, не пред камери. И тоа е првата разлика.

А втората е што „нашиве“ провинцијалци уживаат што тоа го прават јавно, зашто ако другите/јавноста не знаат како тие лумпувале, исто како и да не се случило, нели! Зашто не си ја ни разбираат простотијата, мислат дека се фраери од нивниот сокак и дека луѓето се воодушевуваат кога ги гледаат на таквите теревенки. И факт е: многумина се воодушевуваат! И тоа е една од битните разлики што (и) оваа власт ја наметнува со оваа културна војна во Македонија: кичот и шундот во сите сфери стануваат доминантен „концепт“ во државата.






Затоа денес ни изгледа смешно – или можеби ние сега си изгледаме смешни? – она „демонстративно“ фрлање боја врз кичот на „СК 2014“, она наводно згрозување и важно чепатење што и како тие ќе направеле со оваа архитектонско-споменичка збирштина во центарот на Скопје. Направија – мало сутра!

Но, погледнете ги малку подобро сите наши „државници“ од највисоката хиерархија надолу, сите тие личат на „СК 2014“, кичот и шундот им е во крвта и во малиот џеб, составен дел е од нивната „култура“. Тие никогаш и немаа(т) намера да се справуваат со него зашто тоа за нив би било рамно на самоубиство! Би отстраниле важен дел од себеси, од своето „тело“, од своето битие. И од својата љубов.

И токму таа простачка кич „арија“ стана доминантна нота во новиот (не)културен концепт на државата, токму таа „сушност“ се вее на знамето на нивната културна војна против граѓанството во Македонија. Во нивниот (не)културен концепт простотијата стана мерило на важноста на човекот! И неговата неукост, нестручност, провинцијализам, партиската возљубеност…, како дополнителни „квалитети“! Кичот не е единственото обележје (и) на овие, но е еден од поважните сегменти во војната.

Велам не е единствен бидејќи, како што потенцирав минатиот пат, огромен е фронтот на оваа војна, практично ги зафаќа сите институционални правци во функционирањето на државата: од „идеолошките“ до културните, од административните до образовните, од еколошките до судските… Но и етничките, бидејќи и етнофобијата и национализмот се составен дел на оваа културна војна! Во сите пори на системот се вгнездени воинствени протагонисти (и) на оваа власт, секогаш подготвени да промовираат дополнителни мерки за конечна егзекуција на демократскиот и граѓанскиот дух на државата. Тие се еднакво распоредени и во четите на невладиниот и „аналитичкиот“ сектор како дел од „петтата“ и „шестата“ колона, задолжени за пропагандно политикантското сеење магла во општеството.

Впрочем, прочитавте ли деновиве барем збор-два од владинава клиентела за петдневните теревенки во Белград? Нема ни да прочитате!

Целиот корпус на државното „тело“, сите функционални правци во него се важни во една ваква војна зашто таа е комплексна и мора да победи на сите фронтови. Заостанати демократски острови и/или граѓански слободарски манифестации се непожелни и недозволиви. Победата, ако не е целосна, не е победа на кичот, некултурата, шарлатанството, политикантството, простотијата. Провинцискиот барјак мора да се вее на сите тврдини! И да биде видлив од сите страни. А впрочем, зошто споменикот „Воин на коњ“ е со онолкави димензии? И зошто беше толкаво она знаме на „Голема Албанија“ во Тетово? И зошто лумперајот од Белград мораше да биде јавно достапен?!

Паралелно со воведувањето на кичот како стандард во општеството, се одвива(ше) и замената – што е и суштината на кичот, нели – на вредностите во сите државни сегменти, особено во оние „најболните“, политичките. А со тоа ги „преуредивме“ и дефинициите за корупцијата, криминалот, злоупотребите, неморалот, неспособноста итн. А впрочем, што друго беа измените на оној Кривичен законик во делот за бришење на злоупотребата на службената должност? Како и најновиот „бисер“: новиот Деловник на Собранието!

Македонската политика полека но сигурно се трансформираше во политикантство кадешто минорни партиски шушумиги од собраниската или партиската говорница делат „лекции“ за нешта што воопшто и не ги разбираат. Парламентот одамна, уште од времето на т.н. „црн понеделник“ во онаа 2012 година е претворен во куќа на кичот во којашто денес владее – буквално! – мирновременска воена диктатура. Или офицерски пашалак, ако повеќе ви се допаѓа. Па оттука, зарем навистина нѐ зачудува однесувањето на пратениците на „Левица“?

Политиката и културата се двата главни столба на кичот и провинцијализацијата во македонското општество. Впрочем, уште Хорхаимер и Адорно посочуваа дека општеството и културата формираат еден историски тоталитет, таков каде што тежнението за слобода во општеството е неразделно од тежнението кон просветеност во културата! Зашто, всушност, говорејќи и за политиката, и за историјата, и за општеството…, ние говориме за културата и, во крајна линија, за – слободата. Но ние, наместо за култура, говориме за – кич.

Па следствено, во услови на веќе очигледна тотална културна војна, македонската култура повторно нема што да каже. Таа впрочем не смогна сили да проговори ни за идентитетскиот и културниот предизвик од источниот сосед, ниту пак за „врамувањето“ во онаа евроинтегративна Прокрустова постела. Страотен, на самата граница на веројатноста, е молкот на македонската култура за егзистенцијалните прашања, но затоа евтини кич пискарала и грст хистерични „филмаџи(к)и“ се кренаа да глумат едновремено обвинители и судии заради доделувањето на награда на еден српски актер. А сега, кога пред нив се одвива една нова јавна инфантилна кич претстава со Агенцијата за филм во главна улога, тие – молчат.

Не им пречат криминалци и незнајковци, тие ја прифаќаат како своја и рамна на себеси онаа неписмена и неспособна банда културни профитери кои во нејзино име ја резилат низ регионот и светот. Прифаќаат сѐ: од неспособни „мамини и татини“ ќеркички и синчиња до партиски џуџуња на директорски позиции, од лажни демократи до „демократски“ лажговци, од кловнови во „експертски“ куси панталони до џепчии како владини миленичиња…

Затоа, тука повторно доаѓаме до спомнатите Хорхаимер и Адорно, кои посочуваа(т) дека во современите општества, многу често, јавноста е безмалу неизлечиво заробена од страна на коруптивната култура што ја соголува од нејзината автономност и индивидуалност! Кичот нѐ зароби целосно и неповратно.

Извор: теодосиевскиуметност

Поврзани содржини