Авторизација на животот

И тоа беше „авторски проект“ – праматарско пазарџиски, ноншалантно политикантски и историски налудничав – што требаше да донесе безбедност, сигурност, стабилност… и отворен пат кон ЕУ. Но и таму „авторизацијата“ отиде во други раце, и насоки. Затоа сега истите „автори“ заканувачки мафтаат со прстот, а новите „идеолози“ на нашите животи молчаливо се кријат зад нив и ни нудат олимписки натпревар во стандарди.

478

Да не беше евроинтегративниот процес не ќе знаевме кои сме и што сме, да не беше налудничавава „нова“ бугарска политика кон Македонија не ќе знаевме кој јазик го говориме, да не беа одредени судијки со нивните дилетантски историско-доказни „поуки“ не ќе знаевме како некои народи се однесувале уште од времето на Илинденското востание. А како најново упатство за иднината ни доаѓа сознанието дека ние, всушност, го трчаме небулозниот владин „прогресивен“ маратон за подобар стандард од некои европски држави! Целава оваа дилетантска политикантска гарнитура запнала да авторизира некои свои идеи за минатото, сегашноста и иднината, за целиот наш живот, како ние да не знаеме кои сме и кои сме биле. Но, не знаеме кои ќе бидеме!

Така некако можат да се сумираат овие „надчовечки“ напори на новиве македонски бранители на државноста, идентитетот, историјата и иднината, олицетворени во нивните смешни „државнички“ активности: претседателот на собранието дури од Ватикан ни го брани јазикот, премиерот од „Плаошник“ (или Плаошник, како сакате) ни го објаснува идентитетот, судијката организира историска парница и од нас бара докази… Толку бранење на јазикот, идентитетот, историјата и актуелните „политики“ не сме имале повеќе од половина век, но сегашново „мириса“ само на атмосфера на блиски избори. А повишените тонови, пресијата и димензиите на ветувањата – но и заплашувањата! – премногу заличуваат и на периодот непосредно пред менувањето на името на државата, кога сите, со рачињата на срцата, се колнеа во непроменливоста на „вечното име“!






И тоа беше „авторски проект“ – праматарско пазарџиски, ноншалантно политикантски и историски налудничав – што требаше да донесе безбедност, сигурност, стабилност… и отворен пат кон ЕУ. Но и таму „авторизацијата“ отиде во други раце, и насоки. Затоа сега истите „автори“ заканувачки мафтаат со прстот, а новите „идеолози“ на нашите животи молчаливо се кријат зад нив и ни нудат олимписки натпревар во стандарди.

Последниве десетина години македонските политички – или политикантски, како сакате – „елити“, загубени во лавиринтот на хаотичното управување со државата, како компензација се зафаќаа(т) со „историски“, дури судбински прашања, се занимаваа(т) со идентитетски и јазикотворни „проблеми“, со имиња и презимиња на државата, со знамиња и споменици…, односно со сѐ што е далеку вон нивното знаење и способности. Со најбезобразна самобендисаност си припишуваа некаква таинствена моќ на убедување на граѓанинот, на објаснување на минатото и сегашноста и светлата иднина. И тоа по правило завршува(ше) со – фијаско.

Оние претходнине со „СК 2014“ помпезно и „романтично“ се обидуваа да ни наметнат нивна авторизација на некаков антички идентитет редејќи скулптури пред зградата на Владата во стилот на паланечки Акропол среде Скопје, садеа „споменици“ кај ќе стигнат коишто потоа ќе бидат „дообјаснувани“ со глупави таблички итн. Тој „проект“ испадна налудничав, апсурден, неуспешен и прескап за минорниот резултат што го постигна. Кога луѓето така едноставно би се прекрстувале, покрстувале, преименувале, реидентификувале… антиквизирале!

Овие денешниве тогаш не бираа зборови да го исмејат тој шизоиден „потфат“, за да веднаш по доаѓањето на власт со уживање ги окупираат наследените кич ентериери, да се забавуваат во насуканите „галии“, да положуваат цвеќе пред карикатуралнине „споменици“. Сега и да слават на „Плаошник“ што не е никаков Плаошник туку нечија фикс идеја за тоа место, а за којашто предлагаа и да апсат луѓе. И преку тој ист „Плаошник“ сега се обидуваат да спроведат нивна авторизација на македонскиот јазик!

