Лажат дека со преговорите доаѓа поголема помош од Унијата!

1,111

Како земја кандидат, Македонија ги користи ИПА фондовите на ЕУ. Во Буџетот 2007 – 2013, во ИПА I, за земјите кандидати беа одвоени 11,5 милијарди евра. Во ИПА II (2014 – 2020) имаше 12,8 и во ИПА III (2021 – 2027) предвидени се 14,162 милијарди. Главни корисници се шесте балкански држави и Турција.

Паралелно, земјите членки (27) користат структурни и инвестициони фондови коишто се, разбирливо, многу, многу повисоки. Во Буџетот 2014 – 2020, на пример, тие изнесуваа 731 милијарда евра. Овие огромни фондови, меѓутоа, коишто се на располагање на земјите членки, во најголем дел се за инфраструктурни проекти во транспортот, во енергетиката, во екологијата…, коишто само индиректно и на долги патеки влијаат на подобрување на животните услови на населението.






Во нашата срамна и понижувачка еуфорија, под туѓ диктат да го менуваме Уставот, доста политичари често го лажат народот дека ако капитулираме со уставот, ќе ги започнеме преговорите, а со тоа ќе можеме да ги користиме и структурните фондови на ЕУ. Понагласено, тоа го тврдат нивните трабанти, што е чиста лага и тешка и намерна манипулација со народот, за да ги прифати срамните уставни промени.

Членството во Унијата е неспорна главна цел и преокупација на сегашната гарнитура на власт. Како идеја, намера и политика, тоа воопшто не е спорно. Впрочем, огромното мнозинство во земјава, од сите структури, е за членство во ЕУ. Тука нема разлики. Власта, меѓутоа, ако навистина беше концентрирана за наше што побрзо зачленување, место да си игра мајтап со народот околу Уставот, ќе се концентрираше на реформите. А нив, ги нема.

Сосема спротивно, потезите коишто ги влече власта немаат никаква врска со официјалната цел. Напротив. Тие ја злоупотребуваат Унијата и, преку неа, се обидуваат да ја прикријат сопствената некадарност. Мандатот им трае веќе речиси седум години, а немаат никакви резултати. Немаат со што да се пофалат. Затоа, фатени се за Брисел како слепи за стап. Унијата, та Унијата, а таа никогаш не била подалеку од Македонија. Го замајуваат народот дека, еве, нешто прават. Заради лагите, спреми се да жртвуваат сѐ, дури и сопствениот народ. Резултатот е катастрофален, бидејќи Брисел останува сѐ понедостижен.

Сѐ е ставено на картата за членство во Унијата, ама на погрешен начин, и на погрешна основа. Така е поради партиските и лични интереси на македонската владеачка гарнитура. Албанскиот дел од политичкиот фактор, пак, во бугаризацијата на Македонците гледа широка авенија за реализација на големоалбанскиот проект. Затоа се и едногласни.

Стравотна е пропагандата којашто се прави за да се нагласи потребата од промена на Уставот. Се создава психоза дека кој е за промена е Европеец, а којшто не е, е против ЕУ. Се подметнува теза дека, кога ќе влеземе во Унијата, во земјава ќе течат мед и млеко, што е далеку и од умот и од вистината. Токму затоа, често се труби и за драматично зголемување на помошта од ЕУ, само ако го смениме Уставот и ако ги започнеме преговорите.

За промена на Уставот, масовно се злоупотребува и иселувањето. Демек, со членството и тоа ќе се намали. А членството – само ќе го зголеми. Сега, за да се побегне од Македонија, потребно е понижување за да се земе бугарски пасош. Тогаш – вратите ќе бидат отворени. Бугарија е одличен пример – по зачленувањето, преку милион заминаа од земјава.

Сега е веќе општо познато дека Унијата нема намера бргу да се шири. Од Брисел, дури и отворено се порачува дека главна цел е реформирањето, со намера тоа да се заврши до 2030 година. Дури и нејзиниот претседател, Мишел, беше погрешно интерпретиран кога кажа дека „Унијата треба да биде спремна за нови членки до 2030“.

Се објаснуваше дека тоа значи дека и приемот на кандидатите треба да биде тогаш. А, всушност, тоа значи дека проширувањето ќе следува дури потоа. А, колку ќе траат реформирањето и проширувањето, никој не може да предвиди. Бесмислени се очекувањата дека тие ќе одат паралелно. Тоа не е теоретски возможно. Не можеш да ја реновираш куќата и да примаш гости. За кандидатите за членство, ориентир може да биде само 2040-тата.

Да го цитираме и францускиот претседател, Макрон, којшто е еден од најголемите противници на проширувањето. Така е бидејќи и 62 проценти од Французите се против. На почетокот од 2020 година, кога ја наметна потребата за промени на преговарачкиот процес, којашто стана речиси непремостлив за кандидатите, тој изјави: „Сите велат – ‘ајде да отвориме преговори со Албанија и со Македонија’, ама по една секунда ќе кажат – ‘но, внимавајте, тие немаат можност да се интегрираат уште 15 или 20 години’“. Тоа значи токму 2035 или 2040.

Сѐ почесто и сѐ погласно се најавува и дека Унијата нема да се шири како до сега туку ќе има четири кругови, или четири столбови. Тоа значи втора, можеби и трета лига. На повидок се сосема нови решенија.

