(Не)културна инвазија

За жал, или за среќа, меѓудржавната соработка во таква чувствителна област каква што е културата, не се одзива на полуписмени државни декрети и импровизаторски испрдоци на нивните министерства за култура. Културната соработка не милува ни паезанско милје, уште помалку непријатно – да не речам непријателско – опкружување. Ниту пак сериозно може да биде поттикната со формални документи наречени договори за културна соработка.

578

Прашање е колку ангажманот на „госпожа“ фон дер Лајен како особен „експерт“ за специјални војни, или можеби на оној Борел, околу детектирањето на „организираните хибридни обиди за поткопување на преговорите и односите со Бугарија“ може да биде успешен при реалниве секојдневни случувања во Македонија на овој план. Или ќе утврдат дека речиси цела држава подлегнала на „хибридниот притисок“? Просто човек да не верува со што се занимаваат челните луѓе на ЕУ.

Ние пак, како некакво „трагично наследство“ на некогашна Живковистичка Бугарија – инаку и денес непрежален актуелен тренд во таа држава, „проширен“ и „надграден“ дури и со јавна ЕУ поддршка – не само што не ги научивме неопходните историски лекции, туку цели пет години се вртиме во маѓепсан лавиринт како она „геометриско чудо“ неодамна откриено близу Александрија, а за коешто велат дека води директно до гробот на Клеопатра. Зашто, дали, на пример, (ре)отворањето на (уште) еден бугарски културен центар, овојпат „државен“ – како да е тоа нешто различно од оние другине, „приватнине“ – и по тој повод јавно изречената вулгарна флоскула дека „Македонија е втора бугарска држава“ односно дека Бугарија е од Црно море до Охрид, е некакво изненадување, или ново чудо? Веројатно не е, но впрочем, во македонско-бугарската констелација на развојот на односите, веќе ништо не е чудо, уште помалку е – чудно.






Не е затоа што сега и културата (во потесното значење на поимот), која што држеше некаква квалитетна „дистанца“, сега приземно ја инволвираат и треба да глуми мост помеѓу државите. Но каков мост, и зошто мост, ако всушност станува збор за – една држава, или за еден народ во две (вештачки поделени) држави? Дали тоа треба да ни го навести и „изложбата“ насловена „Заедно“, можеби да нѐ потсети, или дури убеди, дека границите се навистина вештачки? И државните, но и културните? И зошто е потребна граница во една држава, и во една – заедничка? – култура?! Што пак е (речиси) нормално зашто ако имате еден народ, еден јазик, една историја…, логично е да имате и – една култура, нели? И тоа ќе го демонстрирате со пригодни заеднички изложби, се разбира, склепани само за тој смислен повод.

За жал, не е некоја голема новост дека културата и уметноста често биле злоупотребувани во секакви цели. Сега – во „заеднички“, добрососедски, еднодржавни, еу-интегративни…! Иако сум сигурен дека барем неколкумина македонски уметници кои прилично добро ги познавам, никогаш не би се согласиле да бидат дел од ваква памфлетска „изложба“, и по таков повод. Зашто, во што се тоа „заедно“ овие уметници? Во нивниот уметнички израз, концепт, разбирањето на уметноста? Во нивната политичка, добрососедска, еднодржавна… припадност? Во нивната „културна“ мисија, подметната на ваков начин? И со таков назив?

И повторно ли ние сме тие кои докажуваат некакво „заедништво“, кооперативност, дружељубивост, културност? Зашто, со вакви безобразно импровизаторски изложби ние не докажуваме ништо, освен само сопствената глупост, насилието кон културата и уметноста, а особено непочитувањето кон (инструментализираните) македонски творци.

А впрочем, само пред месец дена, повторно во Скопје, беше отворена уште една изложба, се разбира бугарска, насловена „Дипломатија и уметност“ (sic!). Што веројатно сака да рече дека ете, сега, и уметноста се вклучува во дипломатските напори за „спојување“ на двете братски земји, на двата братски народи. Симнале комшиите неколку слики од ѕидовите на Министерството им за надворешни работи и направиле – изложба! А во Куманово, повторно изложба, но овојпат – „Без дистанца“! Што пак со овој наслов сакаат да кажат? Без која/каква, без чија дистанца?

Останува само едно нејасно: кој смислува вакви глупости, кој, и каков е тој ум што смета дека со вакви петпарачки, дилетантски и до зла бога анахрони „изложби“ може да се постигне каков и да е резултат или напредок во културната соработка? Или дека ќе го сопре „хибридните опструкции“?

Не гледам смисла во тоа да потенцирам дека македонската и бугарската современа култура се две сосема различни нешта, развивани во дијаметрално спротивставени услови и со крајно дивергентни резултати. Но, тоа во овој миг можеби и не е многу важно бидејќи културата и уметноста сепак – ќе прости Делчев – не се спортски натпревар. Но културата, на времето, била присутна во сите разговори помеѓу македонските и бугарските раководства во минатото, особено на средбите на Живков и Црвенковски.

И уште тогаш била констатирана потребата од поголема взаемна присутност на културата во двете држави, особено на планот на преводната литература, слободната циркулација на печатот итн. И секогаш, по правило, сѐ останувало само на зборови. Сосема слична е ситуацијата и по 1991 година, иако и тогаш Македонија покажувала поголема иницијатива за културна соработка, особено со поканување на бугарски уметници во македонските ликовни колонии, изложбите на Недко Солаков и Кристо во Музејот на современата уметност, присуството на Теодосиј Спасов на македонските музички манифестации, и – отприлика толку. „Инцидентното“ гостување во 2018-та година на т.н. Требенишко злато (инаку украдено од Македонија во 1918 г.) во Археолошкиот музеј во Скопје е безмалу единствена значајна изложба од страна на источниот сосед. Но и таа практично „избоксувана“ после прилично мачни преговори! Македонското пак културно присуство во Бугарија, освен она во рамките на програмата на Македонскиот културен центар во Софија, не е вредно за спомнување.

И сега, после оваа (не)културна инвазија замислена како сплавче помеѓу двете култури – или можеби некако поинаку, којзнае?! – ќе се отворат ли портите Сезамови и ќе протече ли културата во двата правци? Како што (не) потече ни во правецот Македонија-Грција, и обратно, после „Преспанскиот договор“, иако дел од договорот инсистира на таква соработка?!

За жал, или за среќа, меѓудржавната соработка во таква чувствителна област каква што е културата, не се одзива на полуписмени државни декрети и импровизаторски испрдоци на нивните министерства за култура. Културната соработка не милува ни паезанско милје, уште помалку непријатно – да не речам непријателско – опкружување. Ниту пак сериозно може да биде поттикната со формални документи наречени договори за културна соработка.

Од друга страна, ние немаме целосни објективни податоци за состојбите во бугарската култура, но затоа ги гледаме маките на македонската, од сите аспекти (кадровски, материјални, вредносни…). Ние од ден во ден тонеме во некултурна провинциска бездна, партиските војници ги јадат културните фондови а простотилакот царува во културната јавност. Од македонската култура не останува ни камен на камен односно вредност врз вредност, не пак човек да размислува за некакви меѓународни перспективи. Ние одамна немаме културни потенцијали за такви ѕвездени дострели. Затоа и се прпелкаме со вакви прикрпени изложбички и со луѓе кои не разбираат подалеку од својот нос!

Поврзани содржини