ШТО Е И ЧИЈА Е ДРЖАВАТА? Какофонијата со преамбулите

Зошто воопшто се занимаваме со преамбули со кои упорно номинираме колективни сопственици на нешто што не може да биде ничија етничка сопственост? За лекување на фрустрациите на малите народи, кои својата значајност ја бараат на погрешна адреса? Зошто не ја избришеме преамбулата и не размислуваме за Уставот само од неговиот член 1, па натаму?

6,343

Во 1991 година, во првите устави, главно во преамбулите, владејачките гарнитури во сите новонастанати држави од бившата СФРЈ запишаа дека  конкретната држава (република) пред сѐ е држава на мнозинскиот колективитет (народ). Поконкретно, на српскиот / македонскиот / хрватскиот…. За потоа да бидат додадени и „другитe“ (именувани со различни атрибути) националности, малцинства, граѓани или само со нивните етнички имиња: Албанци, Турци, Срби, Хрвати, Роми… Со завршница – „на кои им се гарантира правото на еднаквост“.

Иако преамбулите немаат никаква правно-нормативна функција (не се основа за законско креирање на какви било права и обврски) мнозинските колективитети, преку доминацијата во власта, во ниту една од бившите државно-правни содружнички не се откажаа (експлицитно или прозрачно имплицитно) од тоа да нагласат кој е главниот „газда“ на државата. И дека тој, како некаков „старател“, како „голем брат“, им ја гарантира еднаквоста пред законите и на „сите други“ – како граѓани (поединци) или како заедници.






Де факто, на дело имавме дефиниција за „орвеловска“ еднаквост. Сите се еднакви, освен што некоj – мнозинскиот етникум/народ во секоја од нив – е издвоен и поеднаков од другите. Вградувањето на таквата „нееднаквост во еднаквоста“ се доживува(ше) како победа, макар и преку воннормативниот дел од уставите, со мисла дека ќе биде доволно барем за потсетување на тоа кој е (главниот) „газда“ во државата, а со тоа и ќе оправдува некој степен на материјализација на привилегии (за мнозинскиот народ) во доменот на правото и политиката.

Не смогнавме сила да не си фрламе самите песок во моторот што треба да го движи општеството напред

Генерално, во природата на сите луѓе е да сакаат (на разни начини) да доминираат. Без тоа, веројатно прогресот би бил невозможен. Но, задача на секој добар општествен систем е да ја ограничува доминацијата што се претвора во неправда. И кога не е формално-правно вградена во системот, таа постојано избива на површина во разни облици, уште повеќе ако свесно се легализира. Во мултиетничко и мултиконфесионално општество, меѓу клучните услови за добра економска активност спаѓа и мултиетничката хармонија. А на неа, повеќе од другите, треба да мисли мнозинската заедница.

Во 1991 година имавме бурни дискусии, полемики и караници, кој и како да биде впишан во преамбулата на новиот Устав, како конституент на Република Македонија. Иако не беше баш мал бројот на оние што беа свесни дека наместо разумот нѐ влечат силите на страста, сепак, бевме совладани од „орвеловската“ (не)еднаквост. Наследена уште од републичките устави во комунистичкиот период, ја продолживме во програмите на сите политички партии од „етничкиот македонски камп“ (термин што воопшто не го сакам, не го преферирам) што се натпреваруваа на првите парламентарни избори и конечно, по изборите, повторно ја сместивме во преамбулата на првиот Устав на самостојна Македонија.

Нијансите не ја менуваа суштината. Па така, во првиот Устав на самостојна Македонија (во преамбулата) запишавме: „Поаѓајќи од… Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во неа“. Иако на овој погрешен пристап енергично реагираа немнозинските заедници, особено најголемата од нив, иако укажуваа дека тоа го повредува нивното чувства за еднаквост во државата, тогашниот државен врв (како првоодговорен) не собра лидерска политичка храброст и одважност работите да се постават на прав начин.

Тој „врв“, од сенка и од безбедна дистанца им суфлираше на предлагачите на текстот за Уставот што може да поднесе неговата „политичка задница“. Го плашеа екстремните националисти со лепењето секому етикета на „предавник“, за жал, политика и политиканство што до денешни дни е политички профитабилна. Тогашното отсуство на одважност работите да се постават како што треба, се правдаше со пречесто  повторуваната и (најчесто, барем кај нас) злоупотребувана „зимзелена  фраза“: „Во политиката се прави тоа што е можно“!

