ЌЕ СЕ НАЈДАТ ЛИ НА ЦРНАТА ЛИСТА СИТЕ ШТО СЕ ПРОТИВАТ НА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ? Операцијата „Камшикар“ само што не започнала!
Според аналитичарите, да не си им во кожа на политичарите. Како што велат, нѐ очекува прилично бурен политички период во кој за глава ќе се држат многу поранешни и актуелни функционери. Според експертите, ќе се слуша „пиштење-вриштење“ дури и од најизолираните дувла на „недопирливите“. Оти, како што посочуваат, конечно ни пристигна „камшикарот“ по кого чезнееше експремиерот Зоран Заев во 2018 година.
Треба да си премногу чесен, премногу храбар или премногу наивен, за да не ја сфатиш сериозно намерата на САД да се стави крај на корупцијата во земјава, а која води директно кон проширување на црната листа на Стејт департментот, со имиња на актуелни и на поранешни македонски политичари.
Вака дел од експертите со коишто разговараше Плусинфо ги коментираат „земјотресите“ на политичката сцена што ги предизвикува новата американска амбасадорка Анџела Агелар, особено по најавата дека во земјава е присутен американски специјален тим за санкции, како и по шпекулациите дека денеска, токму на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, ќе се случи ажурирање на постоечката црна листа со нови имиња од Македонија.
Според аналитичарите, да не си им во кожа на политичарите. Како што велат, нѐ очекува прилично бурен политички период, во кој за глава ќе се држат многу поранешни и актуелни функционери. Како што велат, ќе се слуша „пиштење-вриштење“ дури и од најизолираните дувла на „недопирливите“. Оти, потсетуваат, конечно ни пристигна „камшикарот“ по кого чезнееше експремиерот Зоран Заев во 2018 година.
Од друга страна, пак, како уште една можна причина за целиот овој циркус, според аналитичарите, може да се смета и отворањето на Уставот и вметнувањето на Бугарите во Преамбулата. Токму преку заканите дека нечие име ќе се најде на црната листа, велат нашите соговорници, САД сака да изврши притисок врз опозицијата и да ги натера опозициските пратеници да го напуштат ставот на партискиот лидер Христијан Мицкоски и да кренат рака за изгласување на уставните измени.
Што значи да се биде на „црна листа“?
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во разговор за Плусинфо објаснува дека американската црна листа не е веќе само за корупција, туку претставува и средство за испраќање силна политичка порака.
Странците си ја гледаат својата работа, па ако има некој што може да ги допре недопирливите во земјава, тогаш дефинитивно тоа се Американците
– Ваквата промена е направена со новиот Магнински акт што го донесе американскиот претседател Џо Бајден уште на самиот почеток на неговиот претседателски мандат. Тогаш, во основите за ставање луѓе на црната листа беа наведени и политички причини. Политичката ориентација е секако една од причините поради која можат да се најдат македонски политичари на црната листа на САД, а секако не треба да се занемарат ниту наводите за корупција. Во таа смисла, американската администрација нема многу да се загрижува околу тоа каков ќе биде политичкиот одек во Македонија. Странците си ја гледаат својата работа, па ако има некој што може да ги допре недопирливите во земјава, тогаш дефинитивно тоа се Американците – објаснува Арсовски.
Тој смета дека можно е во скоро време да се случи голем дел од нашите актуелни и поранешни политичари да се соочат со огромни непријатности.
– Секако, не им е сеедно на политичарите – и на сегашните и на поранешните – зашто тие многу добро знаат дека Американците не се шегуваат. Но, ајде да видиме како ќе се одвиваат работите. Сепак, јас не мислам дека ќе биде конечна црната листа којашто денеска ќе се објави. Според мене, пристигнувањето на специјален тим за санкции во Македонија има длабока поврзаност со самото проширување на црната листа на САД со нови имиња на политичари. Токму тој тим допрва ќе ги следи работите и ќе праќа свои препораки. Невозможно е овој тим, кој во земјава пристигнал пред 5-6 дена, веднаш да ја понуди конечната верзија на црната листа. Тој процес ќе трае подолго време, а клопчето полека ќе се отплеткува – вели Арсовски.
„Се молат Американците да не се прават Енглези“
Ова е срам за Македонија што воопшто дозволува емисари од друга држава да ни ги решаваат домашните проблеми, коментира аналитичарот Синиша Пекевски.
– Со тоа докажуваме дека сме неспособни и дека сите функционери, од најнизок до највисок, треба да си поднесат оставка. Второ, сето ова што се случува сега, со ажурирањето на црната листа, мене ми наликува на едно обично заплашување, од кое ние нема да видиме некој голем ефект. Сакате да ми кажете дека Американците досега не знаеле дека земјава ни тоне во корупција? Сакате да кажете дека Американците не дале зелено светло Ислам Абази да биде назначен за шеф на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, а човекот нема ни си-ви за да ја предводи таа институција? Сакате да кажете дека Американците не одобриле токму судската приправничка Весна Дамева да стане претседателка на Судскиот совет? Значи, Американците ништо не знаеле, па сега одеднаш некој им кажал како стојат работите во Македонија и решиле да ни помогнат и да нѐ извадат од калта. Тоа се приказни за мали деца. Секој оној што формира власт во Македонија прво оди на „пеглање“ кај Американците. И сите тие луѓе од власта и од правосудството се луѓе поставени на Американците. Не е за верување дека сега тие ќе дојдат и ќе ги стават на црна листа своите луѓе – вели Пекевски.
Тој смета дека целата оваа претстава се одигрува со една единствена цел – уставните измени.
– Сѐ се врти околу уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот. На овој начин САД сака да изврши силен притисок во земјава, а најмногу врз опозицијата, која упорно се противи да гласа за отворање на Уставот. И сега ќе видиме дека некои луѓе ќе бидат ставени на црната листа, а за кои сме сметале дека им припаѓаат на недопирливите. На крајот на краиштата, што ако некој наш политичар е ставен на црната листа на САД? Нема да може да патува во Америка, нема да може да има деловни контакти од Америка… Да не заборавиме дека и украинскиот бизнисмен Олександр Онишченко беше ставен на црната листа, па никому ништо – објаснува Пекевски.

И политикологот Иво Рангеловиќ смета дека во поглед на македонската реалност, црната листа на САД не значи ама баш ништо сериозно.
– Црната листа во суштината на македонската реалност, не значи ништо. Тазе пример за ваквата теза е украинскиот контроверзен бизнисмен Олександр Онишченко, кој и покрај тоа што неговото име се наоѓа високо на црната листа на САД, беше добредојден во државава и му беше издадено македонско државјанство со одлука на Владата. Така што, црната листа може да им послужи на партиите за евентуално поентирање во нивните преписки, дополнително оцрнување на поединци итн. Доколку, пак, се обидеме да извлечеме поука од црната листа, тогаш институциите на оваа држава би требало да пристапат кон истраги за секој поединец државјанин на Македонија кој ќе се најде на таа листа. Лично сметам дека политичкото и општественото опкружување во Македонија е далеку од капацитетите да ја погледне корупцијата, а воедно и да со соочи со овој проблем – вели Рангеловиќ.
Инаку, Вашингтон најавува нови санкции за корумпирани функционери, секаде во светот. Црната листа на американската администрација, како еден од инструментите што ги користи Вашингтон во борбата против корупцијата, би можела да биде ажурирана и со лица од правосудниот сектор од нашата земја, но и со нови лица поврзани со политичките структури кои до сега беа недопирливи.
И Велика Британија ни нуди помош
Апсолутно е клучно Македонија да се справи со корупцијата во земјава која се влошува. Ја имате британската поддршка за тоа, објави на официјалниот твитер профил амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, во земјава по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9 Декември.
„Неодамнешните вознемирувачки извештаи сугерираат дека корупцијата во Северна Македонија се влошува, а не се подобрува. Корупцијата го поткопува владеењето на правото, создава недоверба во судството и ги ослабува јавните институции. Обединетото кралство ја поддржува Северна Македонија. Апсолутно е клучно справувањето со тоа“, се вели на Твитер налогот на британскиот амбасадор Лосон.