НЕКОИ ГЕРМАНЦИ ЈА САКАА(Т) ПОВЕЌЕ ОД СОПРУГАТА Германската марка и по 20 години сè уште непрежалена
И иако Германците не носат марки, туку носат евра во своите паричници повеќе од 20 години – во главите и во срцата на многу граѓани на Германија, маркатасè уште „живее“.
Германската марка влезе во историјата пред повеќе од 20 години или попрецизно, на 1 март 2002 година официјално беше повлечена од употреба и заменета со еврото. Но, во главите и во срцата на многу Германци таа сè уште е присутна, пишува Дојче веле.
Економски напредок и стабилност, тоа се двете работи што Германците ги поврзуваат со нивната стара валута.
„Германската марка е нешто што некои Германци го сакаат повеќе од сопствената сопруга“, вака тогашниот сојузен министер за финансии Тео Вајгел, го опиша односот на многу Германци со нивната валута во октомври 1997 година.
И иако Германците не носат марки, туку носат евра во своите паричници повеќе од 20 години – во главите и во срцата на многу граѓани на Германија, марката сè уште „живее“.
Марката симбол на економскиот бум
Германската марка беше симбол на германскиот економски бум по Втората светска војна. Марката стана мит. Кога оваа валута беше воведена во западногерманските окупациски зони пред точно 75 години, на 21 јуни 1948 година, полиците на продавниците беа исполнети преку ноќ. Трговците ја ваделе робата што ја чувале во магацините бидејќи едноставно повеќе немале доверба во претходната валута – германската Рајхсмарка.
Во децениите што следеа, западногерманската марка стана втора најважна валута во светот, по американскиот долар. Но, тој голем „рез“ во 1948 година, односно преминот кон нова национална валута, беше истовремено и голем шок. Се „стопиле“ заштедите на бројните граѓани, за 100 рајхсмарки во штедната книшка се добиени само 6,50 нови марки. Но, платите, кириите и даноците едноставно беа префрлени во новата валута на основа 1:1. Секој граѓанин потоа добивал еднократна премија од 40 марки, а дополнителни 20 марки еден месец подоцна. Редуцирањето на понудата на пари на пазарот беше основа за стабилна валута.
Големиот тест на зрелост за германската марка дојде неколку децении подоцна, и тоа сосема неочекувано: „Ако дојде германската марка, остануваме, ако не, одиме кон неа!“ Така извикуваа жителите на тогашна Источна Германија (ДДР), есента 1989 година, периодот на големите промени.
Уште пред политичкото обединување на Германија, Д-марката ја замени ДДР-марката на 1 јули 1990 година. Курсот по кој источната валута се менуваше за западната – 1:1. Тогашниот федерален канцелар, Хелмут Кол, посебно инсистираше на брзо создавање на економска и монетарна унија – и покрај предупредувањата од Бундесбанката (германската централна банка). Проблемот беше што по воспоставувањето на Д-марката како официјална валута, планираната економија на ГДР се најде преку ноќ во турбулентните води на капиталистичкиот систем на пазарната економија.
Воведувањето на еврото и „Теуро“ ефектот
Единаесет години подоцна, на новогодишната ноќ 2001/2002 година, пристигна еврото. Новата европска валута ги замени марката, лирата, франкот, шилинзите…
По првичната еуфорија следуваше ненадејно отрезнување во Германија. Многу Германци го доживуваа еврото како „Теуро“ (игра на зборови што сигнализира дека со воведувањето на еврото сè стана поскапо) – без оглед на тоа што статистичарите и економистите го тврдеа спротивното. Многу луѓе при користење на новата валута во продавници, кафулиња или фризерски салони имаа чувство дека марката е претворена во евра во сооднос 1:1. „Теуро“ беше прогласен за збор на годината во Германија во првата година по воведувањето на еврото.
Имаше и многумина кои предвидуваа дека заедничката валута со Италијанците и Грците некогаш ќе стане неконвертибилна, „мека“ валута на која пазарите нема да и веруваат. Тогашниот канцелар Кол бил свесен за скептицизмот, како што подоцна признал во едно интервју: „Ние многу веројатно би изгубиле на референдумот за воведување на еврото и укинување на германската марка“.
