ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГО УРИВА ИНТЕГРИТЕТОТ НА СУДОТ Повторно одложено рочиштето за „Таргет-Тврдина“
Ова е четврто рочиште коешто се одложува во предметот и покрај тоа што помина еден месец откако новиот изменет Кривичен законик стапи на сила, а со неговото стапување настапи застареност на предметот. Јавното обвинителство нема смелост да се повлече, а судот да констатира застареност.
Јавниот обвинител на 30 минути пред започнување на главната расправа по предметот „Таргет-Тврдина“ денеска го известил судот дека нема да присуствува на денешното рочиште, од причина што сѐ уште не била донесена јавно обвинителска одлука по предметот откако новиот Кривичен закон стапи на сила.
За разлика од Јавниот обвинител, одбраната во случајот и обвинетите беа дојдени на расправата, а дел од нив беа спроведени со полициска придружба од Охрид и од Струга, каде што издржуваат казна затвор или куќен притвор.
Ова е четврто рочиште коешто се одложува во предметот и покрај тоа што помина еден месец откако новиот изменет Кривичен законик стапи на сила, а со неговото стапување настапи застареност на предметот.
Наместо Јавното обвинителство да се повлече, а судот да констатира застареност, еден од обвинетите сѐ уште ја издржува мерката притвор и непотребно се зголемуваат трошоците за одбраната со одложување на рочиштата.
На ваквото однесување на Јавниот обвинител и толеранцијата којашто кон него ја има судот, реагираа адвокатите на обвинетите.
Адвокатот Љупчо Шврговски посочи дека со одлуките на судот да ги прифаќа барањата на ЈО за одложување, го става обвинителството во привилегирана позиција како странка во постапката и покрај тоа што е неиздржано образложението дека заземале правен став по предметот.
„Никаде во ЗКП нема подвоеност на улогите за едната страна да биде привилегирана до тој степен за да може по четврти пат да одложува ваква расправа за обвинение за кое е настапена застареност и нема потреба да се разгледува“, реагираше Шврговски, според кого ова обвинение досега требало да биде повлечено.
Тој директно го праша судот зошто му удоволува на ЈО и дали истото би ѝ било дозволено на одбраната. Според Шврговски, не е добро за интегритетот на судот тој да не реагира кога по четврти пат се одложува рочиште на барање на ЈО. Во име на одбраната, тој побара по член 402 судот да донесе одбивателна пресуда.
Шврговски смета дека во случајот грубо се злоупотребуваат права кои по ЗКП и не му следуваат на обвинителството, напоменувајќи дека доколку продолжи ваквата практика, одбраната ќе биде принудена да бара заштита на своите права пред Судскиот совет.
Тој посочи примери кога и покрај влошената здравствена состојба, адвокатите и обвинетите морале да се јавуваат на закажаните рочишта, а никогаш и не смееле да помислат да побараат некое одложување заради наводно заземање на правен став по однос на некој исказ или доказ во постапката.
Судот посочи дека не може да постапи поинаку, освен да го извести обвинителството за следното рочиште и да го предупреди дека ќе бара казна доколку повторно не се појави никој.
Во предметот „Таргет-Тврдина“, по донесувањето на измените во Кривичниот законик, се одложија рочиштата закажани за 13 и 19 септември, како и за 4 и 12 октомври.
Предметот „Таргет-Тврдина“ се суди по втор пат во Кривичниот суд, откако Апелацискиот суд го врати со сериозни напатствија дека во првото судење не била добро утврдена фактичката состојба, односно изведените докази дека не успеале надвор од разумно сомневање да ги потврдат тезите на ЈО за прислушувањето.