Паезанско милје
Оние кои ги читале мемоарите на Тодор Живков од 1993 година, или (како јас) само некои поинтересни делови, не може а да не забележат дека тој човек, по личниот пад но и реалниот распад на социјалистичкиот идеал во 1989 година, континуирано ги менувал некогашните тврдокорни комунистички ставови.
Многумина ќе речат дека кога веќе и македонските национални електронски медиуми подмолно, потпирајќи се на (квази)гласноста за „објективно информирање“ и „да се чуе и другата страна“, сервираат нови „историски вистини“, лични „ревизии“ и политикантски „толкувања“ на осведочени лажговци и полуписмени криминалци, тогаш нештата тргнале во очигледна насока. И не (ќе) можете да им реплицирате бидејќи, прво, аргументите веќе не играат никаква улога, и второ, јасно е дека текот на тие нешта во Македонија, вклучувајќи ги тука особено и „дипломатските“ екскурзии на редица ЕУ официозуси, просто „блештат“ со најпростата пиперкарска логика на купи-продај сѐ, па ако треба и – државата.
Некој можеби ќе приговори дека таквата сељачка логика е всушност рбетот на денешната политичка мисла, во светот и кај нас, со што јас не би се согласил. Политиката е сепак нешто друго, како што и историјата е нешто дијаметрално различно од бајковитите испрдоци на разноразни љуБчовци, дореани и остала боранија, кои во ионака суровава реалност внесуваат нови смутови. Со нечија дозвола, се разбира. За жал, тоа паезанско милје го пополнуваат и едно чудо наводно учени луѓе, сега престорени во глувчиња исплашени за своите долгогодишни (лични и семејни) стекнати позиции.
Други пак, кои сакаат да се смешаат во привилегиите со првиве, јавно делат србофобни етикети и бугаромилни бакнежи низ текстови и интервјуа, бладаат за минато што го „познаваат“ од преданијата на бабите им и дедовците, а едно чудо абонентни шарлатани прогласуваат за неподобен секого кој не е со власта итн. И сето тоа многу (повторно) ме потсетува на спомнуваната паезанска политика на оној од кого почна современото разгорување на т.н. „македонско прашање“ како шлагворт за бескрајните малоумни тиради на македонскиве некреативни подлизурковци и регионални лажговци.
Оние кои ги читале мемоарите на Тодор Живков од 1993 година, или (како јас) само некои поинтересни делови, не може а да не забележат дека тој човек, по личниот пад но и реалниот распад на социјалистичкиот идеал во 1989 година, континуирано ги менувал некогашните тврдокорни комунистички ставови. И тоа било забележано од многумина во Бугарија. Веќе од таа година Живков пишува за сомнежи, за бедниот живот во СССР, за ускратувањето на човековите права во првата социјалистичка земја и слично. Речиси и да нема тема каде неговите „нови“ ставови не се во евидентен конфликт помеѓу неговото делување додека бил на власт и мислењето по падот!
Главниот проблем за сите негативности на социјалистичкиот систем, особено на оној практикуван во СССР, тој го резимира во една реченица: „Той, уви, се коренеше главно в системата…”, односно „Тој, за жал, беше вкоренет главно во системот…“. Но, само на една тема неговото мислење останува непроменето: онаа за „македонското прашање“. И тоа повторно го резимира во една констатација: „Известно е Георги Димиров, Васил Коларов и Трайчо Костов приеха това, за което Сталин и Тито се бяха договорили – шовинистичната теза на сръбските националисти за „македонската” нация“ односно дека „Извесно е дека Георги Димитров, Васил Коларов и Траичо Костов го прифатиле тоа тоа коешто Сталин и Тито го беа договориле – шовинистичката теза на српските националисти за ’македонската’ нација“.