Кој е постабилен марката или еврото?
Која валута на крајот се покажа постабилна? Германската марка или еврото? Тоа е – еврото! Во 25-те години од своето постоење, Европската централна банка (ЕЦБ) успеа да ја постигне целта, а тоа е просечна годишна стапка на инфлација од два проценти. Анкетите на Европската унија, исто така, покажуваат дека владее силна поддршка на еврото: повеќе од 80% од Германците и повеќе од 70% од граѓаните на Европската унија ја поддржуваат заедничката валута.
Сепак, скептицизмот кон еврото не исчезна целосно, а сè уште има и такви кои копнеат по брендот. Поранешниот главен економист на ЕЦБ, Отмар Исинг, желбата за враќање на марката ја смета за носталгија, како што рече во 2018 година: „Ќе се разгори дискусијата за цената на половина литар пиво на Октоберфест во Минхен, и луѓето забораваат дека дури и во времето на марката, цените растеа од година во година.
Оние кои се уште имаат залихи на стари германски марки некаде дома со нив не можат ништо да им купат. Но, во која било филијала на Бундесбанк во Германија тие може да се заменат за евра.
Германската марка официјално го загуби статусот на независна валута на 1 јануари 1999 година со воведување на еврото. До почетокот на 2002 година, марките сè уште се користат како официјално средство за плаќање.
Интересен е и податокот дека германската марка е основа за создавање на босанска конвертибилна марка. А, марката привремено се користела како официјална валута и на Косово и во Црна Гора.
Според некои анализи, се проценува дека до 2012 година, сè уште во оптек биле 13,2 милијарди марки, при што една анкета од 2011 година покажала дека мнозинство од Германци се за обновување на валутата (иако само мал дел од нив верувале дека тоа ќе донесе каква било економска корист). Поновите анкети покажуваат дека само малцинство Германци го поддржуваат повторното воведување на германската марка.
Инфлацијата официјално е 6,1%, на Германците им се чини три пати поголема!
Потрошувачите во Германија имаат чувство како инфлацијата да е три пати повисока од она што е официјално утврдената. Зошто е така?
Според студијата на осигурителната компанија Алијанц Трејд, стапката на инфлација што ја перцепираат луѓето во Германија во мај била 18% – речиси три пати повисока од официјално објавените 6,1%. Општо земено, луѓето имаат тенденција да ја чувствуваат инфлацијата во секојдневниот живот како повисока од измерената вредност, се вели во анализата, пренесува Дојче веле.
Сегашната динамика на инфлација уште повеќе ја зголеми таа разлика.
-Постои голем јаз помеѓу перципираната и фактичката инфлација, особено во Германија – вели Јасмин Грошл од Алијанц Трејд. Во еврозоната како целина, тие две вредности се разликуваат за околу девет проценти, а во Германија за околу единаесет.

Експертите ги истражуваа и причините за ваквата голема разлика, која е поврзана со составот на потрошувачката кошничка и со вистинското однесување на потрошувачите.
Потрошувачите посветуваат поголемо внимание на промените во цените на производите што често ги купуваат, како што се храна и пијалоци, гориво или други потреби за секојдневниот живот.
-Ако тие цени во продавниците растат над просекот, луѓето имаат тенденција да чувствуваат дека инфлацијата е многу повисока – објаснуваат експертите.
Психолошките аспекти, демографските и регионалните разлики, како и индивидуалното однесување на потрошувачите може да ги наведат потрошувачите да почувствуваат зголемување на цените поинаку од официјално измерените вредности.
Официјалните стапки на инфлација често значително се разликуваат во рамките на Европската унија. Во мај тие се движеа од 2,8 % во Грција до 21,5 % во Унгарија. Во Австрија инфлацијата беше 8,8 %, што е повисока отколку во Германија (6,1%) и Швајцарија (2,2 %).