ПУЦКО ПЕТРОЛ ЗА 27 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ГО СНАБДУВА ЈСП СО ДИЗЕЛ Советниците на СДСМ тврдат дека цените се надуени
Директорот Стојковски ги негира тврдењата дека ЈСП ќе купува дизел по цена од 100 денари за литар, плус ДДВ, или вкупно 118 денари за литар, што е мнгу повеќе од ценaта на дизелот на бензинските пумпи.
Јавното сообраќајно претпријатие склучи договор тежок 27 милиони евра за набавка на дизел гориво за наредните две години од компанијата Пуцко Петрол, тврдат советници на СДСМ од Град Скопје. Според договорот 14,5 милиони литри дизел гориво ЈСП ќе купи по цена од 100 денари за литар, плус ДДВ, или вкупно 118 денари за литар. Цената, пак, на дизел-горивото на бензинските пумпи во моментов изнесува 86,5 денари за литар, или е за 31,5 денари пониска од таа што е предвидена со договорот, тврдат тие врз основа на Договорот кој го имаат.
– Ова е класичен пример како се испумпуваат пари од граѓаните и пример како Јавното претпријатие влегува во загуба. Каде завршува разликата од реалната цена и цената утврдена во Договорот која е далеку повисока? Одговорност за овој класичен пример на расипничко трошење на народните пари треба да понесе Управниот одбор, чии членови се главно активисти и членови на ВМРО-ДПМНЕ – изјави Гордан Шутаров, член на Советот на Град Скопје од редовите на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение обвинија дека директорот на ЈСП, кој го потпишал тендерот од 27 милиони евра, е кадар на СДСМ, поставен од Арсовска.
– Директорот на ЈСП е кадар на СДСМ, за тоа сведочат и фотографиите на Александар Стојковски во штабот на СДСМ. Тој е на Ковачевски и Зечевиќ, назначен од Арсовска. Тоа е тајната коалиција СДСМ – Арсовска – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Директорот на ЈСП Александар Стојковски за ТВ 24 демантираше дека ЈСП ќе плаќа 118 денари за литар дизел, како што обвинија советниците од СДСМ.
– Невистина е дека ЈСП Скопје за литар гориво плаќа 100 денари плус ДДВ. Во договорот е јасно прецизирано дека цената се утврдува колку што изнесува истата на дневно ниво, определена од РКЕ – изјави Стојковски.
За тендерот се заинтересира и Државната комисија за спречување корупција и криминал. Оттаму изјавија дека ќе го разгледуваат случајот и ќе решат дали да отворат предмет.