ТОПЛОТО ВРЕМЕ Е СКРИЕН УБИЕЦ Македонија не ги брои жртвите на екстремните горештини
Во Македонија ниту во Министерството за здравство, ниту во Институтот за јавно здравје, ниту во Државниот завод за статистика не се води евиденција колку лица биле жртви на топлотните бранови во нашата земја.
Екстремните температури „убија“ голем број Европејци во изминатата година, но во Македонија не се знае кај колку точно лица како причина за смрт е наведено топлото време, бидејќи кај нас таква статистика не се води.
Пред неколку дена Шпанија објави дека поради жештините ова лето починале 6.000 лица. Во Македонија ниту во Министерството за здравство, ниту во Институтот за јавно здравје, ниту во Државниот завод за статистика не се води евиденција колку лица биле жртви на топлотните бранови во нашата земја.
– Ние водиме статистика на починатите лица по причина на смртта. На пример, за топлото време може да биде срцев удар, мозочен удар или некои други заболувања од заболувањата коишто биле причина за смртта, но индиректно тешко дека може да се открие дали токму топлото време довело некое лице да почине – ни изјави директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Тој посочи дека здравствените власти ги кодираат причините за смрт кај едно лице, но нема информација дали кога некој ќе почине како причина се одредува топлото време.
– Кај нас мислам дека се водат според тоа дали некое лице кое починало, на пример имало кардиоваскуларни проблеми, тоа се изложило на сонце, му се слошило и починало. Тука како причина за смрт се става хроничната болест, но не се знае дали топлото време е токму тоа што довело до тоа лицето да почине – вели Симовски.
Жешкото време го зоврива и телефонот на Итната помош
Поради високи температури во Итната медицинска помош во Скопје значително е зголемен бројот на повици на лица кои бараат помош, но оттаму велат доколку некое лице почине тие само констатираат смрт, а не ја наведуваат причината.
– Кога одиме да пружиме помош на некое лице и доколку тоа почине, ние во тој момент само констатираме смрт. Вообичаено кога е на јавно место се повикува полиција, а тие повикуваат дежурен јавен обвинител. Потоа телото на починатиот се носи во Судска медицина. Според нашето искуство, со сигурност не може да се каже дали причина за смртта е токму топлото време – изјави доктор Марина Сотировска, раководителка на смена во Итната медицинска помош во Скопје.
Таа информира дека во текот на летото во Итната медицинска помош се јавуваат лица да пријават колапси на јавни места, на работни места, а како причина за тоа го наведува топлото време, но и хроничните болести.
– Жешкото време предизвикува несвестица кај лицата со хронични болести, но и кај возачите (на автомобили, на тротинети, на велосипеди) кои губат концентрација и се случуваат сообраќајни незгоди. Поради тоа се препорачува лицата да избегнуваат движење кога е пикот на топлото време, да се почитуваат препораките од владата – додава докторката Сотировска.
Најголема смртност има од болести на циркулаторниот систем
Инаку според податоците на Државниот завод за статистика, во Република Северна Македонија бројот на умрени лица во 2022 година изнесува 22.459 и е намален за 21,2% во однос на претходната година. Од вкупно умрените лица, поголем број се од машки пол, и тоа 11.868 или 52,8%. Бројот на умрените доенчиња изнесува 58 и нивното учество во вкупниот број на умрените лица изнесува 0,3% на 100 умрени лица.
Според месецот на смртта, најголем број случаи има во месец јануари, 2.802.
Просечната возраст кај умрените од машки пол изнесува 71,5 година, односно 75,8 години кај лицата од женски пол, повисока просечна возраст за 4,3 години се бележи кај жените.
Најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем, според МКБ-10 (шифра I00-I99), и тоа 41,3% случаи од вкупно умрените, потоа се случаите кај кои причина за смртта се неоплазмите (шифра C00-D48) со 17%, со 6,8% се застапени случаите кај кои причина за смртта е вирусот ковид-19 (шифра U07), ендокрините, нутритивните и метаболичките болести (шифра Е00-Е90) се застапени со 6,7%, а умрените лица кај кои причина за смртта се болестите на респираторниот систем (шифра Ј00-Ј99) се застапени со 4,5%, по што се останатите, но со помала застапеност.
Топлотниот бран лани покосил повеќе од 60.000 Европејци
Научниците открија дека екстремните горештини убиле повеќе од 60.000 луѓе во Европа минатото лето, во катастрофата што стана посмртоносна поради стакленички гасови што ја изгореа планетата.
Статистичарите на ЕУ алармираат дека во август поради големата топлина, сушата и бесните пожари кои зафатија голем дел од континентот, е забележан невообичаено голем број луѓе кои умираат за време на најжешкото лето во Европа.
Топлотниот бран од 2003 година предизвика повеќе од 70.000 смртни случаи одвишок ширум Европа, главно во Франција, и доведе многу земји да спроведат мерки како што се системи за рано предупредување, отворање на климатизирани училишта и слично.
