ЈА ЗНААТ ЛИ СТРАНЦИТЕ ДАНЕЛА? Трајко Славески ќе ги извести меѓународните институции за нејзиниот однос кон градскиот парламент

Претседателот на Советот на Град Скопје претходно на социјалните мрежи ја коментираше веста дека градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, е избрана за членка на Управниот одбор на Глобалниот парламент на градоначалници.

1,576

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, на денешната седница на градскиот парламент, побара поддршка од координаторите да се испратат писма до меѓународните институции и организации за однесувањето на градоначалничката Данела Арсовска.

Тој рече дека градоначалничката повеќе од еден месец не му одговорила за претходно предложените термини за одржување на седницата за советнички прашања, при што потенцираше дека ова е трета седница на која таа не доаѓа.






– Имам намера да испратам писма до сите меѓународни институции и организации во кои со својата интензивна активност градоначалничката Арсовска се промовираше во последниве неколку недели, за нејзиниот однос кон советот, кон советниците и кон претседателот. Ако ја добијам поддршката од советниците, ќе бидат испратени писмата – рече Славески, по што ја прекина седницата за советот.

Славески претходно на социјалните мрежи ја коментираше веста дека градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, е избрана за членка на Управниот одбор на Глобалниот парламент на градоначалници.

„Некаков си Глобален парламент на градоначалници, во кој Данела Арсовска била избрана за член на Управен одбор, треба да објасни што очекува од жената која осум месеци не се појавила на седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, чиј претседател беше сѐ до нејзината смена“ – напиша Славески на Твитер.

Поврзани содржини