И сега, оние кои би сакале подетално да се занимаваат со неговите ставови по ова прашање, ќе се најдат во чудо. Како, на пример, една советска (Хрушчовска) инсталација говори против СССР, или тоа го прави само за да биде „на линија“ со новата политика и да го оцрни Сталин? Веројатно. Но од каде сега Македонците се „инсталација“ на српските националшовинисти? Зошто на Србија би ѝ одговарало да измислува нова нација во Македонија кога комотно може(ла) да нѐ прогласи за Срби од Вардарска бановина? Но, интересно како налудничавава Живковистичка теза неверојатно се поклопува – случајно? – со некои денешни србофобни „ставови“ на одделни македонски млади политикант(к)и за српските влијанија/намери/политики овде, нели. Што се приказни за мали деца, од мали деца, се разбира!
Како и да е, од априлскиот пленум на ЦК на БКП (2-6 април 1956) започнуваат јавните антимакедонски прозивки и пораки од Живков: „въобще в нашата страна македонска националност няма, нито в Пиринския край, нито някаква друга македонска националност“! Јас се извинувам што (повторно) го давам текстот во оригинал на бугарски јазик, но мислам дека така ефектот на простаклакот е – поголем! Мојот превод би бил само бледа копија на кажаното бидејќи, едноставно, не сакам да „ракувам“ со тој странски јазик. Сепак, мислам дека во глобала текстот е разбирлив. И понатаму: „след като бях издигнат за първи секретар на партията и особено за председател на Министерския съвет, аз се заех да разчистя това трагично наследство”.
Трагичното наследство сме – ние! Од тогаш па до 1991 година, лагата, манипулацијата и простаклакот царуваат во бугарската паезанска политика во однос на Македонија. За да, потоа, накратко се притаи односно да се обвитка со нов камелеонски костум низ признавањето на самостојноста и независноста, со лагите за добрососедство итн. И нашиве политиканти – наседнаа. Или не? Или некој овде точно знаеше како ќе се развиваат нештата? Државниот врв на „нашата земја“, овој или некој друг, ќе мора бргу да одговори на многу прашања во односот на сервираните лаги во изминативе пет години, барем за „источното прашање“! А тоа, можеби, ќе ги натера Ковачевски, Османи, Пендаровски и компанија малку да размислат за нештата?
Зашто, ако паезанот Живков како некогашна инсталација на СССР бил неопходен како „маша“ на Балканот, чии инсталации се денешниве негови наследници, во Бугарија, но и кај нас? И чии „маши“ се? Ако „политиките“ на Живков биле резултат на Студената војна, чиј резултат се Каракачанов, Трифонов, Захариева, Јотова…, но и нашиве „гарнитури“? „Хитовите“ на еден Каракачанов, или Трифонов („… ако ги погледнеме фактите, има разлика меѓу нас и Грците. Тие ги натераа Македонците да си ја прекрстат својата држава од Македонија во Северна Македонија, а ние ги пуштивме да се кандидираат во Европската Унија, иако секојдневно нè пцујат, навредуваат и злоставуваат на секаков начин“), не се ни за милиметар пославни од некои од бугарофилните „хит-мејкери“ на нашава политикантска сцена. Не само преку нивните изјави, интервјуа и слични будалаштини, туку низ целокупното нивно паезанско однесување во политиката!
Односно, би рекол, прашање е веќе дали баш сѐ тука може да се оправда со некакви „сељачки крила“, со неискуството и неспособноста, или станува збор за „системата“, што би рекол Живков. Зашто, како што Героски прашува за збунетоста на новата американска амбасадорка апропо само еден настан – изборот на оној јавен обвинител – мене ме чуди зарем друго ништо не ја збунува госпоѓата? Зарем полесно „сварливи“ се оние спомнувани „српски џебови“, па има(в)ме и „грчки опашки“, ќе слушаме и за „источни“ и други бисаги итн.?
И, интересно, зошто никој од ЕУ не се чуди, и не е збунет за широкава паезанска ливада по која што се расшетуваат коекакакви hillbillies?! Или за нив единствено важно е да „влезат“ Бугарите во Уставот и да тераат со „францускиот предлог“? Сега можеби не знаеме, но ќе дознаеме, кога-тогаш.
Извор: Теодосиевски уметност