ЕМБАРГОТО НА ЕУ НИ МАЛКУ НЕМА ДА ЈА ИЗГЛАДНИ РУСИЈА Капата од 60 долари за барел нема да му стои лошо на Путин
Додека цената од 60 долари по барел е блиску до пазарната цена и до самите руски проекции за нивната економија во 2023 година, ембаргото може да доведе до зголемување на вредноста на рубљата. Според Наталија Лаврова земјата ќе има доволно средстава да ги постигне своите цели и покрај тоа што ќе изгуби 16 милијарди долари.
Долгопланираното европското ембарго за Русија во кое нафтата нема да смее да се продава за повеќе од 60 долари по барел тешко дека ќе ја „изгладни“ Москва, анализира Блумберг во своја статија. Мерките кои можат да доведат до опаѓање на руското БДП до 3,7 отсто идната година истовремено би значеле пораст на рубљата во однос на доларот, а според економистката Наталија Лаврова тоа ќе биде доволно за земјата да ги постигне своите цели и покрај тоа што ќе изгуби до 16 милијарди долари.
Ембаргото само за 10 долари ја намалува цената на руската нафта од таа за која моментално се продава на пазарот. Блумберг го нарекува ембаргото „дарежливо“, цитирајќи ја економистката Софија Донец.
– Горната граница од 60 долари за барел изгледа дарежливо. Тоа е блиску до нивото што го процени пазарот за 2023 година и нивото предложено во рускиот буџет – вели таа.
Со други зборови Владимир Путин ќе има доволно средства и во 2023 година да ја финансира војната во Украина. Даночните приходи од нафтата и од гасот ќе опаднат за речиси цела четвртина, но истовремено многу официјални потврдија дека Русија ќе се сврти кон Кина и кон Индија од каде ќе има дополнителни приходи.
Да се потсетиме дека Русија влезе во војната со силна позадина. Земјата успеа лесно да го покрие буџетскиот дефицит со користење на националниот фонд за богатство и задолжување на домашниот пазар на обврзници, каде санкциите им оставаат на инвеститорите мала алтернатива.
Кремљ наметна еднократно зголемување на даноците на „Газпром“ за да го надомести падот на приходите оваа година, бидејќи енергетскиот гигант имаше корист од порастот на цените дури и кога обемот на извозот опадна среде војната. Сепак, нафтениот сектор останува најголем извор на приходи.
Олег Вјугин, поранешен висок функционер на Министерството за финансии, предупредува дека фискалниот притисок само ќе расте.
– Главниот проблем на рускиот буџет е тоа што тие сакаат да трошат многу повеќе отколку што навистина можат да си дозволат. Фактот дека треба да се нурнат во националниот фонд за да го покријат дефицитот е јасен знак дека проблемите почнуваат – смета Вјугин.