Бугарските ујдурми се трајни

Бугарија е искусна држава, со изградени институции. Откако детектираа дека – сега му е мајката, прават сѐ што треба за да ја постигнат недостижната цел - да не прогласат за втора бугарска држава. Благодарејќи на тешки историски лаги и манипулации, имаат апсолутен политички консензус околу таа цел во земјата, следен со целосна поддршка на народот.

1,753

Барем во следните 50 години, Бугарија нема да го промени својот однос кон Македонија и Македонците.

Тоа е реалност, со која мораме да се соочиме. Во прашање се нивни најмалку 150 годишни историски синдроми, коишто не се лечат ниту лесно, ниту брзо. Денес, пак, Софија има уникатна и неповторлива привилегирана позиција, како членка на Унијата, да си игра мајтап со нас и, преку блокади, уцени и ултиматуми, да прави што сака. Сепак, одлучувачки e фактот дека бугарските интереси се идентични со американските. Токму затоа, Софија смета дека има историска шанса дефинитивно да расчисти со Македонија и Македонците. Свесни се дека или сега, или никогаш нема да ги остварат своите фантазмагории.






Ако е така, а апсолутно е, тоа значи дека МАКЕДОНИЈА МОРА ВЕДНАШ И РАДИКАЛНО ДА ЈА ПРОМЕНИ СВОЈАТА ПОГУБНА ПОЛИТИКА КОН БУГАРИЈА. Во спротивно…

Треба да си крајно наивен за да не го разбираш сето ова. Јасно е дека Софија, по никаква цена, нема да не пушти во Унијата како Македонци, со македонски јазик, историја… Ако е тоа повеќе од евидентно и неспорно, благодарејќи на сите факти со коишто располагаме (тоа е официјално верификувана државна политика!), се наметнува потреба од наше итно прилагодување на објективните состојби. Сопствените универзални интереси мораме да ги наметнеме на одлучен и рационален начин, доколку не сакаме македонскиот народ да заврши на ѓубриштето од историјата.

Бугарија е искусна држава, со изградени институции. Откако детектираа дека – сега му е мајката, прават сѐ што треба за да ја постигнат недостижната цел – да не прогласат за втора бугарска држава. Благодарејќи на тешки историски лаги и манипулации, имаат апсолутен политички консензус околу таа цел во земјата, следен со целосна поддршка на народот.

Нашето досегашно однесување кон Бугарија, коешто може да се нарече Османизам, по Бујар, иако не е само тој виновен, е исполнето со недоследности, недоветности, предавнички чекори, капитулации… Протоколите што ги потпишаа Никола Димитров и Бујар Османи, се многу пострашни од самиот договор за (не)пријателство. Со нив, директно се елиминираат фундаментите на националниот идентитет на Македонците.

Не треба да е спорно дека нашите крајно погрешни политики не доведоа до ова дереџе. Благодарејќи на нашата некадарна и продадена власт и длабоко погрешните и штетни отстапки коишто бесмислено се правеа, Софија постигна невидени и незамисливи успеси. Покрај прикриената поддршка од страна на САД, и нивните заеднички долгорочни интереси во поглед на Македонија, Бугарија успеа зад нивните безумни барања отворено, дури и грубо, да застане и Европската унија.

Целта на овој текст е да апелираме на освестување. Мора да се сфати дека вака повеќе не може и, ако продолжиме на ист начин, ќе завршиме со дефинитивно бришење на македонизмот.

Токму затоа, мораме да се свртиме кон самите себе и да се прашаме – што понатака? Одговорот не е многу тежок. Кога  другата страна нема никаква намера нешто да менува, а е во привилегирана позиција, тогаш нема друга опција освен самите да бараме излез. Ние сме на потег.

Неспорно е дека стратегиска цел на Македонија е да стане членка на Унијата. Тоа е добра замисла. Од горното, меѓутоа, станува очигледно дека, во дадените услови, Бугарија нема да го дозволи нашето членство, под прифатливи и достоинствени услови.

Едноставно, тоа значи дека мора веднаш да ги анулираме причините врз коишто се базирани овие нецивилизирани бугарски политики. Не треба додатно објаснување дека договорот за (не)пријателство и двата катастрофални протоколи, се основите коишто мора веднаш да се откажат. Се разбира, доколку сакаме да се бориме за своите универзални права и опстанокот на сопствениот народ.

