ПИСМОТО НА АГЕЛЕР ЗАИГРА ВО СУДСКИОТ СОВЕТ Премиерот Ковачевски ја дели нејзината разочарaност од судовите
Потпретседателот на Судскиот совет Селим Адеми побарал претседателката Весна Дамева да биде разрешена, зашто, како што посочил, таа „го криела писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер и не им го давала на членовите“. Дамева, пак, возврати дека била на одмор, а тој како нејзин заменик го примил писмото и тој требало да го презентира.
Писмото на американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер ги скара денеска членовите на Судскиот совет. Како што објави Макфакс, потпретседателот Селим Адеми побарал претседателката Весна Дамева да биде разрешена, зашто, како што посочил, таа „го криела писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер и не им го давала на членовите“. Дамева, пак, возврати дека била на одмор, а тој како нејзин заменик го примил писмото и тој требало да го презентира.
Според неа, целта е нејзино разрешување поради други причини, а писмото е само повод. На Адеми, пак, му пречело што и медиумите дошле до одредени информации од Судскиот совет, па и за тоа побара одговорност.
– Зошто Вие, претседателке, нè ставивте во заблуда и писмото од амбасадорката на Америка не ни е доставено на време, туку по две недели? Кој го криел писмото за ние да не знаеме. Сите да го имаат, а ние да го слушнеме од медиумите? Првиот човек треба да има одговорност – рече Адеми, пренесе Макфакс.
Дамева возврати дека сакаат да ја разрешат пред да се гласа за сензитивни точки ставени на дневен ред, како што е утврдување одговорност кај судии.
– Ќе ве демантирам за писмото до Агелер, кое ниту се криело ниту имало намера да се крие. Јас сум разочарана и се согласувам со содржината. Писмото е стигнато на 11-ти, наредниот ден бев на одмор. Зошто писмото стигнато на 11-ти не го презентиравте кај колегите? На крајот, 17-ти беше неработен ден, 18-ти седница. Ова не е за да се правдам, оти немам намера, но стојам зад сите заложби на меѓународната заедница дека не сме на прав пат. Без разлика дали има писмо или не. Потоа го поделив писмото во копија. И да си одам и да го изгласате моето разрешување, ако има законски основ, ќе си одам. Но, со гордо крената глава. Додека сум претседател, нема да има простор за влијание – рече Дамева, пренесе Макфакс.
И премиерот Димитар Ковачевски се согласува дека одредени судски случаи се одолговлечени.
– Писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер е испратено секаде каде што е потребно. Владата обезбедува услови за функционирање на судовите, со обезбедување буџет, предлагање законски решенија, кои подоцна ја унапредуваат судската пракса. Нов кривичен законик, нови закони подготвени во ренумерација на судиите и обвинителите, но се блокирани во Собранието – рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање, после неговото обраќање на „Самит Македонија 2025“.
– Постапката оди со враќање кон пониски инстанци во повеќе наврати и тоа се прашања за судиите кои работат и за оние кои што управуваат со работата на судиите – додаде Ковачевски и потенцира дека се согласува со констатациите на Агелер.
По донесениот нов Кривичен законик пред неколку месеци, подготвен е, рече премиерот, и нов закон за Судската академија, нови закони се подготвени за ренумерација на судии и обвинители.
– Но голем број од нив се блокирани во Собранието и тоа е прашање за опозицијата, а не за мене, бидејќи опозицијата ги блокира и мора да ги каже причините поради кои ги блокира – платите на судиите, реформа на Судската академија, тоа е сѐ блокирано во Собранието – изјави Ковачевски.
Тој посочи и дека во време на кризна година Владата во ниту еден момент не ги намалила финансиите за правосудството со кои подоцна самите управуваат со нив, а и капиталните инвестиции се на ниво на предвиденото.
– Дел од судниците се дигитализираат, првата е веќе пуштена во употреба, веќе функционира и де мот за интероперабилност меѓу институциите, со оглед дека по електронски пат се забрзува комуникацијата на судовите со институциите со кои најмногу разменуваат информации. Сѐе тоа што Владата може да го направи во делот на унапредување на судството. Но, она што дополнително треба да се направи е повеќе да се вклучи Собранието, политичките партии, во делот на комуникација со судовите, зашто и по Устав, и по закон, судиите, членовите на Судскиот совет се избираат во Собранието – рече премиерот.
Тој смета дека треба да се воведат подетални, мерливи показатели на секој поединец од правосудната фела бидејќи, како што рече, „не би генерализирал дали нешто комплетно не функционира или комплетно функционира“.
– Сепак, се работи за систем во кој постојат поединци од кои дел, веројатно, добро ја извршуваат својата работа, дел помалку добро, дел треба да го унапредат своето работење, а дел треба да бидат освежени со нов кадар. Но, сепак, тоа не е во ингеренции на Владата. Тоа што е во надлежност на Владата ние секојдневно го правиме на многу транспарентен начин – додаде Ковачевски.
Американската амбасадорка во земјава, Ангела Агелер, испрати писмо во кое напиша дека е загрижена и разочарана поради големиот број предмети, кои Апелацискиот суд ги враќа на повторно судење.
„Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, пишува во писмото на Агелер.