„СЕ МОЛАТ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ПОМАЛКУ ДА ЛАЖАТ!“ Депонијата „Дрисла“ тврди дека Аеродром и Кисела Вода немаат договори за депонирање смет
Се поставува прашањето, каде го фрлале сметот овие две општини во изминатите месеци ако немаат договори со ЈП Депонија „Дрисла“ - Скопје, единственото предвидено место за одложување отпад - прашува ЈП „Дрисла“.
Јавното претпријатие Депонија „Дрисла“ ги негира тврдењата на градоначалниците на Кисела Вода и Аеродром дека имаат потпишани договори со ЈП „Дрисла“ за депонирање смет.
„Ги замолуваме градоначалниците од општина Кисела Вода и општина Аеродром да бидат поодговорни кога даваат изјави и да престанат безочно да лажат, особено поради тоа што веќе e креиран сомнеж за извршување кривично дело од нивна страна против животната средина. Имено, ниту општина Аеродром, ниту општина Кисела Вода немаат потпишан договор со ЈП Депонија „Дрисла“ – Скопје, бидејќи истиот им е истечен во март.
Се поставува прашањето, каде го фрлале сметот овие две општини во изминатите месеци ако немаат договори со ЈП Депонија „Дрисла“ – Скопје, единственото предвидено место за одложување на отпад? Дали креирале и колку диви депонии креирале? Колку од дивите депонии кои ги исчисти градот Скопје повторно се претворени во хаос со отпад“ – прашува во соопштение ЈП Депонија „Дрисла“ – Скопје.