Еве и еден мал ама конкретен пример, што неизбежно ќе нѐ чека, доколку не постапиме така. Ако (и кога ќе) ги започнеме преговорите, на ред ќе дојде и поглавјето 26 – образование и култура. Тогаш, ќе се јави Софија и ќе рече – во учебниците на оваа кандидатка пишува дека Гоце Делчев е Македонец. Тој е Бугарин и, ако сакаат да одат напред, тоа мора да се исправи.  Избор нема да имаме. Такви случаи ќе има стотици.

Во дадените трагични услови, поволно е што проширувањето на Унијата е прекинато и нови членки нема да се примаат уште долго време. Ќе следува нејзино реформирање, коешто ќе трае. Од друга страна, и откако ќе ги започнеме преговорите, тие многу ќе се влечат, заради сопките на Бугарија и Грција, коишто ќе бидат речиси непремостливи. Можат да траат 10, 20 и повеќе години, та дури и никогаш да не завршат. Има конкретни причини зошто е тоа опција.

Ова значи дека имаме доволно време да почнеме нов процес на средување на односите со Бугарија, ама на реципрочна основа и на принципиелен начин, а не да бидеме третирани како во војна поразени агресори. Не смее да се дозволи Софија и понатака да нѐ уценува. Ако инсистираме на признавање на малцинскиот статус на Македонците во Бугарија, коишто се неспорни староседелци таму, тоа во никој случај не може да биде игнорирано од Унијата. Досега, голтавме сѐ и затоа не третираа срамно и понижувачки.

Македонија е доведена во тунел, без излез. Соочени сме со длабоки бугарски национални комплекси, примитивни каприци, малограѓански фрустрации, срам од минатото, некадарност за иднината… и што ти не друго. Тоа се предизвици, за коишто самите треба да бараме одговори. Проблемот е многу посериозен отколку што изгледа бидејќи, ако не тропнеме на маса, странците ќе продолжат некритички да ја подржуваат Софија. Наше е да покажеме и докажеме дека повеќе не може да не третираат како до сега.

По распадот на Југославија, формално, носител на нашите голготи прво беше Грција а потоа, и сега – Бугарија. Но, дали беше баш така? И бегол поглед на сѐ што ни се случуваше во овие 30-тина години покажува нешто сосема друго. Нешто, што недвосмислено потврдува дека овие две наши соседни држави беа само пиони во туѓи раце, благодарејќи на поклопувањето на нивните интереси.

Зарем сѐ уште некој може да верува дека западното не признавање на Македонија, како независна држава, во 1990-тите, беше заслуга на една Грција? Или, уште подобро, дека блокирањето на нашиот прием во ООН, со уцена од страна на Советот за безбедност за нелегално суспендирање на нашето историско име и наметнување на бесмислената референца, беше вселенски успех на грчката надворешна политика? Такво разбирање на настаните е надвор од умот и покажува загрижувачко ниво на размислување.

Зарем некому сѐ уште не му е јасно дека со начинот на којшто беше третирана Македонија во ООН, беше флагрантно игнорирана Повелбата, поточно Уставот, на светската организација? Може ли тоа да го направи и постигне една Грција? Чинам дека додатно објаснување не е потребно.

Кристално е јасно дека вакви класични злоупотреби на меѓународниот правен поредок, може да направи само една држава, којашто е и единствена суперсила. Во периодот кога ни се случуваа овие трагедии, наш голем хендикеп беше фактот што веќе немаше втора светска супер сила. Кога беа две, тие меѓусебно се контролираа.

Политиката на Бугарија кон Македонија, којашто не е спорна најмалку 150 години, сега го доживува своето финале. Како резултат на поклопените интереси, вазалната ЕУ ни подготви срамни и понижувачки услови во преговарачката рамка. Тие треба и мора да се променат. Ако сме одлучни во одбрана на своите фундаментални интереси, тоа може да се постигне.

Ние сме на потег. Како народ, или ќе се разбудиме од длабокиот сон, и ќе се бориме за својот опстанок, или ќе прифатиме дефинитивен пораз. Трето – нема. Немаме право да ги посрамотиме сите наши претходни генерации. Тие гинеле за македонската кауза, којашто ние ја уништуваме.

Поврзани содржини