Кому му одговара македонската ненормалност?

Малку ни биле триесет години! Па колку ви требаат, три века? Па мали сме биле! Па колкави треба да бидеме? И зошто „меѓународната заедница“ не му кажа на Блаже Конески дека е мал, или на Михајло Петрушевски, или на Крсте Црвенковски, Петар Мазев… Симон Трпчевски и др., туку на овие минорни креатури што шират страв, дефетизам и фарисејство?

817

Никој не го поставува односно никако не се ни обидува да го демистифицира суштинското прашање: кому му одговара ова лудило, оваа ненормалност во државава? На граѓанинот, на власта, на меѓународната заедница… – кому? Или на сите подеднакво бидејќи никој, ама баш никој, не презема нешто?

Граѓанинот е сигурно последниот чинител кого во овој контекст можеме да го обвиниме односно кому ваквите состојби во Македонија би му одговарале на каков и да е начин. Зашто, ако грешам, тогаш ние сме навистина болен народ. Ама не сме толку, се разбира. Да, ние се чувствуваме немоќни пред властодржечката машинерија што меле сѐ пред себе, но нема ниту една нормална причина зошто тоа би ни одговарало. Да, ние сме понижени, малтретирани и тормозени од сите „политики“ на власта, но не сме толку луди да уживаме во тоа, нели. А не сме, се надевам, ни толкави мазохисти да дозволуваме на секоја будала да се изживува врз нас.






Иако има некои назнаки – дури големи – дека нашиот удел во оваа трагедија на државата не е за потценување, сепак нема таква теорија што би го исцртала граѓанинот како потенцијален главен виновник за оваа ненормалност како перманентна состојба.

Следствено, кому навистина таа му одговара? На власта, оваа, и претходните? Сигурно, зашто ако креаторите и извршителите на сите рамништа на власта во континуитет ја потхрануваат таа и таква состојба, тогаш нема дилеми. Инаку, како би било можно да се случува сето ова што го гледаме и слушаме околу нас? Како би било можно да не е важна кривичната пријава – „таму некаде“ – на еден од учесниците во фамозниот тендер од 1,3 милијарди евра? Или катастрофално негативното портфолио на надзорната фирма за истиот фамозен тендер?

Или, како може поголема медиска (но и политичка!) атракција во државата да предизвика отворањето на телевизија од страна на поп (па нека е и со титулата владика!), но не и директното лично инволвирање на сопругата на премиерот – но и семејствата на уште цел куп министри! – во енергетски фирми што добиваат огромни субвенции од државата? Или зошто, во културата, поединец може да добие поголеми средства од државата од една угледна и со европско реноме џез манифестација? И зошто еден лекар – лекар! – би бил суден за катастрофалниот пожар во модуларната болница во Тетово, ама друг „лекар“ е само условно – условно! – осуден за монструозното осакатување на пациентка? Или како може, среде т.н. „лебна криза“ министерот за земјоделие да му праќа на народот поздрави од вински фестивал во Болоња, слично на оној директор на ФЗО кому му ја киднапираа целата електронска база на податоци на осигуреници додека тој се шеткаше во САД на „студиско патување“? И зошто кронизмот и непотизмот на заробената држава беше одраз на една мината криминална власт, но не и на оваа, актуелнава?

И кога сите тие грозни „нешта“, несфатливи за еден нормален човечки ум, континуирано (ќе) се случуваат во една (наводно) демократска држава на нејзиниот (наводно) забревтан евроинтегративен пат, тогаш многу нешта не се јасни: кому тоа му одговара? Или целта е ние сериозно да се посомневаме во сопствениот здрав разум? Но таа теза е одамна разрешена во науката: психијатарот Thomas Szasz уште во шеесетите години на минатиот век инсистирал дека самото општество, (не)условите за живот, го прават поединецот несигурен, стресен, „болен“ („disabled by living“)…! И зошто кај нас само граѓанинот е „хистеричен“, премногу прашува, бара „влакно во јајце“, опозицијата се финансира од руски извори итн., а сето друго е – идеално?

Оттука, ако власта е првиот, и правиот, чинител одговорен за ваквите состојби во државава, како тоа таа ги ужива не само симпатиите туку и отворената поддршка на т.н. меѓународна заедница за своите „политики“? Онаа иста меѓународна заедница којашто, малтене до вчера, во своите годишни извештаи фрлаше дрвја и камења по тие исти „политики“? Зошто на таа наша „меѓународна заедница“ – којашто де факто е само минорно камче во светскиот мозаик – ѝ одговара овој и ваков коруптивно-криминален хаос во државава, како што впрочем ѝ одговараше и онаа мината власт што ја инсталираше заробената држава, а за којашто исто така пишуваше лоши извештаи но ја одржуваше во живот цели единаесет години? Најде ли сега друго милениче за остварување на своите цели?

Ако штотуку осамостоената македонска власт во првите години по 1991-та можеше да се „вади“ со неискуството, непознавањето на европските политики во многу области, немањето соодветни експерти и слично, тоа одамна не е прашање што заслужува внимание. Што ќе рече: во прашање е нешто – друго. Што? Се крие ли делче од вистината во онаа – намерна или случајна? – „лапсус порака“ на Бујар Османи до опозицијата дека ако не ги гласа уставните измени сега, ќе ги гласа како власт?! Тоа ли е вистинскиот одговор на прашањето од насловот, но и на сите други прашања за македонската ненормалност? И зошто никој не разговара за тоа? И дали таа „теза“ е клучната и за идната власт, која и да е и каква и да е?

Ако пак тоа е навистина така, чуму сето ова за ништо потрошено време и дали навистина „знаците“ покрај нашиот европат се одамна дефинирани според туѓи узанси? Тоа се прашања на коишто некој ќе мора да даде одговор. Ако од оваа неспособна криминално-коруптивна номенклатура тоа не може да се очекува, онаа потенцијална идна друга власт ќе мора јавно да се обврзе на некои одговори. Иако, скептиците со право ќе речат дека и овие слепци се беа јавно обврзале на многу нешта, а од тоа не видовме ништо. Но, белки граѓанинот не може повеќепати да се фати во истата стапица. Или може?

Македонската неколкупартиска понуда на оваа политикантска сцена одамна е веќе неодржлива во нејзиното ненормално, антиопштествено и антидржавно однесување. Празнозборството од апсурдни флоскули и малоумни испрдоци на партиските кербери само долева црнила дека ние сме осудени на овие и вакви политики и на вечно трчање по демократијата. Малку ни биле триесет години! Па колку ви требаат, три века? Па мали сме биле! Па колкави треба да бидеме? И зошто „меѓународната заедница“ не му кажа на Блаже Конески дека е мал, или на Михајло Петрушевски, или на Крсте Црвенковски, Петар Мазев… Симон Трпчевски и др., туку на овие минорни креатури што шират страв, дефетизам и фарисејство?

И треба ли, конечно, новиот пат да започне токму тука, со раскринкување на лажните митологии, „теориите“ на полуписмениве властодршци и нивните сервисери, со нов политички дијалог дури и со „меѓународната заедница“…? И може ли сето ова да се направи во една година?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини