КАКО БИ ИЗГЛЕДАЛ ПРВИОТ ДЕН НА УКРАИНА ВО ЕУ? Политико пишува дека нема да биде воопшто сјајно!
Ако Украина утре стане членка на ЕУ, ќе добие убедливо најголем дел од земјоделските субвенции. Тоа ќе предизвика револт кај земјоделците низ цела Европа. Потоа, тука е прашањето за обнова на Украина со вртоглави суми. ЕУ нема да дозволи Украина да влезе пред некако да се изменат законите за финансирање. Но, во чија корист? Исто така, Полска и Украина заедно би контролирале петтина од пратениците во Европарламентот. Тежиштето на ЕУ би се поместило на исток.
Ова е моментот за кој Украинците се бореа – и умираат. Украинскиот претседател Володимир Зеленски оди по црвениот тепих во зградата „Европа“ во Брисел кон неговиот прв состанок на Европскиот совет.
Тој чекори по црвениот тепих не како гостин облечен во војна, како рок-ѕвезда, туку како лидер на полноправна членка на ЕУ.
– Слава Украина – вели тој, застанувајќи да им се обрати на насобраните телевизиски камери.
Потоа со намигнување додава:
– Слава на Европската Унија.
Вака почнува анализата на Политико за членството на Украина во ЕУ. Заклучокот? Дека прерано е да се кажи кога и дали таа ќе стане членка. На оваа линија се изјавите од
поранешни европски дипломати, аналитичари украински функционери…
Списокот на реформи што Украина ќе треба да ги спроведе е долг и добро документиран. Она што е помалку испитувано е како ЕУ ќе мора да се промени за да се смести земја уништена од војна со повеќе од 40 милиони луѓе кои ги ризикувале своите животи за да станат дел од блокот.
Koj ќе дозволи Украина да ги вшмука сите субвенции на ЕУ?
Секако, пристапувањето на Украина би било многу различно од со најголемото проширување во 2004 година кога беа внесени 10 нови членки. Но, овој пат, ЕУ треба да ја прими земјата уништена од војна со приближно населението на Шпанија и поголема површина од која било друга членка.
– Што очекуваат дека ќе се случи кога Украина ќе се приклучи на единствениот пазар на ЕУ? Не само што источните земји повеќе нема да можат да го блокираат житото, туку Украина ќе биде и најголемиот корисник на земјоделските субвенции на ЕУ. Како полската влада ќе им го објасни тоа на нивните фармери? – изјавил еден дипломат од ЕУ на еден состанок на брод што пловел по реката Дуро во Португалија во мај годинава.
Ако Украина утре стане членка на ЕУ, ќе добие убедливо најголем дел од парите од Заедничката земјоделска политика од 386 милијарди евра, која ги наградува земјите според нивната земјоделска област. Нејзините обработливи површини зафаќаат површина поголема од цела Италија. А просечната фарма се протега на 1.000 хектари, во споредба со само 16 хектари во ЕУ.
– Кога зборуваме за „реформа“ на Заедничката земјоделска политика, тоа обично значи давање помалку пари на земјоделците. Дури и најмала промена на ЗЗП е подготвена да испрати бран на протести на земјоделците низ цела Европа – и стотици трактори до улицата де ла Лои во Брисел – рече Аро.

Никој не сака да плаќа за обновата на Украина!
Потоа, тука е обновата на Украина. Сумите потребни за ова се вртоглави. Економското училиште во Киев во март соопшти дека штетата само на инфраструктурата на Украина изнесува 143,8 милијарди долари. Земјата разурната од војна ќе има еден од најсиромашните БДП во блокот штом ќе се приклучи.
Приемот на Украина ќе претвори некои земји од нето-корисници во нето донатори. Парите, секако, ќе течат од побогатите земји.
Поради ова, малку е веројатно дека на Киев ќе му биде дозволено да се приклучи без некоја реформа на кохезионото финансирање на ЕУ, што сочинува околу една третина од буџетот на блокот.
Искуствата од пандемијата со ковид-19 покажаа дека Европа е поделена по ова прашање.
Тежиштето на ЕУ се поместува кон Исток?
Потоа, тука се и геополитичките размислувања, бидејќи приемот на Украина неизбежно ќе го сврти центарот на рамнотежа на ЕУ на исток. Од нападот на Русија врз Киев, источните гласови, особено во Полска и Балтикот, ја водеа политиката како никогаш досега. Давањето место на Киев на масата ќе му обезбеди на тоа крило на блокот уште поголема политичка и институционална тежина.
– Кога Украина во одреден момент хипотетички ќе влезе во ЕУ, ‘источнувањето’ на ЕУ ќе продолжи, без сомнение – рече Каи-Олаф Ланг од германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.
Од оваа причина Германија веќе направи реформа на системот за гласање на Советот – конкретно повеќе одлуки донесени со квалификувано мнозинство наместо со едногласност – предуслов за членството на Украина.
Сигурно ќе следат барања и за други вакви промени во институциите.
Од друга страна Украина ќе најде сојузник во Полска, земја со која има вековни врски.
Со Украина во Европарламентот би надминал 751 пратеник, а Украина би командувала со 9 отсто од гласовите, слично како Полска во моментот. Но, за ова да се случи треба да биде кренат лимитот на пратеници. Тоа би било уште една нова институционална акробација.
Зеленски како нов Черчил
Како што паѓа ноќта над бриселскиот парк „du Cinquantenaire“ во квартот на ЕУ, Зеленски го зема дневникот што го започнал по завршувањето на војната. Бидејќи не му е туѓа суетата, тој не ги пропушти споредбите што некои ги направија меѓу него и Винстон Черчил.
Како и Черчил, Зеленски сака да ја раскаже својата верзија на настаните – и својата улога во нив.
Во тефтерчето со жолто-сина боја тој гордо запишува што сè требало Украина пак да влезе во Европа векови откако Ана Јарославна од Киев се омажи со францускиот крал Анри Први во катедралата во Ремс во далечната 1051 година.