Ние (НЕ) сме Европа
Држава која си дозволува странски „булдожери“ да ѝ ја „пеглаат“ опозицијата, да ѝ ги водат клучните – локални и меѓународни процеси, да „убедуваат“ пратеници и да лажат за добробит на власта е срамна држава и не може да биде дел од Европа.
Колку и да се обидува оваа власт низ „благонадежни“ кампањи како онаа „Ние сме Европа“ да го убедува мнозинството граѓани во искреноста и вистинитоста на нејзините ветви пароли, тоа е залудна работа.
Ние не сме, а со таква власт никако и не можеме да бидеме Европа. Зошто? Затоа што:
– Држава во којашто најраспространета и највносна активност се криминалот и корупцијата генерирани од највисоките врвови на власта не е и не може да биде дел од Европа;
– Држава во којашто законите не важат еднакво за сите не е и не може да биде дел од Европа;
– Систем со европска придавка „хибриден режим“, во којшто владеат партиски врхушки и послушна државна и локална администрација ама баш никако не е и не може да биде дел од Европа;
– Држава со доминантен авторитарен мирис а без елементарен демократски вкус не може воопшто ни да се надева на место во прогресивниот европски клуб;
– Систем во којшто царува тиранија на глупоста, лагата, дволичноста, неспособноста, криминалот и корупцијата не е компатибилен на европскиот демократски дух;
– Систем во којшто партиската книшка и блискоста со криминалните партиски врхушки е единствен меродавен критериум не е и тешко дека може да се нарекува дел од Европа;
– Земја во којашто власта цели шест години е неспособна да спроведе ниту една од очекуваните структурни реформи никако не може да претендира да биде дел од Европа;
– Земја во којашто соседна држава слободно отвора „културен“ клуб со името на профашистички злосторник а на отворањето бесрамно дефилира половина влада на таа држава не е и не може да се смета за дел од Европа;
– Држава која ги лаже граѓаните дека „Членството во ЕУ е трансформација на нашата земја и економски развој, стабилност и просперитет“ (Б. Маричиќ), односно дека ЕУ а не власта треба да им донесе подобар животен стандард, подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, економски напредок, социјална правда и врвна демократија (Ковачевски), не е и не може да биде европска држава;
– Држава која склучува договори во четири очи вредни милијарда и половина евра може само да сонува дека е европска држава;
– Држава во којашто највисоки функционери за своите семејства купуваат државно земјиште по багателни цени не може да смета на рамноправно европско членство;
– Држава која дозволува соседна земја да ѝ ја диктира историјата, да ги контролира учебниците, да ѝ ги менува спомениците од НОБ…, не е и никако не може да биде Европа;
– Држава во којашто претседателот го нарекува народот „стока“ и „болен“ нема ама баш никакви шанси да стане европска држава;
– Држава којашто целно спроведува антипросветителство не припаѓа ни во европскиот среден век;
– Држава која си дозволува странски „булдожери“ да ѝ ја „пеглаат“ опозицијата, да ѝ ги водат клучните – локални и меѓународни процеси, да „убедуваат“ пратеници и да лажат за добробит на власта е срамна држава и не може да биде дел од Европа;
– Земја којашто пропагира граѓанско а диригира биетничко општество никако не се вклопува во европските идеи;
– Држава во којашто власта не си ја познава односно ја игнорира сопствената историја не е држава по европски стандарди;
– Ако учениците во основното образование две години по ред „учат“ без учебници, како таа земја може да мисли дека е дел од Европа?;
– Држава што води хајки против своите врвни уметници не може да пледира да биде дел од европската култура;
– Држава во којашто модуларни болници горат за три минути и убиваат 14 луѓе, а главен виновник е електричен кабел, не е и не може да биде држава според европски стандарди;
– Земја во којашто во еден ден се случуваат четири силувања (полицаец од Демир Капија си го силувал малолетниот син, кавадарчанец си ја силувал 7-годишната ќерка, малолетен брат си го силувал помалиот брат и друг малолетник во Скопје, затвореник пуштен на викенд ја силувал малолетната роднина) а ниту еден државен функционер не кажува ни збор не може да се смета за земја подготвена за европско членство;
– Власт во којашто министерка за труд и социјална политика одредува со колку пари месечно можат да живеат пензинерите е незрела, некомпетентна и неевропска власт.
Европското чувство и стандарди се дел од многу луѓе во оваа земја, но не и од оваа власт чиешто малолетно однесување и неспособност се единствен виновник за катастрофалната состојба во државата на сите „фронтови“ и особено во застојот во евроинтеграциите.
Недовербата на огромното мнозинство граѓани кон неа ги прави паролите од типот „Ние сме Европа“ детска шега и локален политикантски фолклор.
Регресивната врхушка Пендаровски, Ковачевски Маричиќ, Османи и сите останати „фактори“ на оваа власт се „лидери“, но не во македонската битка за ЕУ туку во натамошната провинцијализација на земјата, нејзиното забрзано осиромашување, континуираната партизација и грабежот на државните ресурси.
Извор: Теодосиевски уметност