ВО ТЕК Е БРОЕЊЕТО НА ГЛАСОВИТЕ ВО ТУРЦИЈА За неколку часа ќе се знаат првичните резултати

Граѓаните на Турција денеска гласаа на претседателски и парламентарни избори и избраа меѓу тројца претседателски кандидати и 24 политички партии и 151 независен кандидат за парламентот, кој има вкупно 600 пратенички места.

229

Гласачките места низ Турција се затворени денеска во 17 часот по локално време (16 часот по средноевропско време), со што заврши гласањето за претседателските и парламентарните избори, јави агенцијата Анадолија.

Граѓаните на Турција денеска гласаа на претседателски и парламентарни избори и избраа меѓу тројца претседателски кандидати и 24 политички партии и 151 независен кандидат за парламентот, кој има вкупно 600 пратенички места.






Право на глас на изборите имаат 64,11 милиони луѓе, а за прв пат гласале повеќе од 4,9 милиони турски граѓани.

Актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Кемал Киличдароглу и Синан Оган, според редоследот на гласачкото ливче, се кандидати за претседател на Турција.

Избирачките места претходно беа отворени и надвор од Турција, во 75 држави и 156 претставништва на земјата.

Гласањето на граничните премини почна на 27 април, а во дипломатските претставништва на 5 мај и траеше до 9 мај, според претходно утврден распоред.

Повеќе од 3,41 милиони граѓани се пријавени за гласање од странство.

Како што соопшти Високата изборна комисија на Турција, нецелосни и неофицијални резултати ќе бидат вечерва, во првите часови по затворањето на гласачките места.

Претседателот на Врховната изборна комисија на Турција (ЈСК) Ахмет Јенер изјави дека изборниот процес е завршен и оти досега не е забележана негативна ситуација, пренесува агенцијата Анадолија.

– Изборниот процес за претседателските и парламентарните избори е завршен. Не евидентиравме никаква негативна ситуација – изјави Јенер по затворањето на гласачките места на претседателските и парламентарните избори.

Сепак, тој истакна дека во текот на изборниот процес еден набљудувач и двајца граѓани починале како последица на инфаркт и изрази сочувство до семејствата на починатите.

Јенер изрази благодарност до сите политички партии кои придонесоа за изборите, набљудувачите, претставниците на медиумите и сите други кои придонесоа за изборниот процес.

Во тек е броење на гласовите.

Поврзани содржини