Да, така е, само ако не се губи од вид дека „можното“,  може да биде толку различно колку што се разликите во компетентноста, во доблеста и во храброста за отворено соочување со предрасудите и стереотипите од страна на различните актери во политиката и ангажираното и подобро информирано цивилно општество.

Па, така, тогашното достигнато „можно“ подоцна стана причина за војната од 2001 година, за сериозно вмешување на спасителите од Западот за мир преку редефинирање на нашиот Устав, заедно со  преамбулата со која (во таа прилика и во тие услови) државата беше номинирана како држава што ја конституирале сите етнички колективитети (заедници), со некои помали градации во нормативниот дел од Уставот и со отсуство на некои од најмалите групи.

Но, да нагласиме уште еднаш (поради тоа што следува понатаму): и во двата случаја (1991 и 2001 година) државата беше баждарена како држава на (етнички) колективитети. Концепт што е една од причините што и по 32 години сѐ уште се „прпелкаме“ во разни преамбули, арчејќи огромна количина општествена енергија, што најчесто се сведуваа на „димна завеса“ за нашата трибална свест,  манипулативност, нечесност, корумпираност и генерална неспособност поцврсто да застанеме на трасата на прогресот.

Но, што е, и чија е всушност државата?

Десетина месеци пред да почине, исклучително добриот, плоден автор и аналитичар, Владимир Глигоров (кој не беше само економист) објави („Нови Магазин“, 17.01.2022) кратка колумна, под наслов: „Што е државата!“ Еве неколку важни поeнти од неа, колку интересни, толку и далеку од нашиот домашен политички дискурс, политичка свест, култура и практика – и сите во целосна спротивност од нашиот пристап за дефинирање на конституентите (и „присвојувачите“) на државата.

„Рутински се зборува за ‘нашата држава’ (вели В. Глигоров) како државата да е нечија етничка сопственост. Поради што треба да се каже дека никој нема сопственост над државата“.

Сепак, битката меѓу оние што не мислат како во наведената поента (националистите) и нивните спротивставувачи (оние што се поддржувачи на горенаведеното гледиште) не само што е дамнешна, туку е и далеку од завршена. И тоа, не само во нашиот самодеградирачки регион.

Од таа битка (пред сѐ на тлото на таканаречената западна цивилизација) никна поимот „граѓани“/„граѓанство“, кому, најмногу националистите, но не само тие, му припишуваат (намерно или не) погрешно  значење. Дека е термин што означува, вели Глигоров, „анационален екстремизам“, што, според него, „е исто толку погрешен колку и национализмот што оние што не ѝ припаѓаат на нацијата ги смета за граѓани од втор ред“. Поентата е дека терминот „граѓанство“ не ги негира националните / етничките и другите својства на различните групи население, туку, само значи дека „под поимот граѓанска држава се мисли само на тоа дека никој не е сопственик на државата според едно или друго колективно својство“.

Познато ни е дека изворното „право“ за впишување на својата привилегирана позиција во уставите, мнозинските етнички колективитети многу често го црпат од конструираниот „историски аргумент“. Најчесто го слушаме преку фразите: „нашите вечни огништа“, „ние сме автохтон народ“, „ние сме најстар народ на ова тло“. Притоа, разбирливо, намерно се заборава и се замижува пред фактот дека и пред овие „најстари“, „автохтони“ народи, на истите простори живееле некои други („постари“ и „поавтохтони“) народи и дека во крајна линија сите народи се доселеници.

Но, независно од тоа, упорно се инсистира на некакви права налик на „jus primaе noctis“ – малку да карикирам или да пренагласам, не сметајќи им на таквите (веднаш по промоцијата / испишувањето на сопствената привилегирана позиција) да ја додаваат „опашката“ дека „и другите на кои им се гарантираат еднаквите права“. И далеку од помислата дека,  генерално, како што нагласува Глигоров, „државата не е ничија колективна сопственост што се обезбедува, колку што се може со либерално-демократскиот поредок или со политички унии“.

