ПО ЛЕНИН ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ И СТАЛИН „Коалицијата Тачела“ да го реши проблемот со превозниците, а не да се заканува со специјалци, бара ВМРО-ДПМНЕ
Откако градоначалничката Данела Арсовска, преку генералниот секретар на Град Скопје, побара МВР да интервенира и да ги ослободи улиците на Скопје од блокадата со приватните автобуси, Ленин Јовановски од „Слобода“ превоз се повлече, а ситуацијата остана конфузна.
„Коалицијата Тачела, обединета околу бизнис профитерските интереси функционира на дело. По Ленин треба да се повлече и Сталин, односно наместо закани дека превозниците ќе се прегазат со специјална полиција, да излезе коалицијата Тачела со решение за јавниот превоз“.
Ова е најновото соопштение со кое ВМФРО-ДПМНЕ бара „коалицијата Тачела да го реши проблемот кои самите го креираа, неисплаќајќи им ги заработените средства на приватните превозници“.
Скопје е жртва на бизнис интересите на оваа коалиција, тврди опозициската партија.
Како што веќе објавивме, градоначалничката Данела Арсовска трет ден не се појави пред новинарите и пред јавноста, иако Град Скопје е целосно блокиран. На денешната прес-конференција, наместо неа, се појави генералниот секретар Зоран Глигоров кој повика МВР да реагира и да ги ослободи улиците.
– Заради заштита на јавниот интерес, го повикуваме МВР да реагира согласно законските овластувања, да преземе мерки, бидејќи одреден приватен личен интерес им врши штета на Градот, на граѓаните, како и на сите чинители и жители – рече генералниот секретар Глигоров.
Претходно, Ленин Јовановски, како прв човек на „Слобода превоз“, изјави дека со повлекува „од понатамошните процеси“ за да не им дава изговор на надлежните за неспособноста да го решат овој проблем.
– Сега јас ќе им го одземам тој комодитет, за да ne можат да се правдаат вперувајќи го прстот кон мене како индивидуа. Овој потег се надевам ќе ги охрабри другите институции да реагираат и го решат проблемот – рече Јовановски на денешната прес-конференција.
По овие потези, ситуацијата со јавниот превоз во Скопје останува конфузна.