Македонија и доаѓање „дома“ во ЕУ
Прашањето кој дошол „дома“ во ЕУ, или, пак, се чувствува и понатаму како сирак кој не може на вистински начин да се надева на домашна топлина во домот каде што не го примаат со раширени раце, се чини дека и понатаму ќе биде нејасно меѓу земјите кандидатки за членство.
„Можеби најубавото во говорот на Фон дер Лејен, а од што речиси ми се насолзија очите, беше кога зборуваше за Украинката која бегала со своето дете ја преминала границата кон ЕУ, велејќи дека дошла дома“, рече неодамна финскиот европратеник Нилс Торвалдс, коментирајќи го годишниот говор на претседателката на Европската комисија до ЕУ, која притоа посебен акцент стави на идното проширување на Унијата.
„Токму тука има нешто што јасно зборува за присутните очекувања во однос на ЕУ“, смета Торвалдс. Украина, и тоа не само во изјавите на Фон дер Лејен, се почесто добива истурено место во позиционирањата во чекалната пред ЕУ, каде што Киев има најкраток стаж на својот аспирантски статус. Албанскиот премиер Рама е можеби во право со своите иронични забелешки дека земјите во Западан Балкан можеби би требало да завојуваат за да го забрзаат сопствениот пат кон Брисел.
Руската војна против Украина, како што тврди Фон дер Лајен, докажала дека постои силна потреба Европа да се приспособи на поопасна и понепредвидлива геополитичка средина, посочувајќи дека „дел од таа адаптација е и проширувањето на Унијата“.
Но критериумите за кои се зафаќа Брисел, како што е познато, во разни периоди и фази на дискусијата околу ЕУ-проширувањето, се прилично измешани, развлечени или скратени, како на Прокрустова постела. На Бугарија, на пример, и се дозволува како критериум за прием на нови членки на ЕУ да наметнува историска ревизија за настани од пред илјада и повеќе години. Каква врска има тоа воопшто со „адаптацијата“ на модерните механизми на европската соработка и интеграција, за што зборува Фон дер Лејен, е веројатно тешко да се разбере.
На финскиот европратеник му се насолзиле очите поради страдањето на украинските бегалци, што секако може да се сфати и прифати со емпатија и разбирање. Но би било интересно, се разбира, кога би можело да се дознае, дали тој некогаш барем ги стиснал усните од разочарување и индигнација поради изложеноста на Македонија на европска ветрометина, каде што со децении ја удираат и шибаат со разни вета, притисоци и уцени, што претходно мора да ги исполни за да дојде „дома“ во ЕУ. Не би било претерано доколку претпоставиме дека Торвалдс таквите укажувања веројатни би ги окракатеризирал како непотребна патетика.
Повеќе земји-членки велат дека натамошното проширување на ЕУ е во нивен интерес.
Таквите ставови наидоа деновиве на потврда и на дводневниот неформален состанок на министрите на ЕУ од земјите-членки, што се одржа во шпанскиот град Мурсија. Најжешко прашање на агендата беше како ЕУ може да се приспособи за да може Унијата да расте, да напредува и да функционира со повеќе членки отколку денес.
Според шведската министерка за ЕУ, Џесика Росвал, руската инвазија на Украина предизвика прашањата на ЕУ-проширувањето повторна да добијат третман на итност. Розвал смета дека вратата на ЕУ мора да биде отворена за европските земји кои ги исполнуваат највисоките барања во однос на демократијата, владеењето на правото, пазарната економија, но и многу повеќе од тоа. Но, како и многумина други нејзини колеги, не би било упатно, ниту пожелно, во овој момент да се шпекулира за можен датум или година кога ЕУ-портите ќе се отворат за нови членки.
Нема никакво сомневање дека руската војна во Украина го прекрои геополитичкиот терен и го стави проширувањето на врвот на агендата на ЕУ. Но низа нејаснотии се и натаму присутни околу тоа како треба да се подготви и реформира Европската унија? Може ли ЕУ да се помрдне напред по кризите во последните петнаесет години, или е неопходно да се направат опсежни реформи кои ЕУ би ја издигнале на ниво на пофункционален механизам за да може да се прошири?
Општопознато е дека во рамки на ЕУ се присутни крупни разлики кои укажуваат на сериозни тешкотии во намерите да се постигне порамномерен демократски и економски развој на линиите што го означуваат Западот и Истокот на континентот.
Секое четврто дете во ЕУ е сиромашно, покажува најновите податоци што ги објави Евростат. 20 милиони деца – или едно од четири – во земјите на ЕУ се класифицирани во категоријата на сиромашни. 24,7 отсто од сите деца во земјите-членки биле изложени на ризик од „сиромаштија или социјална исклученост“ во 2022 година – како што официјално гласи терминот на ЕУ за сиромашните европски граѓани.
Можеби не е никакво изненадување дека членки на ЕУ со најголем процент на сиромашни деца се Романија и Бугарија, кои според вкупната слика на показателите на општествениот развој најчесто се влечат на опашката на ЕУ. Преку 41 отсто од децата во Романија и околу 34 отсто од децата во Бугарија се во зоната на сиромаштија. Во ова рангирање на Евростат најдобро стои Словенија, каде што бројот на сиромашни деца изнесува „само“ околу 10 отсто.
Прашањето кој дошол „дома“ во ЕУ, или, пак, се чувствува и понатаму како сирак кој не може на вистински начин да се надева на домашна топлина во домот каде што не го примаат со раширени раце, се чини дека и понатаму ќе биде нејасно меѓу земјите кандидатки за членство.
Во секој случај, за Романија и Бугарија, како две од најсиромашните европски земји, како во времето на нивниот прием во членството, така и сега, вратата на ЕУ се отвори по релативно кус рок на „преџвакување“ на Копенхашките критериуми. И покрај сите недоследности низ годините и децениите, очекувањата во однос на ЕУ и понатаму се мошне големи. Токјму затоа, и за земјите од Западен Балкан ЕУ не може да биде ништо друго освен доаѓање „дома“.