ЖЕНИТЕ ПОРЕТКО ПРЕДИЗВИКУВААТ ФАТАЛНИ СООБРАЌАЈКИ Тие се и одлични планери на патувањата
Според податоците од статистиката, жените поретко предизвикуваат сообраќајни незгоди со фатални последици и не се многу склони кон брзо возење или возење под дејство на алкохол. Сепак, и покрај ова, статистиката покажува дека поголем е процентот на жени кои се жртви или повредени во сообраќајни незгоди.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – Скопје (РСБСП) им го честита на жените денешниот празник и испрати апел до сите возачи да возат одговорно.
Улогата и значењето на жената за безбедноста во сообраќајот е функционален склоп на нејзините активности како возач, како учесник во сообраќајот и како општествен чинител.
И покрај бројните примери за жени кои се успешни во сите сфери на општественото живеење, дел од жените-возачи се чувствуваат ранливи и несигурни во сообраќајот и пристапуваат особено внимателно имајќи ги предвид можните опасни ситуации. Ова пред сѐ се однесува на ситуации во врска со одржувањето на возилото во исправна состојба, несакани дефекти за време на возењето, личната безбедност и слично. Истовремено жените-возачи се покажуваат како одлични планери на патувањата и земаат предвид бројни околности кои можат да влијаат на безбедното возење со што придонесуваат за зголемување на безбедноста во сообраќајот воопшто.
– Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, возете совесно, одговорно и со верба во себе. Покажете дека сте пример за успешност во семејството, на работното место и во сообраќајот на патиштата – порача претседателката на РСБСП м-р Гордана Кожуваровска.
Според податоците од статистиката, жените поретко предизвикуваат сообраќајни незгоди со фатални последици и не се многу склони кон брзо возење или возење под дејство на алкохол. Сепак, и покрај ова, статистиката покажува дека поголем е процентот на жени кои се жртви или повредени во сообраќајни незгоди. Затоа РСБСП повикува на внимателност кај секој учесник во сообраќајот, а во пресрет на празникот 8 Март на жените-возачи им препорачува:
– да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи;
– да се грижат за сите учесници во сообраќајот;
– да користат сигурносен појас;
– да возат според пропишаната брзина;
– да избегнуваат да пушат и да зборуваат на мобилен телефон додека возат;
– почесто да ја проверуваат исправноста на возилото;
– да бидат посигурни во себе и во своите возачки способности.
Од 2021 година, 55 новинарки за автомобилизам од 40 земји од светот го предложија 24 јуни за Меѓународен ден на жената возач. Овој празник има за цел да го привлече вниманието кон важноста на жените во автомобилскиот свет и зголемената улога на жените во искажувањето на нивните мислења и искуства за автомобилите на социјалните мрежи. Бидете и вие успешен возач. Возете одговорно и безбедно, за вас и за вашите најблиски. Честит 8 Март, се наведува во честитката од РСБСП.