– Овој и слични акциски планови можеби делумно го ублажија влијанието на топлотниот бран во 2022 година, но бројот на смртни случаи е сè уште поголем од очекуваниот – наведува истражувачката Клои Бримкомб од Универзитетот во Грац во Австрија во студијата објавена годинава во Nature.
Експертите за јавно здравје ги зеле тие податоци и користеле епидемиолошки модели за да утврдат колку смртни случаи може да се следат со температурата. Тие открија дека 61.672 луѓе починале од причини поврзани со топлина во Европа помеѓу 30 мај и 4 септември 2022 година. Стапката на смртност е највисока во Италија, Грција, Шпанија и во Португалија.
– Има луѓе кои во секој случај би умреле, но тие не се бројат со оваа методологија – рече Џоан Балестер, вонреден професор по климатски и здравствени истражувања на Институтот за глобално здравје во Барселона и главен автор на студијата според која топлината предизвикала смрт.
Само мал дел од смртните случаи поврзани со топлина доаѓаат од топлотен удар. Во повеќето случаи, топлото време ги убива луѓето со тоа што го спречува телото да се справи со постоечките здравствени проблеми како што се болести на срцето и на белите дробови.
Студијата покажа дека секоја недела од летото 2022 година, просечните температури во Европа „континуирано“ ги надминувале почетните вредности од претходните три децении. Најтешките горештини беа од 18 до 24 јули 2022, кога од нив починаа 11.637 луѓе.
Како да се избегнат сончаницата и топлотниот удар?
При екстремно високи температури, регулаторниот систем на нашето тело брзо доаѓа до своите крајни граници. Дополнително, постарите луѓе честопати пијат премалку вода. Поради тоа, телото не може да продуцира доволно пот, што пак го отежнува ладењето на телото. Честопати, препорачливо и најсигурно е да се повика лекар.
Најдобриот начин да се избегне топлотна исцрпеност или топлотен удар е да не излегувате премногу на сонце и особено не околу пладне, да ја заштитите главата со светла капа, да избегнувате изложување на екстремна топлина и да пиете многу течности. Непишано правило е дека на возрасните им е потребно најмалку половина литар вода повеќе од вообичаеното на топли денови.
Што е топлотна истоштеност?
Долга изложеност на сонце или на екстремно високи температури може да предизвикаат прегреаност на телото и да доведат до сончаница. Топлотната истоштеност е состојба предизвикана од топлина слично како топлотен осип, топлотни грчеви или топлотен удар. Иако е полесно од топлотниот удар, доколку не се лекува може да доведе до сериозни проблеми.
Вообичаено првиот сигнал за сончаница е главоболка. Топло ви е, вашето лице е вцрвенето, многу се потите, потешко се движите, и можно е да чувствувате умор, гадење и нагон за повраќање. Можно е да почувствувате и вртоглавица и несвестица. Кожата на човек со сончаница вообичаено не е топла, туку студена.
Што да сторите при топлотна истоштеност?
Најпрво, оние кои страдаат од сончаница треба итно да се тргнат од сонцето, на студено место или под сенка, и да пијат вода што побрзо. Студени и влажни крпи можат да помогнат да се олади телото. Дополнително, некој со топлотна истоштеност мора да пие многу течности за да ја вратат рамнотежата на водата на нормално ниво. Студената вода и спортските пијалоци ги обновуваат загубените соли, но избегнувајте алкохол и кофеин. Паралелно со прекумерното потење, тие дополнително ќе ве дехидрираат, што ќе доведе до уште поголема загуба на течност, и тоа до два литри на многу топли денови, велат експертите. Додека симптомите не се подобрат, треба да се мирува.
Во тешки случаи, може да дојде до повраќање, конфузија, па дури и несвесност. Доколку тоа се случи веднаш побарајте лекар, барем за да се исклучи топлотен удар.
Што е топлотен удар?
Поимите топлотна истоштеност (сончаница) и топлотен удар често се мешаат. Наместо како две различни нешта, гледајте на нив како на два различни степени на затоплување на вашето тело. Но, топлотниот удар е поопасен од топлотната истоштеност. Топлотниот удар може да се случи кога, на пример, вршите физичка активност на висока температура или кога топлотната истоштеност не се третира правилно.
Кога надвор е екстремно топло, телото апсорбира повеќе топлина одошто може да испушти. Телесната температура може да порасне до 41 степени Целзиусови за 10 до 15 минути. Ова акутно прегревање може да предизвика антивоспалителна реакција низ целото тело.
Регулаторниот топлински систем на телото крахира и потењето престанува. Потењето е начинот преку кој телото се лади, и без него температурата на телото почнува да расте.
Топлотниот удар е животно загрозувачки. Симптомите се нарушена свесност, главоболка, вртоглавица и гадење, повраќање, диареа и низок крвен притисок. Топлотните удари се развиваат во рок од еден од шест часа и можат да предизвикаат смрт во рок од 24 часа доколку адекватно не се третираат.