Во целина, денес е крајно неизвесно што ќе се случува во ЕУ, во годините коишто следуваат. Нејзините реформи можеби и никогаш нема да завршат бидејќи се крајно контроверзни и апсолутно неприфатливи, барем за некои членки. Тоа ќе се рефлектира и на проширувањето.

Сепак, неспорно е дека треба да се направи сѐ, за што поскоро Македонија да стане членка на Унијата. Меѓу другото, и големите фондови во Унијата недвосмислено го потврдуваат тоа. Тоа е наш траен интерес, ама истиот мора да се реализира на пристоен и регуларен начин, а не со национално понижување, со бришење на Македонците.

Засега, од Брисел имаме важечки ултиматум дека, ако сакаме членство, мора да се откажеме од самите себе, и да се бугаризираме. А тоа, не е само интерес на Унијата, што го прави нашиот предизвик уште потежок. Бугарија, исто како и Грција пред тоа, се само алатки во туѓи, многу поопасни раце.

Вината е сепак наша. Според искуството, кога си спремен на неконтролирани и понижувачки отстапки, и кога покажуваш апетит да голташ кнедли… по правило, другата страна уценува, поставува ултиматуми и го бара невозможното. Токму тоа ни се случува. Долго се одеше од грешка во катастрофа, без никакви корекции, и затоа сме на ова дереџе. Мораме да направиме драматичен пресврт, за да успееме.

Нашите најнови кардинални грешки, со несогледливи последици, започнаа со трагичниот договор од Нивици. Без да навлегуваме во содржината, само ќе нагласиме дека со него – а) државата беше длабоко меѓународно понижена (се откажавме од нашето историско и уставно име, официјално признаено од околу 140 држави, што значи преку две третини од сите во светот); б) се игнорирани македонскиот народ, македонската држава и нејзините историски корени (со прекрстувањето на државата, практично, се откажавме од сопствениот национален идентитет); и в) државата е национално и институционално обезличена (нема веќе ниту Македонци, тие се сега само во Грција, ниту нешто „македонско“. Сѐ стана „национално“, односно безлично).

Клучен е заклучокот дека ако не беше Нивици, ќе беше невозможно и сегашното нецивилизациско дивеење на Бугарија. Софија збесна и започна да го бара невозможното откако виде на какви сѐ отстапки се спремни нашите политички аматери и предавници. Нѐ донесоа во жив песок, каде можеш само да пропаѓаш. Нема друг избор.

Место фундаменталната грешка, направена во Нивици, да доведе до некакво освестување, политичкиот врв на земјава „запиша“ нови и незамисливи грешки. Се продолжи со погубни протоколи со Софија што, се разбира, доведе до неконтролирано зголемување на бугарските апетити и амбиции. Објективно, тоа можеше и да се очекува.

И поради сето ова, мора да ни биде јасно дека исполнување на бугарскиот ултиматум, особено во овие услови – е фундаментална грешка. Промената на Уставот треба да води во забрзување на процесот на бугаризација на Македонците, и тоа од внатре. Како народ, тоа во никој случај нема да нѐ води во ЕУ, туку на ѓубриштето од историјата. Впрочем, и утре да го промениме Уставот, и веднаш да ги исполниме сите бугарски небулози околу „заедничката историја“, како крунски доказ дека сме неосвестени „бугарчиња“, нема никаква шанса да се забрза нашиот од кон Брисел! Дури и да е Унијата спремна да се шири! Софија, нема да го дозволи тоа, ама не само таа.

И други членки, сосема со право, нема да нѐ „пуштат“ во ЕУ. Сите тие се свесни дека во земјава владее развиен организиран криминал, дека корупцијата цвета, дека правосудството има рејтинг од неколку проценти, дека администрацијата ни е на ниво од 19 век, дека во здравството луѓето се убиваат место да се лечат, дека во школството сѐ е извонредно, освен што нема учебници… Некои од овие членки (Холандија), тоа веќе отворено ни го кажуваат.

И, да заклучиме. Излез од ќор-сокакот во кој сме доведени е можен само со целосен пресврт во нашата надворешна политика. Тоа значи итно откажување на договорот за (не)пријателство со Бугарија, и двата катастрофални протокола, со што по автоматизам станува неупотреблива и преговарачката рамка на Унијата. Услови за тоа има безброј бидејќи Бугарија не само што не спроведува ништо од договорот, туку и флагрантно го злоупотребува.

Бидејќи нема проширување на Унијата во догледно време (според сегашните реални услови, тоа најрано може да се случи некаде околу 2040 година. Ако, воопшто и се случи) има простор и за нови ама рамноправни преговори со Бугарија. Само така ќе отвори простор и за членство во ЕУ. Со апсолутна сигурност може да се тврди дека со сегашната преговарачка рамка, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Вклучувајќи и во евентуална втора или трета лига.

Ние сме на потег. Од нас зависи нашата иднина. Ако се бориме за нашите универзални права, поддршката нема да изостане. Но, таа треба и мора да се бара. Сама, никогаш не доаѓа. Имавме доволно време и конкретни прилики, во тоа и да се увериме.

 

Поврзани содржини