Државата не е сопственик на својата територија

Втората поента на Владимир Глигоров може да делува уште позбунувачки за помалку фамилијарните со оваа материја. Зашто, вели: „Државата исто така не е сопственик на сопствената територија, или на чија било територија.“ Зошто? Затоа што, едноставно, „не е сопственик на своите граѓани“. Ова, вели Глигоров, станува посебно јасно со „примерот на размена на население и територии меѓу одделни држави“. Имено, иако државите немаат право на тоа, зашто не се сопственици на територијата, а рековме зошто, не мал број од нив тоа го сториле во историјата на човештвото, но не затоа што имале право, туку затоа што примениле насилство, односно ја злоупотреба својата моќ.

Ние Македонците, покрај другите видови насилства над нас,  сме биле жртви и на вакво насилство. Затоа, запрепастувачки делуваше реинкарнирањето на иста таква идеја во самостојна Македонија: размена на население и територија со Република Албанија. Наводно, како добро „решение“ за меѓуетничкиот конфликт (војна) во 2001 година. Во контекст на темава, мислам дека е добро да се потсетиме на тој момент.

Имено, на 30 мај 2001 година, дневниот весник „Вечер“ (чиј уредник во тоа време беше долгогодишниот новинар и сега актуелен политичар, Зоран Димитровски) објави приказна под наслов „Доброволна размена на територија и население помеѓу Македонија и Албанија“. Во текстот беше наведено дека некои членови на МАНУ на одреден начин учествувале во конципирањето на текстот. Логично, се крена голема врева. Посебно беше нападнат тогашниот нејзин претседател, Ѓорѓи Ефремов кој, веројатно поради јавните реакции, барал редакцијата да се изјасни дали тој навистина има врска со тој текст. Весникот го амнестираше од таквата „оптужба“, со нов текст објавен на 9 јуни, 2001 г., под наслов: „Лов на вештици!“

Вистината, всушност, според моите информации, е дека текстот бил инспириран од повеќе луѓе, пред сѐ од најтесниот врв на ВМРО-ДПМНЕ, под претседателство на Љубчо Георгиевски. Но, паметам и дека таа идеја, во тоа време, јавно ја поддржаа и некои јавни личности и интелектуалци. На пример, академикот  Блаже Ристовски, Тодор Петров, Александар Тортевски и некои други.

Но, вистина е и тоа дека угледниот академик Ефремов, човек што по своите научни достигнувања беше меѓу најдоброто што го имала Македонија, не беше невин во врска со таа апсурдна и опасна идеја, зашто самиот, по тој објавен текст, се вметна во приказната, инволвирајќи ја целата институција. Во личен разговор со мене, ми раскажа како „цапнал“ во неа.

Имено, неколку академици, на чело со него (во таа 2001 година) биле во посета на „Академијата на науките и уметностите на Албанија“. Враќајќи се оттаму со автомобил, тој, Блаже Ристески, Ѓорѓи Старделов и уште еден колега (не ми се задржало неговото име во сеќавањето) заклучиле дека МАНУ не треба да молчи во врска со тековниот конфликт, па во тие рамки се согласиле дека идејата што почна да се врти во јавноста не треба да се отфрли, да не кажам – да се поддржи. Тројката (или четворката) одлучиле со идејата да го запознаат поширокиот колегиум во Академијата. Го сториле тоа. За жал и голема срамота, лична и на институцијата, никој не бил против таа „спасоносна“ идеја.

Следниот ден, академик Ефремов, во својство на Претседател на МАНУ, како што знае целата јавност, ја одржа таа несреќна прес-конференција, на која, зборувајќи за меѓуетничкиот конфликт (војна) што во 2001 година беше во тек, меѓу другото, наведе дека „треба да се анализираат сите можни идеи и предлози за разрешување на меѓуетничките конфликти во Република Македонија, вклучувајќи ја и оваа (горенаведената) идеја“.

Следуваше ерупција од напади во јавноста на таквото „вклучување“ на Академијата во разрешувањето на конфликтот. И, како што бива кај нас, господинот Ефремов стана главната „црна овца“. Неговите „соборци“ се скрија во „мајчините им скутови“, ги измија рацете како Понтиј Пилат и целиот товар падна врз него. Па, како ретко доблесен човек, ја прифати својата одговорност и на 11 јуни 2001 година поднесе неотповиклива оставка од претседателската функција на МАНУ. Неговото, по тој повод, кратко  обраќање до Собранието на МАНУ и до јавноста е изложено  на веб-страницата на институцијата, па може секој да се потсети. Грешката си ја призна и ја прифати, но (како што ми кажа) најтешко го погодил  јудаизмот на неговите колеги.