А всушност, сакаат одново да преоткриваат, авторизираат и докажуваат – што? Сопствениот јазик, јазикот на државата, на народот, јазикот на првите црковни книги и псалми, јазикот на претците и современиците, минатото/историјата и традицијата…, што? И кому? Себеси, нам, на соседите, на Европа…? И зошто? Не знаеме кои сме, кој јазик го говориме, каде и што сакаме? Или како што „СК 2014“ откри некаков скриен страв, или дилема, кај тогашните шушумиги кои сме и што сме, сега овие ги јадат други јанѕи?

Но, поновите македонски искуства говорат дека овде ништо не е баш така „бетонирано“ и свето – најмалку животот! – дека сѐ е подложно на нови политикантски авторизации, наши или од „меѓународната заедница“, како што не беше ни името на државата, првото знаме коешто сега го прогонуваат како еретичко итн. Зошто тогаш вечни би биле идентитетот, јазикот, историјата…? Па кога веќе го спомнувам: како се случи, и со чија авторизација, првото државно знаме на самостојна и независна Македонија по 1991 година сега да е – неподобно? Исто како и новата „авторизирана историја“ и онаа фашистичка окупација од 1941 година којашто преку ноќ ќе треба да стане – административно управување? А можеби било и самоуправување, а? Кои и какви студени ветришта дуваат низ овие умови, зарем нивната глупост по многу прашања мора да стане – национална политика и симбол? И сите да се раководиме според нив?

Може ли утре некој од „умниве прогресивци“ од оваа гарнитура да го забрани и спомнувањето на името на Киро Глигоров, или Бранко Црвенковски… па и на оној Иванов… како претседатели на државата?

Или сега, и преку дилетантска „авторска теза“ да проблематизираме дали кај некои граѓани „немало одредено однесување со кое негирале или работеле против формирање на оваа држава“? Само за да ги внесат Бугарите во Уставот? А потоа и да се наостриме за напад на стандардот за да ги престигнеме Полска, Чешка, Словачка, Бугарија…?

Ваквото загадување на јавниот простор со провинциско и до зла бога неуко и неприкладно однесување е крајно неумесно и не служи никому. Односно – служи: барем му покажува на граѓанинот дека и сегашниве политикантски „елити“, слично на оние со „СК 2014“, се обидуваат (одеднаш) да се прикажат како загрижени еврофили, јазикоборци, стандардизатори…, сѐ со цел да ги камуфлираат сите останати фијаска на надворешен и внатрешен план, на патот на евроинтеграциите, на демократизацијата на земјата и закочените реформи. Сегашниот нивен обид за некаква нова авторизација на идентитетските, историските и јазичните политики, на животниот стандард на граѓанинот кого де факто го гледаат само како кочница за нивните лукративни планови, е одраз само и единствено на несигурност, страв, простотилак…, но и (дали?) на некои и некакви скриени намери. Или ветувања, некому? Слично на она за името на државата, за Бугарите во Уставот, на она за „историските коридори“ како уште една новоисториска минхаузеновска бламажа, како впрочем и сѐ друго што ни сервираа во изминативе пет-шест години. Баронот навистина може да им завидува!

Во услови на ваква профитерска контаминација на државата не е примерено дури ни да се прават историски паралели и да се спомнуваат сериозни имиња од минатото во која и да е област. Ние денес, особено младите, не можеме ни да замислиме што ќе се случувало на овој простор ако ги немало оние историски великани кои стрпливо и методично ја граделе, ја авторизирале големата државотворна идеја како национален проект. Младите можеби никогаш веќе нема ни да дознаат што и како се случувало во историјата на овој простор зашто – очигледно е – нема кој тоа да им го каже. Овие забрзано работат на агендата на заборавот! Сегашните генерации се оставени без патокази, втренчени во оваа политикантска непогода, во оваа историска, идентитетска и јазична катаклизма, предводена од никој друг туку од самиот државен врв.

Но оние кои малку подолго паметат мораат да си го подмират долгот, мораат да остават траги за историските вистини, за настани и личности од извонредно значење за Македонија чиј безвременски труд оди во неповрат – запустен, игнориран, заборавен. А сепак, во историски релации, ваквите периоди се само миг, трепет на крилјата на пеперутката, но со големи штети по иднината. Но не се ненадоместливи, никако. Инаку, цивилизацијата, па и на овие простори, одамна ќе ја немаше!

Поврзани содржини