Мене лично, тогаш, помалку ме изненади заблудата на академиците од областа на природните науки. Ги имавме и во некои влади (посебно во првата) и не беа ретки нивните наивни излетувања за актуелни општествено-политички прашања. Но, ме фрапираше тоа што никој од академиците од областа на општествените науки, на консултативниот колегиум, не рекол: „Стоп! Не си играјте со такви антицивилизациски авантури!“ Што и тие сметале дека граѓаните се нечија сопственост, па како празни или полни  куфери  можат да бидат разместувани или разменувани, заедно со територијата, која „де факто и де јуре“ (според погоре наведеното), не е во ничија сопственост токму затоа што „граѓаните не се во ничија сопственост“.

Државата не е сопственик на територијата на која дејствува, но, евидентно (од денот на нејзиното настанување) може да биде и е сопственик на разни видови имот во неа!

Кога се зборува дека државата не е сопственик на својата територија, зашто граѓаните не се нејзина сопственост, тоа не е во спротивност со фактот (секому познат од денот на нејзиното настанување) дека таа може (и тоа го прави) да поседува сопствени материјални средства, како на пример: парцели земја, рудници, шуми, претпријатија… И нормално, со право да ги отуѓува. Тоа е сосема различно од поимот територија на која една држава се простира со својот правен поредок.

Па, ако се вели дека државата не е ничија колективна сопственост, не е сопственик на територијата на која функционира, зашто не е сопственик на нејзините граѓани, тогаш што е државата?

Ништо друго, освен „просторот на кој живеат луѓето во правниот поредок“. И затоа, В. Глигоров, резимирајќи, вели дека целата реторика дека ова е „наша држава, или наша територија не може да се потпре на самата идеја за држава.“ Според тоа, in medias res: нема правен поредок (општествено договорен), нема држава.

Со децении, Арачиново претставува парадигма за локално суспендиран уставно-правен поредок. Според горните експликации, отсечен дел од македонската држава. Во социјалистичкиот период, слична парадигма, во рамките на спецификата на системот, беше, на пример, општината Кратово. Ја раководеше само еден човек, според свои лични правила и интереси, со посед на сѐ што е вредно во неа. Дури и луѓето де факто му беа ставени во поданички однос, поради нивната зависност од неговата милост за вработување и потиснатост на сите општински институции.

Во времето на Никола Груевски и неговата група следбеници и клиенти (со партиципација на Али Ахмети и неговите „продолжени раце“), стигнавме до квалификување на Република Македонија како captured state („заробена држава“); територија со население без функционална уставно-правна рамка, каде што тие непречено го демонстрираат своето насилство.

Во времето на Зоран Заев, кој им се „утрапи“ на „шарените револуционери“, а потоа еден дел од нив му се „утрапи“ нему, брзо заборавајќи што бараа, „заробената држава“ требаше да биде „ослободена“. Исто како што требаше да биде „ослободена“ и во периодот на неговата „дрвена протеза“, Димитар Ковачевски. За со изградбата на таканареченото „едно општество за сите“ да биде ослободена и од етнички колективни сопственици и од неформални сопственици поединци и организирани банди. Наместо тоа, неформалните сопственици на државата (која, да потсетиме, никој не смее да ја поседува, зашто таа е само територија на која треба да функционира уставно-правен поредок, според договор усогласен со волјата на граѓаните), политичките, градските и руралните бандити само се регрупираа. Дополнително зајакнаа и ја проширија територија лишена од формалниот уставно-правен поредок.

Некои од нив станаа појаки, други послаби. Поранешниот помал содружник на главните управници на „Проклетата авлија“, на двоецот Груевски – Мијалков во текот на „уште позабрзаниот“ пат кон ЕУ, командантот Али Ахмети, се востоличи како главен управник на истата таа авлија. Гордо ја освои позицијата на Андриќевиот Латифага (попознат како Караѓоз). Стана прва виолина, креатор, продлабочувач на аномијата, на „моралната криза и безредието во општеството“, што би рекол Е. Диркем (Émile Durkheim), доколку зборот општество не е во чиста колизија со поимот аномија.

Јадниот СДСМ и нивниот Димитар Ковачевски, голем турбан под кој нема оџа, кој како да не знае која му е функцијата, со зајачка брзина трчаат да му угодат на новиот Караѓоз, кој го зграпчи последниот збор за сите клучни прашања: за кадрите во судството, за тоа кој од високо-профилираните криминалци ќе лежи затвор, кому ќе му застари делото, кој ќе биде директно ослободен, која компанија (домашна и странска) може да цица  неброени пари од јавните финансии на државата, која (и со попис и без попис) ќе биде меѓуетничката структура на населението во државата, кој е државјанин, а кој жител на Македонија, итн.

Со светлосна брзина секој ден ни сервираат примери како го победуваат формално-правниот уставен поредок, како се распаѓа една држава, „скрпена“ со толку маки и толку жртви.

Гордо ни демонстрираат дека тие се законот, редот и поредокот. Примерот со „Бехтел – Енка“, е само последниот и досега, можеби, најекстремниот, што на најбрутален начин ни покажува дека статусот на Македонија како заробена држава не само што не се менува, туку зацврстува. Дека веќе царува најбрутален дарвинизам. На обичните луѓе, не им се потребни стручни дефиниции за да ја разберат состојбата во која се наоѓа земјата. Не им се потребни, зашто нивниот живот е во емпирискиот свет. Резигнирани, заситени од лаги и арамилак, понижени од институциите што сеат неправда и дискриминација, умирајќи во дневни дози, кратко и јасно велат: „Нема држава!“ „Треба да се бега што подалеку одовде!“

Да се вратиме на преамбулите!

Беше кажано дека државата не е ничија етничка сопственост. Беше кажано и тоа дека државата не е сопственик на својата територија, зашто не е сопственик на граѓаните што живеат во неа. Па, врз основа на тоа, беше кажано дека државата е само територија со население на која е воспоставен функционален правен поредок. Дека неа, државата, ја има, односно ја има толку и дотаму колку и до каде функционира правно-политичкиот поредок, прифатен со генерална согласност на граѓаните на таа територија. Сѐ друго е насилство, фигуративно кажано „заробена држава“, територија на која владеат законите на суровиот дарвинизам. Во такви услови, разни караѓози, или коалиција од неколку од нив, пливаат како риба во вода и управуваат со нашите животи.

Ако наведените погледи во оваа статија не се неточни, зошто воопшто се занимаваме со преамбули со кои упорно номинираме колективни сопственици на нешто што не може да биде ничија етничка сопственост? За лекување на фрустрациите на малите народи, кои својата значајност ја бараат на погрешна адреса? И тоа, во ерата за која велиме дека човековите права не смеат да бидат нарушувани со никакви „групировки“ за остварување доминација според етнички, верски и други лични припадности, исто како што никој не смее да биде дискриминиран по основ на истите такви обележја, кои се дел од приватноста на секоја индивидуа. Ниту, пак, кој било смее да биде дискриминиран според некакви „историски критериуми“.

Зошто тогаш не ја избришеме преамбулата и не размислуваме за Уставот само од неговиот член 1, па натаму? Зошто некакви историски ламентации во преамбулите стануваат поважни од сѐ што ги детерминира нашите сегашни и идни животи? Доцна е за тоа?

Доцна е ако врз нашите мозоци се има наталожено толку многу лој, па ни го попречува нормалниот мисловен процес. Доцна е ако никако не можеме да разбереме дека мнозинството пристојно живее само во оние држави што стојат највисоко на скалата на достигнатиот либерално-демократски индекс, а тоа, за жал, е помалку од една третина од денешниот свет, од неговата денешна вкупна популација.

Македонија не само што не ита во таа насока, туку се движи во спротивната. А немаме друг стожер на кој можеме да ги потпреме нашите изгледи за опстанок како држава. Барем досега, нема смислено друго подобро „лепило“ за креирање политичка нација.

Сум рекол и повторно ќе кажам: НАТО и ЕУ ни се потребни, како помош во таа насока. Но, треба да ни биде јасно дека не се компензација (уште помалку трајна) за нашата евентуална инсуфициенција да бидеме држава.

Југославија се распадна одвнатре! Има ли некој во Македонија што свесно работи на истото сценарио?

Поврзани содржини